Митрополитот Агатангел проповедаше за тиранска платформа, кавадарчани му вратија: Доста го дерете народот за венчавки и погреби!

by fokus 12:27
12:27

По повод празникот Свети Кирил и Методиј, во црквата Света Богородица во село Ваташа, Кавадарци, се одржа света литургија на која проповедаше митрополитот на вардарската епархија, Господин Агатангел.

Пред присутните ваташани, владиката освен што се осврна на значењето на браќата просветители, одржа и мала лекција за таканаречената тиранската платформа, па неговиот црковен говор повеќе прилегаше на партиски митинг.

- Advertisements -

,,Сите се боревме за независна унитарна Македонија. Сите ви ветуваа дека така и ќе остане, и го молиме Господ Бог така да биде, како што е сега. Да се почитуваме, да се сакаме, да ја отфрлиме тиранската платформа, да не се поклонуваме на туѓи платформи и на туѓи богови. Немојте да дозволите, ве молам од ова свето место, таа тиранска платформа да се протне низ нашите семејства, затоа што тоа е злото, тоа е пропаста на Македонците!”- им порача владиката на верниците, од кои што дел го слушаа во чудо, изненадени од неговиот говор.

Набргу потоа, како реакција на обраќањето на митрополитот повардарски Агатангел, до повеќето локални медиуми во Кавадарци беше доставено отворено писмо од читател, кое што ви го пренесуваме во целост:

„Владико Агатангел, ти си срам за христијанството и за сите верници. Зборуваш за некаква тиранска платформа и за заканата од неа, но не кажа ниту збор осуда за милионите украдени народни пари од страна на досегашната владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Не кради, не лажи, не убивај се основните божји заповеди и вредности врз кои почива христијанството. Токму затоа, наместо да шириш националистички лаги и пропаганда измислена од центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ, требаше да кажеш збор-два за следново:

– Како тоа ВМРО-ДПМНЕ е најбогата партија во Европа (над 60 милиони евра капитал), а македонскиот народ е најсиромашен во Европа?

– Како тоа ДПМНЕ си изгради замок (партиско седиште) кое чини 9 милиони евра? Од каде им се тие пари владико Агатангел?

– Како тоа почина малата Тамара бидејќи владата не сакаше да даде 30.000 евра за операција, а од друга страна истата таа влада на ДПМНЕ потроши 500.000 евра само на палми кои оваа зима се исушија?

– Како тоа се потрошија преку 600 милиони евра пари на народот, за споменици и фасади, а минималната плата во Македонија е само 9.500 денари?

– Како тоа лозарите од Тиквешијата сеуште немаат видено ниту денар од предаденото грозје од минатата година, а од друга страна раководството на ДПМНЕ си изгради приватни палати на Водно, во Зелениково и каде уште не?

– Како тоа народот едвај сврзува крај со крај, а вие го дерете секогаш кога можете, при венчавки или погреби? Како тоа народот сиромашен, а вие се возите во најскапи џипови од стотици илјади евра?

Има уште многу многу работи да редам овде владико Агатангел…

Твоето лицемерие владико Агатангел нема крај…. Те молам веќе не се појавувај во Кавадарци. Доста ни се лагите и пропагандата која изминативе 11 години ги ширеа медиумите на режимот. Доста ни е од омраза, од национализам, од нетрпеливост, од војни…

Поделбата на Македонија е само во вашите глави и болни умови. Македонија ќе биде унитарна и сплотена како никогаш досега! Македонија ќе биде едно општество за сите!“ – се вели во отвореното писмо.

Вики Клинчарова

 

 

 

Поврзани новости