Лидерите на земјите од Групата седум (Г7) постигнаа договор за заострување на санкциите против Русија и дополнително зајакнување на воздушните и долготрајните капацитети на Украина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, оценувајќи дека самитот во Евијан се одржал како знак на единство и покрај сложените меѓународни околности.
На завршната прес-конференција, Макрон рече дека членовите на Г7 имале „темелна дискусија“ за војната во Украина, објави BFMTV.
„Ние сме посветени на понатамошно заострување на нашите санкции против Русија, како и на зајакнување на воздушните и долготрајните капацитети на Украина“, рече францускиот претседател.
Тој оцени дека самитот на Г7 во Евијан претставува „момент на единство“, и покрај, како што рече, „исклучително тежок контекст“, обележан со бројни кризи и сè поизразена фрагментација на светот.
Францускиот претседател, исто така, истакна дека Г7 едногласно го поздрави, како што изјави, „многу добар договор“ меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.
Според неговите зборови, лидерите на земјите од Г7 ја нагласиле и потребата од заштита на територијалниот суверенитет на Либан.
Макрон, исто така, објави дека членовите на Г7 едногласно усвоиле девет декларации.
Меѓу нив се геополитичка декларација поврзана со Украина и Блискиот Исток, апел од шефовите на влади за интензивирање на борбата против ракот, повик за координиран одговор на епидемијата на ебола, декларација за синџирите на снабдување со критични минерали, како и документ што се залага за побезбеден дигитален простор за малолетниците.
На самитот на Г7 во Евиан, кој завршува денес, присуствуваат лидерите на седумте најиндустриски развиени земји: САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија, како и претставници на Европската Унија.
Покрај постојаните членови, на состанокот беа поканети и лидерите на Индија, Бразил, Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кенија, како и претседателот на Украина Володимир Зеленски.