Да не прашуваме за парите на Црквата, оти грев ќе нѐ фати!?

by Фокус 10:03
10:03

Текстот е објавен на 13-ти јануари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 863  

Пишувала
Сашка ЦВЕТКОВСКА

- Advertisements -

За финансиски малверзации во христијанските цркви ширум светот, во 2011 година ќе се потрошат 35 милијарди долари, а само 31 милијарда ќе отидат за  глобалните хумани мисии, објави Центарот за истражување на глобалното христијанство, лани во јануари.

Ако се земе предвид дека станува збор за сериозна организација, која сериозно се занимава со изучување и со истражување на христијанството, излегува дека пораките на еден од најпознатите светци, апостол Павле, кои се однесуваат на опасноста од алчноста кај вероучителите, не се баш омилено четиво на земските слуги божји.

Државата Италија минатата година ѝ замрзна 30 милиони евра на банката која е во сопственост на Ватикан, поради истраги за перење пари. Бискупот од Бразил и девет негови блиски соработници од црквата седнаа на обвинителната клупа поради проневера од 2 милијарди долари. „Омрсени” свештеници се нашле зад решетки и во Британија, Русија, Украина, Германија и во многу други земји ширум светот.

Грешни души по белосветските цркви има, ама во нашата, македонска, богами не. И не дај Боже за пари да ги прашаш, грев ќе те фати!

ТАЕН БИЗНИС!?

За пред Бога не знаеме, ама пред законот – душите им се невини. Аферата „Изгрев”, тешка 6 милиони евра, фрли дамка врз МПЦ и врз архиепископот Стефан. Но, освен „дамката”, замрсениот случај заврши без никаква одговорност за црквата.

Сепак, и свештените лица напати јавно признаваа дека ваквите скандали не влијаат позитивно врз привлекувањето верници. Толку блиски, а сепак далечни, вака накусо може да се опишат односите помеѓу црквата и верниците. Да, тие ќе ви пеат на слава, крштевка и на погреб. И вие за тоа ќе си платите. Има и некои бесплатни работи. Еве, на пример, литургиите.

Она што се плаќа се свеќите, кои ќе ги запалите додека слушате литургија. Можеби ќе бакнете икона и ќе оставите некоја пара, за здравје. Или ќе купите бројаница, иконче мало, иконче големо, календарче… Нека звучи и непримерно, нека ми го земе некој ова и за грев, ама, да, божјите куќи одамна се бизнис.

Проблемот настанува кога вие ќе прашате – а, како оди бизнисот? Ако огромниот имот на Ватикан не е никаква тајна за католичките верници, оној на МПЦ не е за во јавност. Платите, приходите од продажба и оние од пеење по венчавки и по погреби, како и донациите од верниците, остануваат света тајна.

Во разговор со шефот на кабинетот на архиепископот Стефан, откривме дека тие и не чувствуваат некаква одговорност да даваат таков отчет пред верниците. А за платата на духовниот лидер, пак, е толку страшно да се праша, што на моменти чувствувате дека смртно сте го навредиле соговорникот.

– Ние сме јавна институција, но ние не сме даночни обврзници. Тоа се приходи од донации и нема потреба од транспарентност. Нема потреба таква обврска како транспарентност да постои. Според канонот, според црковната терминологија, архиепископот е венчан со црквата и сѐ што остварува за тоа време ѝ го остава на црквата. А извештај за нашите приходи ние си даваме пред органите на црквата,  кои се надлежни за тоа – вели Бобан Митевски, шеф на кабинетот на архиепископот Стефан.

Но, владиката Петар, во разговор со „Фокус”, открива дека секое ткиво на МПЦ не е толку таинствено околу финансиите. Имено, македонските цркви во Австралија имале пракса  на крајот на годината, на последната литургија, да им даваат отчет на верниците за потрошеното.

– Сите приходи и сите расходи црквите, секоја за себе, ги кажува на верниците. Кој сака да чуе, ќе дојде на таа литургија. Се разбира, не се диктираат сите расходи, како оние ситните потрошени за светилки, но се дава детален отчет околу средствата што се собрани и, нормално, за што се тие средства потрошени. Јас лично ја поддржувам идејата за транспарентност на црквата во однос на финансиите – вели владиката Петар.

СМЕТКИ ТЕШКИ МИЛИОНИ ЕВРА

Се разбира, МПЦ не е Ватикан, но според грубите пресметки, за она што го добива и за она што го поседува, не е баш за жалење. Со денационализацијата, на црквата ѝ беше вратен огромен имот, шуми и пасишта. Па сега МПЦ е практично газда на 8 проценти од територијата на Македонија.

Парите кои се слеваат од донации, црковни такси и од продажба достигнуваат милионски суми. Токму затоа, зголемувањето на цените за погреби, венчавки и за крштевки, предизвика револт во јавноста.

Ако се пресметува грубо, според податоците на Заводот за статистика, за умрени, новоредени и за венчани, во касата на црквата се слеале речиси 2 милиони евра. На пример, ако во 2010 година имало речиси 15.000 склучени бракови, а православни биле 70 проценти од нив, со цената од 3.000  денари за венчавка во црква, со еден поп, излегува дека црквата само од ова услуга заработила над 400.000 евра.

Погреб по новиот ценовник чини 2.000  денари, венчавката сега е 3.300 денари, а крштевањето дете – 3.000 денари. Овие цени се само ако пее еден поп. Во поново време, се пее и на бадникови огнови, се лицитираат крстови за Водици, лопати и за многу други обичаи, кои според теолозите се пагански, а никако црковни. И сите тие носат пари, настрана другите приходи на МПЦ.

Платите на поповите не се тајна, но само ако прашате за обичен поп. Според извори во МПЦ, најмалата плата која може да ја земе еден поп е 5.000 денари, а најголемата 45.000 денари, во зависност од местото каде служи, бројот на верници и од нивната социјална структура.

Владика, пак, зема 1.000 евра плата со платени давачки, но дополнително зема и од хонорари за учество во разни комисии, дневници и слично. Иако и овие плати се недоречени, сепак, единствена света тајна се примањата на архиепископот Стефан.

Дали МПЦ ќе го отвори чекмеџето за јавноста или не, според експертите и не е најважно на светот, ако нема дилеми дека црквата исправно ги троши парите.

– Повеќе транспарентност нема да ѝ штети. Воопшто не е спорно да има имот и да располага со имот, туку прашање е како тој имот се користи и дали со него успешно се располага. Случајот „Изгрев” и други слични гафови му наштетија на угледот на МПЦ, а таа мора да работи повеќе на проекти во интерес на верниците.

Црквата мора да биде повеќе меѓу верниците, со проекти за нив, како што се, да речеме, народните кујни. Не треба да се радуваме ако МПЦ нема имот. Сиромашна црква значи и сиромашен народ, но тоа богатство мора да биде ставено во функција на верниците – вели црковниот аналитичар Даниел Димовски.

Како трошат и во чија функција, засега очигледно си знаат само тие и Господ. А за крај на овој текст, во функција на скромноста која ја проповедаат свештениците низ светов, а кои во последно време се повеќе личат на бизнисмени, ќе ја пренесеме пораката на апостол Павле за алчноста на вероучителите.

„Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба и постојани расправии.

Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење. Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш.

Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме, ништо не можеме да понесеме со себе. Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни”, напишал еден од најпознатите светци во христијанството.

Владиката ПЕТАР
ГО ЛИЧИ ЛИ ВЛАДИКА ВО „ФИЌО”?

За негативниот имиџ на поповите придонесоа и нивните модерни и луксузни возила. Единствениот расположен кој сакаше да зборува на таа тема беше владиката Петар. Тој вели дека во неговата епархија нема луксузни возила, и дека новинарите често се служеле со полувистини кога ги опишувале возните паркови на црквите.

– Сите ме прашуваат зошто владиката не оди со „фиќо”, „стокец” или со „југо”. Затоа што не е безбедно да се возиш со толку стара кола. Не само владиците или свештениците, туку општо не е безбедно, а и не се стигнува на време. Мора да се биде безбеден.

Јас лично се возам со „ауди”. Пред тоа имавме „ауди” старо 12 години, кое чинеше околу 40.000 марки. Е, па, треба ли да се возиме со возило старо 12 години? Прво, повеќе пари одат за поправки на тоа возило, не е ниту исплатливо. А му правевме поправки нон стоп. Ниту едно семејство не е безбедно да се вози со толку стара кола.

Ние не се луксузираме, зборувам за мојата епархија. Нашиот цел возен парк чини од 50.000 до 60.000 евра. Имаме „ауди”, едно старо, едно ново и едно комбенце. Кога ќе ми дојде гостин, зарем треба да го возам во „фиќо” или во рента-кар? Кога одам некаде, мене ме возат со лукзузни коли. Ако може државата да се вози, зошто не и ние? А тоа и не е луксуз, барем она што нашата епархија го има – објаснува владиката.

Планот на УЈП се изјалови
ПАРИ БАРААТ, АМА ПАРИ НЕ ДАВААТ!

Планот на УЈП да ги фискализира верските заедници наиде на голем отпор и во МПЦ и во ИВЗ. Иако, на пример, тие остваруваат приходи од продажба, сепак тие пари не се оданочуваат. УЈП пред неколку години побара фискализација, со образложение дека законот не ги амнестира верските заедници од плаќање давачки. Но, Синодот на МПЦ се дообјаснуваше дека законите не ја опфаќале црквата и дека таа е одвоена од државата!!!

Поврзани новости