Мијалков во извештај за организиран криминал: Не пријавил недвижнини од два милиона долара додека бил шеф на УБК

by Frosina Fakova

Сашо Мијалков, додека бил шеф на тајната полиција во Владата на Никола Груевски, не пријавил средства и имот, вклучително и недвижнини во вредност од околу два милиона долари, открива најновиот извештај на Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал, кој, меѓудругото, се фокусира на добро поврзани луѓе од Балканот во Прага, а пренесува „Гласот на Америка“.

Извештајот нотира дека неговиот татко, Јордан Мијалков, исто така, бил претставник на југословенската компанија „Макотекс“ во Прага во 1980-тите.

„Само мал дел од информациите за активностите на Јордан Мијалков во Прага можат да се потврдат“, се вели во извештајот.

Според забелешките во извештајот „таквите лица развиле добри контакти во политиката и бизнис заедницата. Фактот што позицијата на клучните луѓе од Балканот вмешани во наркотици, коцкање и недвижнини, останала релативно непроменета во последните неколку децении, сугерира дека овие играчи се чувствуваат удобно во чешкото општество поради своите контакти. И колку поетаблирани стануваат, толку подобри ќе стануваат нивните врски со локалните администрации кога станува збор, на пример, за недвижнини, јавни тендери и градежниот бизнис“.

Извештајот укажува дека една од причините зошто Чешка станала жариште за криминалните групи од Балканот е и коцкањето.

Поврзани новости