Меџити: Во здравството можни се брзи промени, но потребна е брза и решителна акција

by Fokus
Foto: MIA

Еден од главните приоритети на Министерството за здравство е унапредувањето на пристапот до здравствените услуги, што беше и тема на форумот  „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во земјава: Кон трансформација на здравствениот систем“, кој се одрѓа денес.

„Посебно сакам да истакнам дека во соработка со СЗО на експертско ниво, работиме на стратешки насоки за справување со клучните предизвици на здравствениот систем. Нашата заедничка цел е продлабочување на соработката на национално и локално ниво, како и меѓусебна соработка на повеќе сектори, во насока на унапредување на пристапот до здравствени услуги на сите граѓани. Во повеќе наврати досега потенцирам дека во фокусот на Министерството за здравство се пациентите и во таа насока продолжуваме стратешки да делуваме“, изјави Меџити.

Министерот смета дсека е можно во краток временски период да се направат промени, но потребна е брза и решителна акција.

„ Затоа, изминативе неколку месеци посетив повеќе здравствени установи, разговарав со лекарите, медицинските сестри, како и со пациентите и нивните семејства се со цел подобро да ги разберам предизвиците со кои се соочуваат и за идентификување на областите на кои можеме да делуваме“, рече Меџити.

Посочи дека со поддршка од агенциите на Обединетите нации се работи на изградба на систем за примарна здравствена заштита, којшто ќе ги задоволува потребите на населението. На давателите на примарна здравствена заштита, рече Меџити, треба да им се овозможи да дијагностицираат и препишуваат лекови за незаразни болести, како хипертензија и дијабетес, а потребно е и ажурирање на клиничките упатства и унапредување на електронскиот здравствен информативен систем.

„ Би сакал да ја споменам потребата од што поитно ажурирање на позитивната листа со нови современи лекови за справување со незаразните болести, особено за хипертензија. Ова е главна причина што нашите граѓани плаќаат четириесет отсто од здравствените трошоци, што резултира со тоа што седум проценти од домаќинствата имаат високи трошоци за здравствена заштита, а четири отсто се соочуваат со сиромаштија поради високите трошоци за лекови“, рече Меџити.

Сето ова ќе се промени, нагласи тој, потсетувајќи дека неодамна се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна, белодробна болест, астма и хипотироидизам.

„Владата на 17 март усвои закон со кој на општите лекари им овозможи да ги дијагностицираат овие болести и да препишуваат лекови согласно наведеното во новите клинички упатства, кои исто така вклучуваат ажурирани рецепти. Фармацевтските компании сега ќе имаат можност да го изразат својот интерес за нови лекови, базирани на докази, со цел вклучување на позитивната листа. Дополнително, процесот на обединување на универзитетските клиники под едно правно лице и еден генерален менаџер, ќе ја подобри координацијата и ќе обезбеди оптимално искористување на ресурсите. Веќе го почнавме процесот во Владата за укинување на организациските директори и пренасочување на средствата кон подобрување на грижата за пациентите“, рече министерот.

На Националниот форум за здравство имаше учесници од голем број сектори, здравствени установи, претставници од локални власти, но и претставници од невладиниот сектор, од граѓанските и професионалните здруженија, кои од свој аспект можеа да дадат придонес кон надминување на предизвиците во оваа област.

Поврзани новости