МИТОВИ ЗА 5G ТЕХНОЛОГИЈАТА

by Fokus

МИТ #1: КОВИД19 се шири преку 5G мрежата

ФАКТ: КОВИД19 неможе да се шири преку 5G мрежата

5G мрежите започнаа да се појавуваат во градовите и земјите во 2018 година, но нивната поширока примена започна во 2019 година – истата година кога се појави првиот случај на коронавирус во Вухан, Кина, пишува F2N2. Теоретичарите на заговор бргу ги поврзаа овие две работи и, врз база на лажни вести, формираа движења за стоп на 5G мрежата во голем број земји.  Но, коинциденцијата на настаните не значи и постоење на причинско-последична врска помеѓу нив.

Вирусите не можат да патуваат преку емисија на радио-бранови. КОВИД-19 се шири и во многу земји кои немаат 5G мобилни мрежи. КОВИД-19 се шири преку респираторните капки кога заразено лице кашла, кива или зборува. Луѓето исто така можат да бидат заразени ако прво допрат загадена површина, а потоа ги допрат очите, устата или носот.

МИТ #2: 5G е тајно активиран во Северна Македонија

ФАКТ: 5е сеуште во експериментална фаза во Северна Македонија

Тврдењата за наводно активирање на 5G мрежата во Северна Македонија, како и за нејзиното штетно влијание по здравјето на граѓаните, беа демантирани од страна на Министерството за информатичко опшество и админстрација (МИОА) и Македонски телеком на 28 март 2020.

Во демантот на МИОА, објавен на нивната веб-страница, се наведува дека “во нашата држава нема пуштено во употреба 5Г мрежа”. Дополнително, ги информираaт граѓаните дека “надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фрекфенции за 5Г мрежа. Оттука, сите грижи за ефектите од 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните се неосновани.”

Во своето соопштение, Македонски Телеком најодговорно тврди дека “нема 5G мрежа во употреба”. Истотака, од Македонски Телеком посочуваат дека “досега е направено прво демо во 2018 и вршени се тестирања за функционирање на оваа нова технологија само во лабораториски услови и на мал ограничен простор во 2019 година”. На крајот од соопштението се наведува дека “Агенцијата за електронски комуникации редовно врши мерења за нејонизирачко зрачење и оти во декември лани се направени тестирања на пробната 5G инсталација, при што е констатирано дека вкупното зрачење на ограничениот простор за 5G тестирање е далеку пониско од максимално дозволените граници”.

МИТ #3: Не ни е потребен 5G, доволен ни е 4G

ФАКТ: 5значително ќе го олесни животот на луѓето

5G е следната генерација (5-та генерација, оттаму и кратенката) на технологија за безжична комуникација која се очекува да го промени начинот на кој луѓето живеат и работат.

5G мрежата може да се изгради на различни начини, од бранови со различна бранова должина: висок, среден и низок опсег.

Милиметарските бранови со висока фреквенција имаат висок опсег кој им овозможува да пренесуваат повеќе податоци во густо населени урбани средини, но бараат базните станици да бидат инсталирани во близина, и истите имаат ограничена моќ на продирање/пенетрација во објектите.

За разлика од високо-фреквентните, средно-фреквентните бранови овозможуваат поширока покриеност и објектите не им претставуваат голема пречка.  Но, голем дел од опсегот на овие бранови е веќе во употреба, така што во овој опсег нема многу простор за развивање на 5G.

Ниско-фреквентните бранови патуваат подалеку од другите бранови – достигнувајќи растојание од над стотици квадратни километри – и можат да поминуваат низ повеќе пречки, обезбедувајќи подобар и посигурен сигнал, како во отворен, така и во затворен простор.

Source: T-mobile.

5G мрежата ќе биде многу побрза од постоечките 3G и 4G, и ќе овозможи поврзување на повеќе уреди од постојните мрежи, подобрувања што ќе овозможат развој на нови видови на технолошки производи. Безжичната мрежа 5G овозможува симнување и прикачување на повеќе големи документи истовремено, филмови, воспоставување видео-повици со неверојатна брзина и квалитет. Наоѓа голема примена во речиси сите области на човековото делување, како што се индустријата, медицината, одбраната итн. На пример, со помош на 5G мрежата, во Кина се изведе првата операција за отстранување на црн дроб од животно на оддалеченост од 50 километри.

МИТ #4: 5технологијата е штетна по здравјето на луѓето и животната средина

ФАКТ: Не постојат ризици по здравјето од користење на 5мрежата.

Во однос на потенцијалното влијание на 5G мрежата врз здравјето на луѓето, Светската здравствена организација (СЗО) во континуитет го следи и испитува влијанието на безжичните технологии врз здравјето на луѓето. Врз основа на досега направените анализи и истражувања, меѓу другото, на нејзината веб-страница СЗО ги има објавено и следните информации за 5G:

“…До денес, по извршени многубројни истражувања, не е пронајден ниту еден штетен ефект по здравјето кој би бил предизвикан од изложеност на безжични технологии.

 Нивото на изложеност на радиофреквенции од сегашните технологии резултира во занемарлив пораст на температурата во човечкото тело. Како што фреквенцијата се зголемува, така се намалува пенетрацијата во телесните ткива  и апсорпцијата на енергијата сè повеќе се ограничува на површината на телото (кожата и окото). Имајќи предвид дека целокупната изложеност е под границата утврдена со меѓународни упатства, не се очекуваат последици по јавното здравје…”

Постојат два типа на зрачење, јонизирачко и нејонизирачко зрачење.

          а) јонизирачко (штетно) зрачење

СЗО го дефинира јонизирачкото зрачење како зрачење со доволно количество на енергија која при интеракција со атом предизвикува отстранување на цврсто врзани електрони од орбитата на атомот, што резултира со полнење или јонизирање на атомот.

 

     б) нејонизирачко (нештетно) зрачење:

Нејонизирачко зрачење е термин кој се однесува на зрачење во делот на електромагнетниот спектар кое што нема доволно енергија за да предизвика јонизација. Вклучува електрични и магнетни полиња, радиобранови, микробранови, инфрацрвени зраци, ултравиолетови зраци и видливо зрачење.

Брановите со поголема бранова должина, а со пониска фреквенција (топлински и радио бранови) имаат помалку енергија за разлика од брановите со помала бранова должина, а со поголема фреквенција (Х и гама-зраци). Не е секое електромагнетно (ЕМ) зрачење јонизирачко. Само високо-фреквентниот дел од електромагнетниот спектар, кој ги вклучува Х и гама-зраците, е јонизирачки.

Source: CNET.com

 Дел од фреквенциите кои ќе ги користи 5G се веќе постоечките фреквенции на 4G, а тоа се 900 MHz, 1800 MHz, 2.6 GHz и 3.5 GHz. Покрај тоа, во иднина ќе се користат и фреквенциите во опсег од 24 GHz до 40 GHz, а се очекува најмногу да се користи опсегот од 25 до 30 GHz. Тоа што најмногу ги загрижува граѓаните се највисоките фреквенции од 80-100 GHz, но тие веројатно нема да бидат употребени за широка потрошувачка (mainstream), односно 5G ќе се движи во опсегот од 24 до 40 GHz. За илустрација, веќе постоечките 5G мрежи во САД се далеку под максималното дозволеното ниво на зрачење, а во Велика Британија тие изнесуваат 1.5% од максимално дозволеното ниво.

Оттука, можеме да заклучиме дека 5G технологијата користи нејонизирачки зраци кои немаат доволно енергија за да предизвикаат штетни последици врз здравјето на луѓето.

МИТ #5: Западните земји ја забрануваат 5G мрежата поради штетното влијание врз здравјето

ФАКТ: 5мрежата е активна во 25 земји во светот.

Првата фаза од развојот на 5G мрежата е тестирање во затворен простор, како и на ограничен отворен простор. Доколку тестирањето е успешно, процесот на инсталација на 5G мрежата минува низ 5 фази:

  1. Распоредување на инфраструктурата и мрежните функции;
  2. Режење на мрежи, автоматизација и поврзување;
  3. Сервери за апликации и MEC;
  4. Безбедно распоредување.

Првите лабораториски тестирања на 5G мрежата се направени во Велика Британија во 2012 година, за чија цел бил формиран и Центар за 5G иновации, а првите тестирања на терен се направени во 2017 година во Лондон. Од тогаш, државите се во постојана трка за имплементација на 5G мрежата. Во продолжение, временска рамка на функционални 5G мрежи по земји:

Извор: разни извори.

5G мрежата е активна во повеќе од 25 земји во светот. Имено, 5G мрежите се очекува да генерираат 13,2 трилиони американски долари во светската економија до 2035 година. Во продолжение приказ од петте индустрии кои би имале најголема корист од 5G мрежата.

Извор: Visual Capitalist

Првите тестирања на терен на 5G мрежата во САД се направени кон средината на 2016 година, а пробната 5G мрежа беше пуштена во 2017 година. Но, за првпат 5G мрежата стана функционална во декември 2018 година, a вкупно 4 оператори нудат услуги кои ја покриваат речиси целата територија на САД со 5G мрежа. За илустрација, само Т-мобиле покрива над
5,000 градови
 во САД.

Во 2016 година, кинеската влада соопшти дека се направени првите тестирања на 5G мрежата во 100 градови. Во Кина,  првата пробна 5G мрежа е инсталирана во февруари 2018 година во централната провинција Хубеи.  Главен град на оваа провинција е градот Вухан (Wuhan), од каде се претпоставува дека започна да се шири корона-вирусот. До крајот на 2018 година,  само во Вухан биле поставени вкупно 31 базна станица.  Но, 5G мрежата стана функционална на 1 ноември 2019 година покривајќи вкупно 50 градови, а севкупна комерцијална употреба се очекува во текот на 2022 година. Во услови на пандемија, од кои Кина е една од најпогодените земји, кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија (МИИТ) објави дека ќе им даде поддршка на операторите во зголемувањето на капацитетите за покривање со 5G мрежата. Еден од најголемите телекомуникациски оператори, Телеком Кина, досега има поставено околу 75.000 функционални антени, а планот е до крајот на оваа година тој број да достигне вкупно 300,000 функционални 5G антени.

На што се должи ваквата одлука, и зошто кинеската влада му дава приоритет на ова прашање во услови кога цел свет се бори за справување со пандемијата и економските последици поврзани со неа, останува енигма.

Во Русија, 5G мрежата за првпат беше тестирана за време на одржувањето на Светското првенство во фудбал.  Пилот тестот бил спроведен од страна на рускиот телекомуникациски оператор “МегаФон”, со помош на 5G опрема од Нокиа. Интересно е тоа што, после одреден период, МегаФон потпишува договор со Хуавеи за развој и имплементација на 5G стандарди во Русија, иако уште во 2014 година овие две компании потпишаа договор за соработка за воведување на 5G мрежата во Русија. Прашањето кое се поставува е зошто МегаФон ја отфрла Nokia и продолжува соработка со кинескиот Хуавеи? Првите функционални 5G антени во Москва се поставени на 8 август 2019 година, од страна на Ериксон, во соработка со Теле2. Освен во Москва, не постојат податоци за тоа во кои други градови се инсталирани функционални 5G антени. Предвидувањата се дека до 2025 година операторите во Русија ќе можат да пружаат 5G услуги за 80% од населението.

Во Велика Британија, првите лабораториски тестирања на 5G мрежата се направени во 2012 година, за чија цел и бил формиран Центарот за 5G иновации, а првите тестирања на терен биле извршени во 2017 година во Лондон. На 30 мај 2019 година, британскиот телекомуникациски оператор ЕЕ ги пушти во употреба првите функционални антени на 5G мрежата. Во Велика Британија, вкупно 4 оператори нудат услуги на 5G мрежа (ЕЕ, 02, Три (Three) и Водафон) кои заедно покриваат вкупно 12 региони.

Во Јужна Кореја, уште од 2012 година се применува специјализирана програма за истражување и имплементација на 5G мрежата, а првите тестирања биле направени во февруари 2018 година за време на одржувањето на Зимските олимписки игри во Пјонгјанг. Во декември 2018 година, пробни тестирања на отворено се направени во Сеул. На 3 април 2019 година, 5G мрежата во Јужна Кореа станува функционална. Најважно да се спомене е дека Јужна Кореја е првата земја во светот која успешно спроведе 5G пренос на податоци со сателитска врска, т.е. воспостави сателитска врска со 5G. Јужна Кореја поседува вкупно 5 телекомуникациски сателити, со кои би можела да покрие 60% од Земјината површина со 5G мрежа.

Тоа што е евидентно овде е технолошката трка помеѓу два блока. Едниот е Вашингтон, а другиот блок се Москва и Пекинг. Согледувајќи дека се далеку зад Вашингтон и неговите сојузници (Западниот свет), Русија и Кина ги здружуваат силите за да можат да ги зајакнат капацитетите и да фатат чекор со Вашингтонскиот блок. Во таа насока, ширењето на дезинформативните кампањи за штетното влијание на 5G мрежата врз здравјето на луѓето и животната средина во западните земји, кои имаат за цел забавување на процесот на имплементација на 5G, особено во САД, им оди во прилог само, и исклучиво на Русија и Кина. Како резултат на тоа, голем број на луѓе поднесуваат петиции за стопирање на 5G мрежата во своите земји, протестираат и формираат движења под максимата за заштита на луѓето и животната средина. Истите тие, не само што се жртви на лажните вести, туку продолжуваат и да ги шират дезинформативните наративи преку социјалните медиуми. Тоа што е евидентно е дека додека Русија спроведува интензивна дезинформативна кампања во западните земји, заедно со Кина се обидува да го преземе  лидерското место во имплементација на 5G мрежата на светско ниво.

При ширењето на лажните наративи, Швајцарија беше една од државите која се користеше како “пример” за наводното отфрлање на 5G мрежата. Најпрвин, во својот текст објавен на 12 февруари 2020 година, Фајненшл тајмс објави дека Швајцарија ја стопира примената на 5G поради здравствени проблеми. Веднаш потоа, на 13 февруари 2020, пристигна експресен демант од Федералната канцеларија за животна средина (Federal Office for Environment) во кој се вели дека во писмото кое тие го испратиле до сите 26 кантони е наведено дека истите може да продолжат со издавање на дозволи за адаптивни антени за 5G се додека не е одобрена помошта од Федералната канцеларија за адаптивни антени. Да подвлечеме, до денот на објавување на оваа статија, само четири од вкупно 26 кантони во Швајцарија (Вауд, Женева, Нојшател и Јура) одлучија да ги суспендираат овластувањата за нови 5G мобилни антени, сè додека владата не го објави извештајот за нивната безбедност. Според системот на управување во Швајцарија, кантоните ја лиценцираат телекомуникациската инфраструктура, но централната власт во Берн има целосна одговорност за нејзината рамка. Со други зборови, швајцарските кантони немаат законски овластувања еднострано да наметнуваат мораториум за инсталирање на 5G мобилна комуникациска мрежа. За илустрација, само телекомуникацискиот и интернет оператор Свиском испорачува 1Gbit/s 5G мрежа за 90% од населението.

На 17 јуни 2019 година Ф2Н2 објави анализа во која напомена дека кантонот Женева го стопира процесот на поставување на 5G антени, а горенаведеното се однесува на последните случувања на ова поле во Швајцарија после датумот на објавување (17 јуни 2019).

Крајно, но не и последно, беа објавени голем број на лажни вести за инсталацијата на 5G мрежатa во Словенија. Првиот семинар за 5G пилот проект во Словенија се одржа во Будимпешта на 3 јули 2018 година. На 19 декември 2019 година, групацијата А1 телеком Австрија ја пушти во употреба првата пробна базна станица со 5G мрежа во Словенија. На почетокот на јануари 2020 година, државната Агенција за телекомуникациски мрежи и услуги (АКОС) одржа консултативен состанок за спроведување на аукции за доделување на лиценци за 5G спектарот, а истовремено пред зградата на АКОС околу 50-ина луѓе протестираа за стопирање на постапката за издавање на лиценците. Поранешниот министер за јавна администрација, Руди Медвед, сметаше дека граѓаните со право се загрижени и поради тоа организираше јавна дебата со експерти од разни области заради утврдување на влијанието на 5G мрежата врз здравјето на луѓето и животната средина. На барање на поранешниот министер Медвед, владата на Словенија ја повлече од својата агенда стратегијата за доделување на лиценци од 5G спектарот, изготвена од Регулаторната агенција за телекомуникациски мрежи и услуги (АКОС). Важно е да се напомене дека постапката за имплементација на 5G мрежата не е стопирана, туку е одложено усвојувањето на агендата и датумот за спроведување на аукција за доделување на 5G лиценци. На 13 март 2020 година, функцијата министер за јавна администрација ја презеде Боштјан Коритник, а веднаш потоа група на граѓани поднесоа петиција до министерот Коритник во која бараат за да се забрани воведувањето на 5G мрежата во Словенија, без дополнително да се истражи нејзиното влијание врз здравјето на луѓето и животната средина.

Од друга страна, заменик помошникот секретар на САД за сајбер и меѓународни комуникации и информатичка политика, Роберт Стрејер, ја истакна дека е важно Словенија самостојно да одлучи за кој оператор ќе се определи, но препорача спроведување на сите безбедносни мерки за безбедна комуникација со цел заштита на чувствителните податоци. Осврнувајќи се на кинескиот оператор Хуавеи, Стрејер истакна дека „Кина нема независно судство, владеење на правото и всушност има национален закон за разузнавање од 2017 година, со кој се бара сите субјекти во Кина да ги почитуваат овластувањата на разузнавачките и безбедносните служби“. Поради тоа, од голема важност е да се избере вистинскиот оператор бидејќи интероперабилноста и меѓусебната соработка на НАТО-сојузниците може да биде нарушена поради фактот што тие нема да можат да споделуваат одредени информации преку комуникациските мрежи поради стравувањето дека истите би можеле да бидат компромитирани, што дополнително ќе го отежни процесот на делување и брз одговор на НАТО.

МИТ #6: Република Северна Македонија мора да ја имплементира 5G мрежата, како услов за членство во НАТО

ФАКТ #1: ГенСек Столтенберг никогаш не изјавил дека имплементацијата на 5е услов за членство.

Во својата изјава дадена за Гласот на Америка (Voice of America) на 15 ноември 2019 година, генералниот секретар Столтенберг меѓу другото зборуваше и за 5G. Во својата изјава, Столтенберг истакна дека НАТО неодамна ги ажурираше основните барања за телекомуникациската и цивилната инфраструктура, кои, меѓу другото, ја вклучуваат и 5G мрежата. Овие измени се направени со цел да се овозможи непречено функционирање на безбедна и сигурна критична инфраструктура во мир, во кризна состојба, и секако во конфликт. Овие барања мора да бидат исполнети од страна на сите сојузници.

Оттука, сите земји кои сакаат да бидат дел од НАТО мора да ги исполнат критериумите на НАТО, а еден од нив предвидува дека која било мрежа за комуникација, вклучително и 5G, мора да ги исполнува безбедносните стандарди на НАТО, бидејќи постоењето на безбедносни канали за комуникација е од круцијално значење за сојузниците. Понатаму, тој додава дека воените операции и силите на НАТО зависат од цивилната инфраструктура, од патишта, мостови, аеродроми и подводни телекомуникациски мрежи кои ги поврзуваат двете страни на Атлантикот. Поради тоа, потребно е комуникацијата да се одвива непречено, без стравување дека истата е компромитирана.

ФАКТ #2: Република Северна Македонија стана 30та членка на НАТО.

На 27 март 2020 нашата земја стана 30-та земја-членка на НАТО, и притоа нема имплементирано 5G на ниво на држава. Стандардите за безбедносна комуникација со сојузниците беа исполнети уште во претпристапната фаза, во спротивно Северна Македонија не ќе можеше да стане полноправна членка на НАТО. Дополнително, од сојузниците, вклучително и од Северна Македонија, се очекува да инвестираат за унапредување на безбедносните комуникациски системи и, доколку се донесе одлука за воведување на 5G мрежа, таа ќе мора да ги исполнува безбедносните стандарди за комуникација на НАТО.

Заклучок

Овие лажни наративи започнуваат да се шират на 25 март, а својот врв го достигнуваат на 27 март 2020 година, денот кога Република Северна Македонија стана 30-та полноправна членка на НАТО. Намерата е јасна – дефокусирање на јавноста од тој важен момент и создавање на чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Тоа што треба да се запомни е дека нејонизирачките зраци не се штетни за здравјето на луѓето и животната средина, и оттука, 5G мрежата нема да предизвика штетни последици врз здравјето на луѓето.

м-р Елмас Хасановиќ – Проектен координатор на Инфо-центар за евроатлантски интеграции

F2N2.mk

Поврзани новости