Новиот Предлог-законот за заштита од пушењето, кој наскоро треба да влезе во собраниска процедура, освен реакции од угостителскиот сектор и тутунската индустрија, предизвика и критики од страна на малите трговци, кои предупредуваат дека предложената регулатива ќе им донесе големи проблеми, па дури може да ги доведе и до финансиски колапс.
Имено, многумина од нив доставија критички коментари на платформата ЕНЕР против ова законско решение, кое, меѓу другото, предвидува дека тие нема да смеат да изложуваат тутун или производи кои содржат тутун и/или никотин, туку ќе треба да ги обезбедат информациите за ваквите производи на тој начин што ќе направат список или ценовник со црни букви на бела заднина.
Покрај тоа, доколку овој предлог-закон биде усвоен без притоа да се остави преоден период за адаптација, малите трговци ќе имаат обврска да ги чуваат овие производи и уредите за консумирање тутун и никотин во затворени шкафови, кои патем нема да им бидат достапни на потрошувачите, односно ќе немаат надворешно осветлување и боја што ќе го привлекува вниманието.
„Почетокот на примената на законот е предвиден без никаков преоден период за да можат трговците да се прилагодат на новите правила. Голем дел од нас треба целосно да го смениме деловниот модел, а тоа не може да се направи преку ноќ. Потребни се месеци, па и една година за да се прилагодиме на новите барања, ограничувања и забрани.
Предлагачот на законот воопшто не го размислил тој дел, односно воопшто не размислил за влијанието што овој закон ќе го има врз малите трговци. Без преоден период, малите трговци ќе бидат доведени во неизвесна и хаотична состојба бидејќи тоа значи нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот, отстранување на брендингот од објектите…
Сето тоа ќе доведе до финансиски колапс на малите продажни објекти, отпуштање на вработени, а кај голем дел тоа ќе значи целосно затворање на објектите. Вакви крупни промени не смеат да се прават нагло и одеднаш. Законот мора да предвиди разумен рок за приспособување бидејќи тоа е во интерес и на државата и на бизнисите“, напишал С. Сејди.
Покрај него, коментар на ЕНЕР доставил и Ф.Сулејмани, кој посочил дека Предлог-законот целосно ја забранува продажбата на ароматизирани тутунски и никотински производи, прашувајќи: „Што ќе прават трговците со залихите од овие производи кои во моментов ги имаат во значителни количини, набавени легално и со сите платени давачки?“
„Со новите ограничувања, овие залихи треба да се уништат, а тоа е огромна загуба за трговците. Законот не нуди решение што треба да се прави со овие производи за кои трговците веќе ги платиле сите давачки кон државата. Не е предвиден преоден рок за нивна продажба или враќање. Загубите ќе бидат огромни, особено за малите продавници кои ќе бидат сериозно оштетени“, посочува тој.
И трговецот Х.Шаипи реагира дека предложеното законско решение им претставува сериозен удар. Тој истакнува дека особено ги погодува тоа што изминатите години инвестирале значителни средства за да го уредат продажниот простор со неопходната опрема, витрини и безбедносни системи, во функција на продажба на тутунски производи од кои, како што нагласува, го заработуваат најголемиот дел од приходите.
„Со новите законски ограничувања, овие инвестиции практично стануваат бескорисни, а загубите за нас ќе бидат огромни. Особено се погодени продажните објекти кои се мал, семеен бизнис, на кои продажбата на цигари и тутунски производи им е главен извор на егзистенција.
За нас, вложувањата се направени со кредити и големи задолжувања, така што оваа нагла промена ни предизвикува сериозни финансиски проблеми, а за голем дел од нас тоа значи целосно затворање на бизнисот од кој се хранат многу семејства. Неопходен е поправеден систем кон малите трговци, со проценка на реалните ризици по семејните бизниси бидејќи новиот закон нуди само забрани, но не и решенија за реалните проблеми со кои се соочуваме“, порачува Шаипи.
Во низата коментари со забелешки против новиот Предлог-закон против пушење е и оној на Н. Јанев, кој забележува дека законот предвидува дека тутунските продукти ќе се продаваaт само во специјализирани продавници, но не пропишува што тоа точно знаци, што, според него, создава голема несигурност кај нив како трговци.
„Не се дадени конкретни барања, насоки и критериуми за примена и остава се празен простор за различни толкувања и селективна примена на законот. Со вакво решение, многу од нас малите трговци се во дилема да ли воопшто ќе продолжиме со работа“, предупредува Јанев.
Според А.Киров, пак, неопходен е поправеден систем кон малите трговци, со проценка на реалните ризици по семејните бизниси бидејќи новиот закон нуди само забрани, но не и решенија за реалните проблеми.
„Голем дел од нас треба целосно да го смениме деловниот модел, а тоа не може да се направи преку ноќ. Потребни се месеци, па и една година за да се прилагодиме на новите барања, ограничувања и забрани. Предлагачот на законот воопшто не го размислил тој дел, односно воопшто не размислил за влијанието што овој закон ќе го има врз малите трговци.
Без преоден период, малите трговци ќе бидат доведени во неизвесна и хаотична состојба бидејќи тоа значи нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот, отстранување на брендингот од објектите…
Сето тоа ќе доведе до финансиски колапс на малите продажни објекти, отпуштање на вработени, а кај голем дел тоа ќе значи целосно затворање на објектите. Вакви крупни промени не смеат да се прават нагло и одеднаш. Законот мора да предвиди разумен рок за приспособување бидејќи тоа е во интерес и на државата и на бизнисите“, пишува тој.
Во слична насока, В.Берков напишал: „Особено сме погодени сите што изминатите години инвестиравме значителни средства за да го уредиме продажниот простор со неопходната опрема, витрини и безбедносни системи, сето тоа прилагодено за продажба на тутунски производи од кои реално го заработуваме најголемиот дел од приходите. Со новите законски ограничувања, овие инвестиции практично стануваат бескорисни,…“
Инаку, „Фокус“ пишуваше различните аспекти на новиот предлог-закон против пушење, кој предизвика различни реакции. Од една страна, Владата и Министерството за здравство промовираат ставови базирани на медицински аргументи дека пушењето е причинител на голем број болести и има фатални последици врз здравјето, што е неспорен факт кој никој не го негира.
Сепак, законското решение предизвика критики. Па, така, угостителите бараат фазно спроведување на законските обврски за да претрпат што помали последици врз бизнисот, додека тутунската индустрија предупредува дека овој закон ќе ја стимулира сивата економија и ќе води кон неконтролирана продажба и сериозни загуби за буџетот.
Новиот закон против пушењето ќе резултира со помалку пушачи или ќе стимулира нелегална трговија?
Влатко СТОЈАНОВСКИ