Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати покана за средба до новоизбраниот бугарски премиер Румен Радев, но вели дека не очекува брзо подобрување на односите меѓу двете земји, додавајќи оти вината за тоа е кај домашната опозиција.
Одговарајќи на новинарско прашање дали по изгласувањето на новата влада во бугарскиот парламент ќе му се јави на Радев, Мицкоски рече дека веќе имал контакт со сега веќе избран бугарски премиер.
-Кога победи Радев, јас следниот ден утрото му се јавив, му честитав и му посакав успешни добрососедски односи. Се надевам дека со оваа влада ќе може да разговараме за темите за кои треба. Не гледам причина зошто да не го поканам на средба, еве го поканувам – изјави Мицкоски.
За тоа какво затегнување на односите очекува, Мицкоски нагласи дека тој не рекол дека очекува влошување, туку дека не очекува подобрување и оти не е голем оптимист за напредок во преговорите.
Мицкоски ја обвини опозицијата дека ги распродава националните интереси.
-Сè додека има котиња од СДСМ што коленичат и ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување. Наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму – рече Мицкоски.