Груевски со тактиката на Бурдуш!

by Фокус

Пишува
Јадранка КОСТОВА

Во времето на онаа бивша СФРЈ, имаше еден јунак од ју-хумористичните серии, кој се прослави како еден од тројката во серијата „Музиканти“. Глумеше Ром што свири на контрабас. Името од таа серија, Бурдуш му остана до крајот од животот. Една од оние антологиски сцени со Бурдуш ми беше кога на стари години полагаше неколку предмети во вечерно училиште. А кутриот научил сал една лекција, и тоа од хемија – за железото. И ја знаеше наизуст до збор.

Арно ама, му паѓа прашање од географија, за морињата. И Бурдуш полека дава вовед: сите одиме на море, а на море пловат лаѓи. А знаете дека тие се направени од железо! А железото има знак Фе … и  како топ ќе ја „отпееше“ лекцијата за железо. Иако прашањето е за морињата. И за секоја зададена тема, Бурдуш наоѓаше спојка со железото.

Е токму на веќе заборавениот Бурдуш и железото ме асоцираа првите настапи од претседателската кампања на Груевски. Со тоа што „гвожѓето“ на Бурдуш, за Груевски е Бранко Црвенковски. Кого и да промовира опозицијата, нашиот Бурдуш ќе го поврзе со железото. Ќе затегне тоа контрабасот, и ќе засвири и запее тажаленка за „гвожѓето“.

Имам впечаток дека опсесијата на груевци со Бранко веќе добива опасни размери. Неродено дете ќе поврзат со Бранко зашто мајката дишела ист воздух со Црвенковски. И во „бурдуш“ стил, во Струга, обнароди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, зашто Стево Пендаровски е од „децата на Бранко“. Ја разви пастирот тезата – да си со години до Бранко, и ниту еднаш да не се оградиш од него или да се спротивставиш на негов став… за да  финишира „уз тезата“ – и ти си Бранко!

И сега, ако е дозволено да ја позајмиме оваа мисловна операција: кога во овие 5 години Ѓорге Иванов се оградил или се спротивставил на кој било став на Груевски!? Такво нешто не се случило никогаш, па ни тогаш. И дали Иванов сега е од „децата на Груевски“? Па, и Амди Бајрам не му контрирал, та би требало и тој да е меѓу сите пратенички деца на пастирот! Всушност, се исмеваше со тоа што Пендаровски бил советник на Бранко, но имам впечаток дека тој има повеќе проблем со своите пиар-советници. Збоктисаа, бре, со Бранко!

Понатаму, забавно е кога мајсторите од власта обвинуваат дека опозицијата го потценувала народот! Тие, пак, себеси се преценуваат кога пласираат афери со шашави аргументи. За илустрација, го обвинија Шилегов дека како претседател на комисијата за жалби, пред една деценија, усвоил десетина претставки на фирмата „Д-р Пановски“. Откако „Либертас“ откри дека во последните три години истата фирма победила на 591 тендер, остана нејасно дали Шилегов е виновен што 600 отсто повеќе ѝ тргнал бизнисот на оваа компанија во време на преродбата!?

Барем не го потценија народот, па затоа изгледа максимално го избојкотираа овој податок. Ако го слушне „пучанството“, ќе разбере какви шегобијци се. Исто како и нивните медиумски бурдуши. Еве, сега јавуваат дека Субрата Рој е пуштен со кауција да се брани од слобода во Индија. Нивните гледачи сега можат шок да доживеат! Оти не беа воопшто информирани дека бизнис-партнерот на власта бил уапсен.

За ваквите бесрамни спин-марифетлуци на портокаловите често разговаравме со Никола Младенов. Дека им нема рамни. Па тие, бре, и Никола го врзаа во расипан дил со Бранко! Лудо до шизофрено! Најпрвин една пратеничка лупна дека казната за клевета од 30.000 евра Никола и не му ја платил. Дека сѐ било глумажа! Ете, до каде оди нивната бурдуш тактика. Потоа тоа остана да се тркала низ социјалните мрежи преку некои од возљубеното им стадо. И овие ќе зборат за чест и углед!? Да, оти судството го претворија во свое гранапче!

Деновиве кога се навршува една година од трагичниот настан, сакам да потсетам дека истрагата за сообраќајката театрално ја затворија, премолчувајќи што барал Никола на автопатот. Со кого бил, кој го извикал!? Затоа не им е важен телефонот, ниту листингот со појдовни и дојдовни повици. Ама, гарант, да имал Никола контакт со Бранко, со разглас ќе ја ширеа информацијата. Вака останува да нагаѓаме!

Неодамна побарав неофицијално стручно мислење од еден психијатар за феномените на ова лудо време. Бев во дилема дали оние кои апла лажат, можеби со време почнуваат да си веруваат во „измишљотките“? И докторов веднаш ми ја откри дијагнозата – pseudologija fantastika. Вели, лаже, знае дека лаже, ама потсвесно е убеден дека зборува барем малку вистина и другите му веруваат. Она што најмногу ме насмеа беше кога ваквите таленти ги нарече „клинички ентитет“!

Арно ама, ситуацијата ни станува сѐ подраматична. Некои можеби се изгубени во лагите, други се со трауми од клеветите, трети затоа што многу официјални „објаснувања и аргументи“ ги доживуваат како навреда на интелигенцијата… Така што, имам впечаток дека сите во државава стануваме „клинички ентитет“.

Патем, Бурдуш не успеа да го измами наставникот и не положи. Сакам да верувам дека и нашите бурдуши и музиканти овојпат нема да успеат!

Поврзани новости