Лукаку му посвети гол на Ериксен, Белгија ја победи Русија

by fokus

Белгија со победа го почна настапот на ЕУРО 2020, триумфирајќи вечерва над Русија во Санкт Петербург со 3:0 (2:0) во рамки на воведното коло во групата Б.

Белгијците ја заверија победата веќе во првото полувреме, искористувајќи две кардинални грешки на руската одбрана.

Во водство во 10. минута ги донесе Ромелу Лукаку, посветувајќи го голот на својот клупски колега од Интер, Кристијан Ериксен, кој претходно вечерва колабираше на теренот во финишот на првиот дел на натпреварот против Финска, но сега е во стабилна и контактибилна состојба во болница во Копенхаген.

Откако ја смести топката во руската мрежа, белгискиот напаѓач дотрча до една од камерите, извикувајќи „Крис, Крис, Те сакам“.

Белгија ја удвои предноста во 34. минута преку Томас Муние и рутински го приведе до крај натпреварот на Санкт Петерсбург, ставајќи печат на победата со вториот гол на Лукаку во 88. минута.

Во второто коло во групата Б, Белгија на 17 јуни ја очекува дуел против Данска, а ден порано дебитантот Финска, која вечерва триумфираше во Копенхаген, ќе игра против Русија.

Поврзани новости