Ѓорѓиевски: Некој дебело се офајдил од нафтата во ЈСП

by valentina 21:49
21:49

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва, при вклучување во живо на Фејсбук, каде што зборуваше за Буџетот на Градот, истакна дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) годинава има заштеда од околу половина милион евра за гориво, споредено со минатите години, поради што заклучи дека некој „дебело се офајдувал“.

„Имаме половина милион евра заштеда за гориво во услови кога имаме 50 автобуси плус пуштено во оптек. Јас кога станав градоначалник во ЈСП функционираа 148 автобуси, денес сообраќаат на линиите над 200 автобуси, а имаме над пола милион евра заштеда што значи дека некој дебело се офајдувал во минатото на сметка на нас граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.

Тој вели дека сега „вовел дисциплина“ односно има ГПС уреди на сите автобуси и на сите возила на јавните претпријатија и на Градот Скопје, а поставени се и сонди за мерење гориво.

Во однос на ЈСП кажа и дека наскоро се очекува да пристигнат долгоочекуваните 100 еколошки автобуси кои ќе помогнат да се нормализираат состојбите во ЈСП односно ќе може да се прават поголеми комбинации за линиите од градскиот автобуски превоз, како и истите да бидат поредовни.

Слични вести