Лошите пласмани на Евровизија јавни, колку пари се потрошиле за нив – тајна!

by fokus

Два дена пред детскиот Евросонг, кој ќе се одржи во Тибилиси, Грузија, сеуште нема официјален податок околу тоа колку Македонија ќе ја чини учеството на музичкиот настан.

Она што е познато е дека годинава ќе не претставува Мина Блажев (14) со песната ,,Dancing through life’’ на јуниорскиот избор за песна на Евровизија на 26 ноември, а девојката и е позната на јавноста по учеството во српското музичко шоу ,,Пинкови ѕвезди’’.

Околу тоа колку средства се издвоени за целокупната организација, за детскиот Евросонг, но и за Евровизија 2018, каде ќе имаме наш претставник, шефицата на македонската евровизиска делегација и уредник на културно уметничката програма во МРТ, Мери Попова, вели дека станува збор за минимална сума на пари. Кои се точните бројки, кои според Попова се минималец, нема одговор.

,,Јас навистина не го знам буџетот, само знам дека е минимален. Обратете се кај Раде Спасовски, шефот на ЈЕСЦ, македонска делегација, иако и тој веројатно нема да може да ви даде конкретен одговор. Причината за тоа е што во МРТ има служба за финансии, а ние сме програмци’’ – вели Попова.

Таа одби да ни даде одговор и на прашањето колку пари се потрошиле за последната Евровизија во Киев, каде нашата претставничка Јана Бурческа не успеа да влезе во финале.

Без конкретни одговори останавме и на прашањата како ќе се избира претставникот за Евровизија 2018, дали ќе има промени во тимот на делегацијата, во концептот, или пак во било кој сегмент. Попова единствено потврди дека таа во моментот не располага со ниту една конкретна информација, и повеќе детали ќе има по завршувањето на Јуниорскиот Евросонг.

Не успеавме да стапиме во контакт ниту со секторот за финансиско работење, односно со раководителот на секторот, Лилјана Стојановска, бидејќи на нивниот телефонски број посочен на официјалната страница на МРТ не одговара никој.

Македонија со години наназад ја бие малер кога е Евровизија во прашање. Калиопи, Тоше Проески, Каролина Гочева, Владо Јаневски, Есма, се само дел од пејачите кои не успеаа да влезат во финале. Редовна пракса е да добиеме мал број на гласови на телевоутингот, без оглед на тоа дали имаме искусен претставник, или се работи за млади пејачи со неколку годишно искуство на сцената.

Минатата година во јавноста беше пласирана информација дека за настанот се одвоиле околу 400 илјади евра, а на прашањето со колкав буџет располагаат, Попова ни одговори дека тоа е корпоративна информација, и прашањето било исто како таа да не запраша со колкав буџет или донации располага нашиот медиум.

Вики Клинчарова

Поврзани новости