Од 2023 година, Управата за дијаспора на Србија исплатила најмалку 250.000 евра на организации на српската дијаспора во Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, за кои Балканската истражувачка репортерска мрежа утврди дека јавно ја промовираат партијата СНС на Александар Вучиќ, ги повторуваат руските наративи, величаат воени злосторници или застапуваат десничарска реторика против таканаречената „родова идеологија“.
Истражувањето, посочуваат од БИРН, се чини дека ги потврдува предупредувањата на српското граѓанско општество за злоупотреба на државните средства за финансирање организации блиски до СНС, од кои некои немаат простории, вработени, ниту видливи активности.
Од средствата за српската дијаспора, најмалку 111.700 евра завршиле кај три здруженија во Македонија.
Парите биле доделени преку Управата за дијаспора при Министерството за надворешни работи на Србија, главно за проекти поврзани со културата, православната вера, зачувувањето на кирилицата и српскиот идентитет.
Меѓу корисниците е кумановското здружение „Мир, слога, стабилност“, кое на 23 мај организирало собир за поддршка на Вучиќ. На собирот присуствувале неколку стотици луѓе со македонски и српски знамиња, како и маици со партискиот слоган на СНС „Србија победува“.
Според истражувањето, само 38 дена пред собирот здружението добило 3.400 евра од српската Управа за дијаспора за православни верски проекти. Неколку недели подоцна му биле доделени уште 2.500 евра за зачувување на кирилицата.
БИРН наведува дека истото здружение во април минатата година организирало бесплатни автобуси и сендвичи за граѓани од Куманово кои патувале на партиски собир на СНС во Белград. Според истражувањето, здружението и претходно организирало патувања од Македонија на собири на партијата на Вучиќ.
Најголемата сума меѓу трите наведени здруженија во Македонија ја добил Српскиот културен центар – Скопје: 84.500 евра од 2023 година. Неговата претседателка Василка Китановиќ, според БИРН, редовно објавува содржини поврзани со СНС на социјалните мрежи. Таа не одговорила на барањата за коментар.
Друг корисник е Заедницата на Србите во Македонија – Битола, која од 2023 година добила 21.300 евра. Нејзиниот претседател Зоран Жугиќ, според истражувањето, јавно ги критикува студентските протести во Србија и организацијата за набљудување избори ЦРТА, а споделувал и содржини со кои се негира геноцидот во Сребреница.
Жугиќ негирал дека средствата биле користени за политички цели.