,,МојДДВ“ повторно не работи

by valentina 17:11
17:11

Апликацијата „МојДДВ“ денеска е привремено недостапна поради технички проблеми, поради што граѓаните не можат да скенираат фискални сметки за поврат на дел од платениот ДДВ. Надлежните служби работат на отстранување на проблемот, но засега не е познато кога услугата повторно ќе биде воспоставена.

„Поради технички проблеми, услугата „МојДДВ“ во моментот е привремено недостапна. Надлежните служби интензивно работат на отстранување на техничките проблеми и повторно воспоставување на услугата во најкраток можен рок“, се наведува во известувањето објавено на официјалната фејсбук-страница на „МојДДВ“. Не е објаснето што точно го предизвикало дефектот.

Прекинот се случува во период кога граѓаните го очекуваат повратот на ДДВ за јули, август и септември. Според законските правила, Управата за јавни приходи треба да ги исплати средствата на трансакциските сметки во рок од 60 дена по завршувањето на тримесечјето, односно кон крајот на ноември. Максималниот поврат изнесува 2.100 денари по лице за едно тримесечје. Под известувањето дел од граѓаните прашуваат кога ќе им бидат префрлени парите, но засега нема официјална информација дека техничкиот проблем влијае врз исплатата, ниту е соопштен точниот датум кога таа ќе започне.

За граѓаните што имаат нескенирани фискални сметки, законскиот рок за скенирање изнесува десет дена од датумот на издавање. УЈП и при претходен технички прекин појасни дека сметките што сè уште се во овој рок можат да се скенираат по повторното воспоставување на апликацијата. Меѓутоа, во денешното известување нема дополнителни насоки за корисниците на кои рокот им истекува додека услугата е недостапна, ниту е најавено негово продолжување.

Слични вести