Лајчак: Статутот на ЗСО мора да биде прифатлив за двете страни

by Fokus

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, рече дека статутот на Заедницата на српски општини (УСО) мора да биде прифатлив за двете страни и во согласност со европските стандарди.

Во пресрет на новата рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, каде што треба да биде претставен првиот Нацрт-статут на Заедницата/Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, Лајчак за агенцијата Хина изјави дека од двете страни ќе зависи како тој документ би изгледал.

„Менаџерскиот тим ќе го презентира нацртот. Не знаеме што има во него, но тоа треба да биде почеток на процесот. На крајот треба да имаме статут кој е прифатлив за двете страни, и за Косово и за Србија, согласно европските стандарди. Тоа е првиот важен чекор“, рече Лајчак.

Тој изјави дека денеска првпат ќе се види работата на Менаџерскиот тим чија задача, според Бриселскиот договор од 2013 година, е да подготви статут за формирање на ЗСО. Менаџерскиот тим се состои од четири лица стационирани во Косово, кои беа формално ангажирани од косовската влада, но номинирани од општините со мнозинско српско население.

Лајчак повтори дека ЕУ не сака да создаде ЗСО врз основа на модел кој не е тестиран, туку врз основа на некои од постојните европски модели.

„Затоа мораме да го спроведеме претходно договореното, но во исто време мора да црпиме инспирација од практичните решенија на постоечките европски модели. Не сакаме да создаваме нешто што никогаш не било тестирано никаде во светот, сакаме земјите да најдат инспирација во европските модели кои добро функционираат“, рече Лајчак.

Поврзани новости