Сите подготовки за утрешните предвремени избори за градоначалник на Брвеница се завршени, а проблемот со фингерпринт-апаратите е надминат. Во функција се 24 уреди за биометриска идентификација на гласачите, обезбедени се и резервни апарати, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ.
Маричиќ потврди дека ДИК се соочила со проблеми околу функционирањето на системот за биометриска идентификација, по истекувањето на договорот за негово одржување. Сепак, според него, навремено биле преземени сите потребни законски постапки за непречено спроведување на изборите.
Со претходна подготовка и одобрение од Бирото за јавни набавки, ДИК спровела постапка со која е обезбедена функционалноста на уредите што ќе се користат на утрешното гласање.
-Сè е подготвено за утрешното гласање во Брвеница. Имаме 24 апарати во функција за целосно спроведување на изборите, но имаме и резервни апарати – истакна Маричиќ за Сител.
Тој нагласи дека решението е обезбедено согласно законските процедури, со што е отстранет ризикот од технички проблеми поврзани со биометриската идентификација на гласачите.