Левица реагира откако избегната е нова трагедија на автобус на „Дурмо“

by Фокус

На 23 јуни 2022 година, четвртокот, се избегна нова трагедија поврзана со автобус за превоз на патници, кога на превозно возило на „Дурмо Турс“ во возење му пукнало тркало и ги загрозило животите на околу 12 патници, реагира Левица.

„На 19 февруари 2019 година, кај Ласкацри животот го загубија 16 лица токму во автобус на “Дурмо турс”. На 23 март 2021 година на судското рочиште за овој случај, сопственикот на фирмата Дурмуш Белули, посочи вина кај возачот, и ги одби обвинувањата за вршење притисок врз вработените во станицата за технички преглед да внесат неточни информации. Овој четврток, пред да се случи инцидентот со тркалото кој ги загрози животите на патниците, возачот го запрел возилото бидејќи веројатно почуствувал проблем при возењето. Но, знаејќи ги наводите на гореспоменатото рочиште, се поставува прашањето, дали возачот продолжил да управува со возилото поради притисок да го направи тоа?“, прашаа од Левица.

Од таму потсетуваат дека минатата година ја одбележаа низа човечки трагедии во кои објективно постои човечки фактор.

„Фактор, кој покрај техничка природа има и политичка димензија. Политиката димензија се однесува на мрежната поврзаност на коруптивни фирми и владејачките партии, кои заедно го делат пленот од нивната коруптивност. Една од минатогодишните несреќи е онаа на автобусот на “Беса транс” кој се крена во пламен во ноември во Република Бугарија, и однесе многу човечки животи со себе. За несреќата, не само што немаше одговорност, туку дополнително имаше институционално блокирање на испитувањето, и се обелодени поврзаност помеѓу Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со станицата за технички преглед во која поминал автобусот кој се запалил“, велат од Левица.

Од таму посочуваат дека фирмите кои имаат специјален третман од ДУИ и СДСМ можат да ја заобиколуваат предвидената законска регулатива, за да го максимизираат својот профит.

Поврзани новости