МЕПСО ќе оди на арбитража со босанската „Енергоинвест“ за далноводот до Албанија

by vlatko 18:58
18:58

Државниот електропреносен оператор АД МЕПСО ќе влезе во арбитражна битка со босанската компанија „Енергоивнест“ откако предарбитражната постапка водена пред ДАБ-телото (Dispute Adjudication Board) одлучи оти македонската компанија треба да му исплати шест милиони евра на изведувачот поради едностраното раскинување на договорот за изградба на 400-киловолтен далновод од Битола до македонско-албанската граница, информира генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи.

Тој вели оти ќе одат со побарување од 19 милиони евра оти претходниот изведувач, „Енергоинвест“, во рокот предвиден за изградба на проектот, изградил само 24 темели од планираните 269 столба, што претставува само 4,4 отсто од вкупните работи.

Говорејќи за одлуката на ДАБ, Љатифи рече оти аргументите на АД МЕПСО биле отфрлени, но оти веднаш по одлуката во корист на „Енергоинвест“, била поднесена нота на несогласување.

Раководството на МЕПСО со помош на извршена анализа на договорот утврдиле фундаментални грешки во предарбитражната постапка.

-Ние бевме помеѓу две позиции. Од една страна за оваа ситуација имавме консултации во Државниот завод за ревизија. Побарување од 7,7 милиони евра, тоа се 45% од вредноста на договорот.

Значи, тоа е зголемување од 45% на вредноста на договорот. И ние се соочуваме исто така и ова да го напоменам дека од 2015 година, па досега, само по однос на исплатени камати, губиме речиси еден милион евра, плаќаме до уште еден милион евра. И сега ние имаме една ситуација каде што имаме една ДАБ-одлука којашто ги исфрлила сите наши аргументи и се прифатени сите нивни – рече тој.

По промената на раководството на АД МЕПСО и по детална форензичка анализа и консултации со кредиторот на проектот ЕБОР, актуелното раководство официјално го раскинувало договорот.

Според Љатифи, „Енергоинвест“ немала сопствена оператива во земјава, туку се потпирала на изведувачи од Струшко-охридскиот Регион кои немале искуство со градење на електроенергетска инфраструктура.

-Напуштањето на градилиштето или престанокот со градежни работи или на друг начин јасно изразената намера да не се продолжи со исполнување на обврските е основ за раскинување на договорот од страна на МЕПСО.

Во тој контекст од дописите на МЕПСО, особено оние кои се резултат на теренскиот увид или на доставените извештаи и краткорочни планови од страна на Енергоинвест може да се потврди како напуштање на градилиште, прекин на градежните работи, а дадената изјава на генералниот директор на Енергоинвест влезена во записник од состанокот одржан меѓу управните одбори на двете договорни страни во март 2024 година е јасно изразена намера Енергоинвест да не продолжи со исполнување на обврските – рече тој.

Слични вести