Кусиникова од Конект: Распространета е корпоративна култура на клиентелизам која корупцијата ја третира како неодминлив трошок во бизнисот

by fokus

Низ децении како општество се соочуваме со корупција од највисоко до најниско ниво. Тоа направи таа да стане нормален начин на функционирање. Корупцијата е најприсутна во односот на компаниите со државата. Но, она што загрижува е дека корупцијата е застапена и во односите помеѓу самите компании. Сето ова укажува на распространетост на една корпоративна култура на клиентелизам којашто е толерантна кон корупцијата и ја третира како неодминлив трошок во бизнисот, вели во интервју за Фокус, извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова. Таа предупредува дека во услови на пандемија кога се потребни итни набавки ризикот од корупција е зголемен. Инаку, Конект е непрофитна организација којашто им помага на компаниите да развиваат одржлив бизнис што се темели на интегритет и одговорност и на тој начин да станат двигател на позитивни промени во општеството. Конект е организација домаќин на Мрежата на Глобалниот договор на ОН во Северна Македонија и основач на Клубот на одговорни бизниси.

ФОКУС: Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата, стоеше во наодите на последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија. Како Вие ја оценувате состојбата со корупцијата во земјава?

КУСИНИКОВА: Праксата го потврдува она што е нотирано во извештаите на Европската комисија. Низ децении како општество се соочуваме со корупција од највисоко до најниско ниво. Тоа направи таа да си се одомаќини во културата и за жал да стане нормален начин на функционирање. Граѓаните тоа го чувствуваат што се потврдува и во Индексот на перцепција на корупцијата на Transparency International каде што бележиме влошување во последните неколку години. Интегративните процеси се шанса ова да се промени и состојбите темелно да се променат.

ФОКУС: Колку корупцијата е распространета во бизнис секторот, во бизнисите?

КУСИНИКОВА: Корупцијата ги допира сите сегменти во општеството, па следствено ни бизнис секторот не е имун на нејзиното влијание. Нашето искуство укажува дека корупцијата е распространета во бизнис секторот и тоа на неколку нивоа. Најприсутна е во односот на компаниите со државата, од потплаќање за побргу да се заврши некоја административна процедура или да се добие дозвола, поткуп во процесите на јавни набавки, до лобирањето за законска регулатива итн. Она што загрижува е дека корупцијата е застапена и во односите помеѓу самите компании. Распространети се и деловни практики коишто се законски дозволени, како на пример репрезентација, угостителски услуги, патувања но, коишто се злоупотребуваат за прикривање на коруптивно делување.

Сето ова укажува на распространетост на една корпоративна култура на клиентелизам којашто е толерантна кон корупцијата и ја третира како неодминлив трошок во бизнисот. Но, од корупцијата во бизнисот најголем губитник се токму компаниите бидејќи таа го нарушува слободниот пазар и конкуренцијата, додава најмалку 10% кон трошоците за водење бизнис, а компаниите и потрошувачите добиваат производи и услуги со послаб квалитет. Дополнително, таа ја подрива јавната доверба во бизнис секторот како позитивен двигател во општеството. Да не заборавиме, од процесите на корупција добитници се мал број на компании коишто се дел од коруптивните спреги, додека мнозинството компании се жртви на корупцијата.

ФОКУС: Како малите, средни и големи компании да се заштитат од корупција? Колку оваа појава делува демотивирачки за оние кои сакаат да водат бизнис во земјава и истовремено ги одвраќа од оваа идеја?

КУСИНИКОВА: Присуството на корупција во бизнисот несомнено ги демотивира инвеститорите и компаниите коишто на пазарот сакаат да се наметнат со квалитет и да развиваат одржлив бизнис на долг рок. Затоа, во Конект работиме со овие компании за да креираме една заедница којашто ќе промовира бизнис без корупција.

За компаниите да се заштитат од корупцијата најпрво е неопходно да можат да ги препознаат сите облици на корупција што може да ѝ се случат на компанијата. Потоа, треба да изгради волја на сите нивоа во компанијата да се превенира и справува со корупцијата. Тоа е веќе добра основа за воспоставување на програма којашто ќе промовира нулта толеранција кон корупцијата, ќе ја превенира и ќе ја спречува. Преку нашата иницијатива „Бизнис без корупција“ во рамки на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во бизнис секторот“ финансиран од Европската Унија, им помагаме на компаниите да го изодат овој процес и изградат култура и политики коишто ќе им помогнат да се заштитат од корупцијата.

Многу често, во компаниите па и во општеството, политиките за спречување на корупцијата се доживуваат како контролни и репресивни. Напротив, преку тие мерки компанијата делува превентивно – ги стеснува можностите да ѝ се случи корупција, и ги штити своите вработени бидејќи им дава насоки како да постапат кога ќе се соочат со ситуации коишто може да доведат до коруптивно делување.
Ваквиот приод го олеснува водењето бизнис бидејќи во светски рамки е утврдено дека компаниите што имаат програми за спречување на корупцијата до 50% помалку се соочуваат со инциденти на корупција и е помалку веројатно дека ќе ги изгубат деловните можности отколку компаниите што немаат такви програми.

ФОКУС: Променетото работење во услови на пандемија, велите дека отвора дополнителни ризици за корупција, кои се тие ризици?

КУСИНИКОВА: Во услови на пандемија се зголемуваат потребите од дополнителни ресурси, итни набавки и дистрибуција на помош. Потребата од брза реакција за да се задоволат итните потреби води до поедноставување на процедурите и спуштање на административните, заштитни бариери што се воспоставени во редовните постапки за да се осигура владеење на правото и спречување на корупцијата. Тоа само по себе го зголемува ризикот од корупција при итните јавни набавки, донациите и дистрибуцијата на државната помош. Затоа е многу важно институциите и останатите чинители да бидат особено внимателни во постапувањето во овој период за да се осигура дека расположивите и ограничени ресурси навистина ќе се искористат за јавно добро, за справување со пандемијата, а не за лична корист на поединци.

ФОКУС: Што е клучното во оваа битка, свеста на граѓаните, нашиот менталитет дека за секаде требаат врски и потплатување или бавното постапување на институциите во вакви случаи?

КУСИНИКОВА: Спречувањето на корупцијата е многу комплексен процес и бара проактивно вклучување на сите чинители во општеството. Секако дека институциите мора да ја понесат одговорноста за градење на систем и регулатива којашто ќе ја превенира и спречува корупцијата. Но, граѓаните и бизнис заедницата не може да седат на страна и да очекуваат државата сама да го реши проблемот. Сите ние треба да ја препознаеме сопствената одговорност да ѝ кажеме „не“ на корупцијата во сите сфери на нашето живеење и работење. Лично, а и во нашите компании и организации треба секојдневно да практикуваме висок степен на интегритет, транспарентност и отчетност. Потоа, овие вредности треба да ги промовираме и помеѓу нашите соработници и во нашата сфера на влијание.

Корупцијата не смее да биде табу тема за компаниите. Во Конект ги поттикнуваме компаниите да размислуваат дека дури и кога институциите потфрлуваат, компаниите можат да бидат предводници на поинаква култура на делување. На пример, големите компании во изборот на своите добавувачи и деловни соработници може да ги преферираат компаниите што имаат програми за спречување на корупција. На тој начин ќе креираат значителен пазар за помалите компании којшто ќе се базира на конкуренција преку квалитет. Исто така тие треба да ги поттикнуваат своите вработени интерно во компанијата да ги пријавуваат случаите на корупција. На тој начин постепено ќе се менува ставот дека корупцијата е неодминлива и ќе се намалува толеранцијата кон коруптивно делување. А потоа тие заедно, како бизнис заедница можат да вршат притисок врз институциите вистински да се справуваат со корупцијата. На секојдневно ниво, промената ќе се случи тогаш кога оние што бараат или нудат поткуп почесто ќе се соочуваат одбивања и пријавувања.

Поврзани новости