Носењето на новиот предлог-закон за заштита од пушење има цел да обезбеди целосна и современа заштита на јавното здравје од штетните последици од пушењето и од изложеноста на туѓ тутунски чад и аеросол, велат за „Фокус“ од Министерството за здравство предводено од министерот Азир Алиу, кој најави дека новото законско решение против пушење треба да се влезе во собраниска процедура за 2 недели.
Како што ни изјавија од Министерството, новиот закон треба да обезбеди неколку цели, односно:
-да обезбеди средини без чад и аеросол во сите затворени јавни простории, работни места и јавен превоз, како и во точно определени отворени простори (училишта, влезови на здравствени установи, детски игралишта и слично);
-да ја прошири заштитата врз новите производи кои не постоеја кога беше донесен постојниот закон – електронските цигари, несогорливиот тутун (ХТП), согласно препораката на Советот на ЕУ Ц/2024/7425 од декември 2024 година;
– да ги заштити децата и младите од иницијална употреба на сите никотински и тутунски производи преку забрана на ароматизирани е-течности насочени кон млади корисници, забрана на продажбата на лица под 18 години за електронските цигари и несогорливиот тутун, забрана на пушење во возила во присуство на дете и периметарска заштита околу образовните установи;
– да воспостави ефикасен надзорен и санкциски систем со јасно разграничени надлежности помеѓу инспекциските органи, со што ќе се отстрани досегашниот проблем на неспроведливост на одредбите на моменталниот закон.
„Постојниот Закон за заштита од пушењето е донесен во 1995 година и иако е повеќепати изменет, триесет години подоцна едноставно не може да одговори на новата реалност“, велат од МЗ.
Освен здравствени, од Министерството истакнуваат дека новото законско решение против пушењето треба да донесе и економски придобивки.
„Министерството за здравство ја разбира загриженоста на одделни стопански актери, но истовремено е должно да укаже дека економската аргументација за носењето на овој закон се темели на проверени, документирани и меѓународно потврдени податоци, а не на хипотетички претпоставки.
Според Инвестицискиот случај за контрола на тутунот за Република Северна Македонија, подготвен од Светската здравствена организација и Програмата за развој на Обединетите нации (СЗО и УНДП, 2025), тутунот ѝ нанесува на македонската економија загуба од околу 38 милијарди денари годишно, односно 5,16% од бруто домашниот производ.
Оваа сума се состои од: околу 4,3 милијарди денари директни здравствени трошоци годишно (за лекување на малигни заболувања, кардиоваскуларни болести и хронична опструктивна белодробна болест поврзани со пушењето) и од околу 33 милијарди денари годишна загуба во продуктивност (преку прерана смртност, боледувања и паузи за пушење на работно место).
Од клучно значење за фискалната рамнотежа е следниот наод од Инвестицискиот случај: економскиот товар од тутунот во РСМ е речиси четирикратно повисок од вкупните приходи што државата ги прибира од акцизите на тутунските производи.
Со други зборови, за секое евро од акциза наплатено на каса, државата троши приближно четири евра на санација на здравствените и продуктивните последици. Сооднос од 4 наспроти 1 не претставува одржлива фискална рамнотежа – тоа е континуирана нето загуба за Буџетот.
Истиот Инвестициски случај проектира дека доколку РСМ ги спроведе клучните мерки за контрола на тутунот предвидени со Рамковната конвенција на СЗО, до 2040 година може да се спасат околу 15.000 човечки животи и да се остварат заштеди од околу 131 милијарда денари (приближно 2,1 милијарди евра) во вкупни здравствени и продуктивни трошоци“, велат од МЗ.
Групација за производство на цигари: Предлог-законот против пушење создава услови за зголемување на нелегалната трговија!
Од таму истакнуваат дека во текот на подготовката на законот спровеле обемен консултативен процес со стопанските комори, угостителските здруженија, трговците и индустријата.
„Во таа смисла, неколку аспекти бараат прецизирање. Законот не ја регулира производната страна. Производството на тутун, откупот од земјоделците и извозот на суров и преработен тутун кои претставуваат основната економска активност на тутунопроизводството во РСМ не се предмет на овој закон и продолжуваат без никакви ограничувања.
Законот не укинува акцизи и не ја забранува продажбата на тутунски производи. Сите акцизни и даночни обврски остануваат непроменети. Малопродажбата на тутунски производи останува дозволена, со ограничувања единствено на изложувањето во малопродажни објекти и со заштита на малолетни лица.
Меѓународните искуства не потврдуваат негативно економско влијание врз угостителството. Истражувањата од Република Ирска, Република Словенија и Грузија покажуваат дека по воведувањето сеопфатни забрани за пушење во затворени угостителски објекти немало пад во прометот на угостителскиот сектор.
Во Грузија, по три години од воведувањето на забраната, забележан е раст и на бројот на вработени и на обртот во ресторанскиот сектор“, велат од МЗ.
Од Министерството појаснуваат дека дел од барањата, особено тие за целосно изземање на електронските цигари и загреаниот тутун од регулативата, или за укинување на забраната на изложувањето во малопродажба, не беа прифатени бидејќи се во директна спротивност со обврските од Препораката на Советот Ц/2024/7425, од Рамковната конвенција за контрола на тутунот на СЗО и со современите научни докази за штетноста на сите тутунски и никотински производи.
„Глобите се пропорционирани според големината на правното лице (од 500 до 5.000 евра, со посебни категории за трговец поединец и за микро правни лица), а воведен е механизам на прекршочен платен налог со 50% намалување на казната при навремено плаќање.
Со тоа се отстрануваат неусогласените и несоодветни казнени распони од стариот закон, кои во практика беа тешко применливи и често се одбегнуваа поради непроцентираниот распон.
Новиот закон предвидува електронско водење и координирање на инспекциските податоци, што го олеснува работата на сите вклучени органи и создава предуслови за подобар увид во состојбата на терен.
Министерството за здравство, во соработка со останатите надлежни институции, ќе обезбеди обуки за инспекторите за новите одредби и системот на порамнување, како и информативна кампања за угостителите, трговците и граѓаните пред почетокот на примената.
Сметаме дека успешното спроведување на овој закон ќе биде заедничка одговорност на сите засегнати страни – институциите, бизнис-секторот, граѓанските организации и медиумите, и токму на тоа ќе работиме во наредниот период“, велат од МЗ.
Влатко СТОЈАНОВСКИ