Љубов, наместо цвеќе и порше

by Фокус

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

„Премногу жени ја мешаат љубовта

со потребата да бидат спасени.

Не сонуваат за љубов и претопување

со друго суштество во едно,

а за бели навлаки од црвено порше,

што ќе ги однесе далеку од провинција.“

(Марјолeин Биренс)

Љубовта и претопувањето еден со друг се случуваат кога двете суштества ќе заборават дека постои иднина и минато. Тие живеат од бакнеж до бакнеж, од насмевка до насмевка, од солза до солза, од допир до допир. Времето како категорија исчезнува, а отчукувањата на нивните срца стануваат заглавени часовници кои не познаваат секунди, часови, денови, а две тела кои живеат само кога се заедно.

Големи љубови отсекогаш постоеле и ќе постојат. Љубови за кои се пишувало, раскажувало, сликало, пеело. И независно од времето кога се случувале, тие секогаш имале своја вечност и свој сопствен, срцев часовник. Моето лично толкување за љубовта е дека таа постои, но дека никогаш не доаѓа во брз автомобил, најавувајќи го пристигањето со чкрипење на гумите, а тивко демне од заседа, чекори кроце, на прсти, и пред да ја видиш и чуеш, таа е веќе во тебе.

ПОРШЕТО НИКОГАШ НЕМА ДА МОЖЕ ДА ГО ЗАМЕНИ СРЦЕТО

Овој вовед за љубовта не се однесува само на оние жени, кои понекогаш можат да си ја изгубат главата по некого или на оние кои си ја пронаоѓаат во нечие порше или џип. Се однесува и на мажите што страдаат поради тоа што не можат да им овозможат поршеа на жените, но и на мажите со поршеа на чии навлаки седат различни жени, кои таму си ја пронашле „изгубената“ глава, па барем и накратко.

Некои од нас, пак, ги минуваат сите автомобилски фази за повторно да се вратат на онаа, најприродната, каде што разоружени и разголени од заседа ќе бидат начекани и легнати на земја, за слатко да му се предадат на чувството. Се случувало дури некој да жртвува и цел возен парк само за да почувствува како неговото срце се претопува и чука во ритам со друго. Не случајно велат за луѓето обземени од неа дека споулавеле или дека не личат на себе. Но, ако човек што е вљубен се прогласува за луд, „обезглавен“, смешен или нетокму, си мислам, што е тогаш човекот што сонува за порше? Нормален и токму?!

Во едно време, во кое трката за поршеа ја прикрива љубовната немаштија, метафората за среќа и успех добива поинакво значење. Порано немало поршеа, но имало договорени бракови за богатството да си остане во фамилијата. Кралските фамилии го поддржувале инцестот, давајќи им приоритет на парите и на моќта. Постојат многу приказни со трагични љубовни краеви, кои немале касмет да им пркосат на материјалните интереси во историјата.

Но, постојат и приказни во кои богатите се претворале во сиромашни, па дури и се откажувале од своите богатства, само за да бидат фатени во заседа од благословеното чувство од кое не се живее, но за кое единствено вреди да се живее. Велат дека дури и на стари години луѓето копнеат по трепетот и пеперутките во стомакот, ако веќе еднаш ги запознале во својот живот и дека нивните жалби и офкања честопати не се ништо друго, освен копнеж да љубат и да бидат љубени.

ШТО ИМ НОСИ НА ДВЕ ДУШИ НЕИЗМЕРНА УБАВИНА?

Во оваа наша живеачка, сè повеќе сме обременети со предрасуди. Љубовта најчесто се сведува на лажните морализирања на власта во спрега со религијата и со малограѓанштината. Но, љубовта нема никаква врска со насила наметнати правила. Таа не може да биде поттикната од ниедна маркетинг-кампања и не може да биде под контрола од никого, ниту, пак, да биде забранета од некого или од нешто. Таа едноставно нè начекува од заседа со оптегната струна од стрелата и е прашање на миг кога ќе ни го раскрвави срцето или задникот, сеедно, и кога ќе нè легне беспомошни во нечија прегратка.

Тешко може да се замислиме во една таква состојба ако од мали нозе ни ја полнеле главата дека тоа е глупаво и дека треба секогаш да сме „над“ ситуацијата. А, што е тоа што не е глупаво, а што им носи на две души неизмерна убавина? Поршето, можеби?! Но, цела среќа е што понекогаш љубовта ги обезглавува и оние најсилните и најмоќните, ги начекува неспремни, ги нокаутира и ги сплескува како жаба, залепена под гумите од некое порше. Тамам, колку да ја осетат убавината.

Јас верувам дека „постои проста убавина до бол на оваа земја…“, инаку сите мои мисли и зборови одамна ќе престанеа да навираат, ќе пресушеа како солзи по бесконечен плач по најмилото. И не треба секогаш да го наоѓаме тоа што го бараме зашто потрагата по убавината е веќе убавина. Како и стиховите на овие поети од различен пол и поднебје, со различен јазик напишани, што се во потрага по еден ист свет, каде што поршето никогаш нема да може да го замени срцето.

„Морам да верувам дека постои проста убавина до бол на оваа земја.

Непоткуплива и сурова како гризење на долната усна на Либертанго од Астор Пјацола после седумсто деци Кратошија.

Како емоција на тазе мајка која штотуку раѓа и не знаеш дали е тоа болка или смеа на ликата.

Морам да верувам дека постои за мене таква среќа барем на еден ден дојдена со спиење во душава.

како ветер во косава во порше деветсто единаеска со бугарски таблици од двеиљади и трета.

Во пет поручек.

во мај.

во сабота.

Некаде на кривината во синото измеѓу Ница и Трпејца…“

(Дарко Лешоски)

Поврзани новости