Куртул или живот

by Фокус 09:39
09:39

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Велат – народот се плашел. Сепак, мислам дека народот не е толку уплашен, колку што е неинформиран или погрешно информиран. Дали знае тој што купил автомобил на кредит – дека прави двојна штета за здравјето на своите деца – помалку пари за живот и повеќе загадување. Во Европа одамна престанаа да „си ги мерат“ и да си ги „покажуваат“ автомобилите и ги јавнаа велосипедите за здравјето на сите. А кај нас градиме катни гаражи како барокни дворци!

- Advertising -

Зар народот не знае дека сечењето дрвја и уништувањето планини денес, директно влијае врз здравјето на неговото поколение утре? Зар никој не му кажал дека онаа бетонска зандана во центарот на градот, во комплет со бетонските лаѓи, е еколошка катастрофа за сите нас, дури и за неродените деца?

А да не зборуваме за секојдневието на граѓаните – дишеме загаден воздух, јадеме и пиеме сомнителна и евтина храна, се лечиме со застарени лекови. Ама визијата за секојдневно преживување е многу едноставна и се протега од минута во минута и од час до час. Да се протурка денес, па за утре ќе видиме.

ЌЕ „ИЗУМРЕМЕ“ ПРЕД ДА „НИ ГО ПРИЗНААТ“ ИМЕТО

Да се живее здраво не е голема филозофија. Свежо и непрскано „органско“ овошје и зеленчук, чиста вода, риба, млеко и јајца, што помалку црвено месо и бел шеќер, интегрален (црн) леб, непушење, одбегнување прекумерно консумирање алкохол, половина час спортување (или барем движење) дневно и достатен сон – се темелите за здрав живот.

Но, на оваа власт не ѝ е важно здравјето на народот. Таа не се грижи за него и не го ни поттикнува зашто здравиот човек не ѝ е приоритет. Ако здравјето на човекот навистина ѝ е приоритет на една земја, народните пари нема да се трошат на тркала, катни гаражи и споменици и на градби од гипс и стиропор!?

Модерните држави имаат стратегии за здравјето на граѓаните. Зашто многу е поевтино да имаш здрави луѓе отколку болни луѓе, оти здравјето е најскапоценото нешто, а лекувањето е секаде скапо, па затоа секогаш е подобро да се спречи, отколку да се лечи! Ако една држава гради стратегија за подигање на свеста кај луѓето и ако данокот земен од народот се користи за заштита и за промоција на неговото здравје, народот тоа ќе го види и ќе го почувствува. Но, вака, сардисани со труења од секаков вид и без јавна грижа за тоа, шансите дека ќе „изумреме“ пред да „ни го признаат“ името се сосема реални.

Но, нашава власт мува не ја лази – си го држи стадото во мрак и му вели дека Господ ќе помогне секому што е кроток и послушен. Дури и сопствените деца ги жртвува во име на алчноста. Ниедно дете не е имуно на олово, на тешки метали, на пестициди, сулфурдиоксид и јагленмоноксид, а ниту, пак, родителите. Некои ем имаат пари, ем не знаат што е здраво.

„ТРЕВАТА ТЕ МОЛИ – НЕ ГАЗИ МЕ, МЕ БОЛИ“

Се прашувам што ли ги учат децата во училиште, освен дека Александар бил Македонски и дека имаме антички корен? Како ли го оправдуваат учителките ова злодело што го сотре сето преостанато градско зеленило? Знаат ли учителите дека и тие дишат отров и дека треба да ги учат децата уште од мали нозе да се борат за секоја педа зеленило и цвеќе?

Знаат ли дека активизмот не е платена работа, туку свест и должност на секој граѓанин? И дека старото, социјалистичкото оче наш – „тревата те моли – не гази ме, ме боли“ – не е за смеење, туку за липање на глас, денес. Знае ли едукативниот кадар, со министерот за образование на чело, дека е соучесник во еколошко убиство на главниот град?

Зашто, за да вложуваш милиони од своите жители во градење бетонска џунгла и убивање природа, треба да си сериозно неинформиран, ептен неедуциран или ментално болен. Или да си зол по душа. Сигурна сум дека дури и луѓето од селата по инстинкт знаат многу повеќе како да ја штитат и употребуваат природата и животната околина, отколку овие забегани лопатари на бетон, малтер, стиропор и керпич.

Нивните „победи“ се случуваат поради тоа што нашиот човек изгубил визија за сопствената иднина. Кога просечниот граѓанин би знаел што е здраво – тогаш би можел да мисли малку подалеку и поинаку. Ама, изгледа нема кој да му каже и нема од кого да научи.

Кога се гласа за некој што ти го узурпира последниот преостанат слободен и чист простор, некој што дозволува фабрики да трујат, некој што прави гаражи, сече дрвја безмилосно, уништува планини и реки – тогаш се потпишува предавство на сопствената иднина и на иднината на сопствените деца. Здравјето на народот, гарантирано и недвосмислено, можеше да биде подобар проект од милијардите проарчени на „Скопје 2014“.

За жал, ја видовме и ја доживеавме силата и моќта на незнаењето на оваа власт. Дали можеме да се надеваме дека сè уште има некој инстинкт останат во нас за да можеме да препознаваме природа наспроти депонија, скромно наспроти алчно, чисто наспроти валкано, добро наспроти лошо?

Зашто животот не е „куртул од денес до утре“, туку секојдневна грижа за земјата, воздухот, водата и за здравата храна – како услов за нашиот опстанок и како наследство за нашите деца. И никаков страв и неинформираност нема да нè извадат ако сме станале слепи за ваквата елементарна визија.

Поврзани новости