Групацијата за производство на цигари во рамки на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Северна Македонија, од самиот почеток на процесот на подготовка на предлог-законот за заштита од пушење активно и конструктивно се вклучи во јавната расправа, велат од таму за „Фокус“.
„Укажавме на одредени слабости во предложеното законско решение, особено во делот на: усогласеноста со постојната регулатива и прецизното дефинирање на категориите производи а не изедначување. За нас ова претставува враќање неколку чекори назад од постојните законски решенија.
Исто така, кон одржливи решенија кои нема да направат дисторзија во постојните бизнис модели и истовремено огромни загуби кај трговскиот сектор и индустриите со кои соработуваме.
Во овој момент, очекуваме решение кое ќе биде прифатливо за сите страни и ќе овозможи истовремено и остварување на главите цели на законот и одржливост на работењето на компаниите“, велат од Групацијата.
Од таму додаваат дека, во текот на консултативниот процес, на предлагачот на законот, т.е. на Министерството за здравство му укажале дека предложените решенија, согласно верзиите во кои имале увид, воведуваат несразмерни и во одредени сегменти тешко применливи ограничувања.
„Ваквиот пристап има потенцијал да го наруши легалното функционирање на индустријата и да генерира негативни финансиски импликации врз легитимните деловни активности.
Согласно нашите анализи, прекумерно рестриктивните мерки не придонесуваат за намалување на стапката на пушење, туку создаваат услови за зголемување на нелегалната трговија со тутунски и никотински производи, како и за снабдување со производи од соседни пазари со непроверен квалитет.
Ова, дополнително, носи ризици по здравјето на потрошувачите, имајќи предвид дека ваквите производи не подлежат на соодветни контроли за безбедност и квалитет“, велат од Групацијата.
Една од нивните клучни забелешки се однесува на предложеното изедначување на традиционалните цигари со алтернативните тутунски производи.
„Сметаме дека ваквиот пристап не е соодветен при креирање нова регулатива, особено имајќи предвид дека постојат бројни релевантни меѓународни, регионални и локални истражувања кои укажуваат на суштински разлики помеѓу традиционалните цигари и производите без чад.
Во однос на потенцијалните импликации врз сивата економија и буџетските приходи, нашите ставови се темелат на компаративни искуства и релевантни анализи од пазари каде се имплементирани слични рестриктивни мерки.
Имено, искуствата на повеќе развиени земји, како Франција, Ирска, Австралија, Холандија, Белгија и Данска, укажуваат дека воведувањето на високо рестриктивни законски решенија во овој сегмент често резултира со значително пренасочување на дел од пазарот кон нелегални и нерегулирани канали“, велат од таму.
Во продолжение, во целост ги објавуваме одговорите на Групацијата за производство на цигари за „Фокус“ во врска со предлог-законот за заштита од пушењето, кој, според најавите од Владата, наскоро ќе влезе во собраниска процедура.
Кои се Вашите главни забелешки во врска со новиот закон за заштита од пушењето? Колку барања за корекции имате поднесено и кои од нив се прифатени од страна на надлежните власти, а кои се одбиени и со какво образложение?
-Групацијата за производство на цигари, во рамки на Здружението на производители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора на Северна Македонија, од самиот почеток на процесот на подготовка на предлог-законот за заштита од пушење активно и конструктивно се вклучи во јавната расправа.
Навремено доставивме компаративни анализи и најдобри меѓународни пракси, предлози за подобрување на регулативата со цел обезбедување на одржливи решенија насочени кон намалување на штетноста од тутунскиот чад.
Во текот на процесот заедничката мултинационална експертиза на сите 4 компании беа ставени на располагање пред надлежните институции преку споделување релевантни меѓународни практики.
Фокусот беше ставен на клучните цели поставени од надлежното министерство – воспоставување строга регулаторна рамка за забрана на пушење во затворени простории и унапредување на механизмите за ефикасна заштита на малолетниците од пристап до тутунски производи.
Во рамки на оваа комуникација, укажавме на одредени слабости во предложеното законско решение, особено во делот на: усогласеноста со постојната регулатива и прецизното дефинирање на категориите производи а не изедначување.
За нас ова претставува враќање неколку чекори назад од постојните законски решенија. Исто така кон одржливи решенија кои нема да направат дисторзија во постојните бизнис модели и истовремено огромни загуби кај трговскиот сектор и индустриите со кои соработуваме.
Во овој момент, очекуваме решение кое ќе биде прифатливо за сите страни и ќе овозможи истовремено-и остварување на главите цели на законот споменати погоре и одржливост на работењето на компаниите.
Според Вас, какви последици и ефекти ќе предизвика ова законско решение врз индустријата за тутунски производи и врз компаниите што се занимаваат со оваа дејност? Дали треба да се обезбеди дистинкција и различен третман на различни тутунски производи?
– Во текот на консултативниот процес, на предлагачот на законот му укажавме дека предложените решенија, согласно верзиите во кои имавме увид, воведуваат несразмерни и во одредени сегменти тешко применливи ограничувања.
Ваквиот пристап има потенцијал да го наруши легалното функционирање на индустријата и да генерира негативни финансиски импликации врз легитимните деловни активности.
Согласно нашите анализи, прекумерно рестриктивните мерки не придонесуваат за намалување на стапката на пушење, туку создаваат услови за зголемување на нелегалната трговија со тутунски и никотински производи, како и за снабдување со производи од соседни пазари со непроверен квалитет.
Ова, дополнително, носи ризици по здравјето на потрошувачите, имајќи предвид дека ваквите производи не подлежат на соодветни контроли за безбедност и квалитет.
Истовремено, ваквите трендови може да резултираат со значителен пад на буџетските приходи, на сметка на растот на нелегалната економија и нарушување на целиот синџир на вредност.
Една од клучните забелешки на Групацијата се однесува на предложеното изедначување на традиционалните цигари со алтернативните тутунски производи.
Со нивното ставање во иста категорија се прави чекор наназад во однос на постојната регулаторна рамка, каде овие категории се јасно разграничени во важечкиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи.
Сметаме дека ваквиот пристап не е соодветен при креирање нова регулатива, особено имајќи предвид дека постојат бројни релевантни меѓународни, регионални и локални истражувања кои укажуваат на суштински разлики помеѓу традиционалните цигари и производите без чад.
Една од Вашите главни забелешки е дека, доколку ова законско решение се усвои во предложената форма, ќе ја стимулира сивата економија и нелегалната трговија, а ќе има и импликации врз буџетот. Врз основа на кои аргументи го тврдите тоа, бидејќи од Владата велат дека овој закон, меѓу другото, ќе има позитивно влијание врз буџетот и економијата?
-Во однос на потенцијалните импликации врз сивата економија и буџетските приходи, нашите ставови се темелат на компаративни искуства и релевантни анализи од пазари каде се имплементирани слични рестриктивни мерки.
Имено, искуствата на повеќе развиени земји, како Франција, Ирска, Австралија, Холандија, Белгија и Данска, укажуваат дека воведувањето на високо рестриктивни законски решенија во овој сегмент често резултира со значително пренасочување на дел од пазарот кон нелегални и нерегулирани канали.
Овие пазари веќе се соочуваат со изразен раст на нелегалната трговија, вклучително и појава на фалсификувани никотински производи без јасно потекло и гаранција за квалитет, што претставува сериозен ризик за потрошувачите.
Во таа насока, и нашите интерни анализи како бизнис заедница укажуваат дека прекумерните рестрикции создаваат услови за зголемен одлив кон сивата економија, која, според проценките на Групацијата, веќе учествува со околу 13-14% од домашниот пазар.
Дополнително, директните буџетски загуби од нелегалната трговија се проценуваат на повеќемилионски износи на годишно ниво, при што индиректни негативни ефекти се очекуваат и преку потенцијално намалување на вработеноста во сродните сектори, вклучително трговијата, угостителството и малопродажбата.
Во однос на ставот дека предложеното законско решение ќе има позитивно влијание врз буџетот и економијата, очекуваме ваквите тврдења да бидат поткрепени со детална и транспарентна финансиска анализа, достапна за јавноста, со оглед дека нашите согледувања покажуваат спротивно.
Влатко СТОЈАНОВСКИ