МФ: ЕУ денес одобри сто милиони евра поддршка за Македонија од пакетот од корона кризата

by Fokus

Министерството за  финансии соопшти дека денес ЕУ одобри сто милиони евра макрофинансиска поддршка за Македонија.  Од Министерството велат дека  оваа финансиска помош претставува поддршка на патот кон членство во ЕУ, поддршка за реформите и о поддршка на политиките во време на криза.

„Помошта од ЕУ претставува потврда на се она што го преземаме како политики откако претходно тоа беше потврдено и од меѓународните финансиски институции. Тоа се 100 милиони евра, со кои ЕУ го поддржува  планот на земјата во справување со енергетската криза и реформите од евроинтегративниот процес“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека тоа е резултат како што наведуваат од ЕУ на силната посветеност што Владата ја покажа во  спроведување на реформите од Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај лани.

Од Министерството за финансии соопштија дека предложената помош од ЕУ ќе се користи за покривање на финансиските потреби  во текот на 2023 и 2024, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи насочени кон фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавноприватните партнерства, деловното окружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството, како и борбата против корупцијата.

„Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на корона-кризата. РС Македонија во 2020 и 2021 година користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот“, соопшти Министерството за финансии.

Поврзани новости