“Курир” се сели во Париз

by lali

Поради повисока свест за тоа дека загадувањето е нормална работа во секоја метропола, редакцијата на провладиниот портал “Курир” се сели од Скопје во Париз. Тие веќе нашле соодветна нова локација за порталот, со поглед на Триумфалната капија, за да се чувствуваат како дома.

– Причината што се одлучивме на ваков чекор е што веќе не можеме да ги трпиме хистеришањата на јавноста за загаденоста на главниот град. Ако сакаат луѓето да живеат на чист воздух, нека се вратат од кај што дошле, на село. Или нека си заработат владини реклами па нека одат секој викенд во Маврово или во Банско на чистење на плуќата. А не по цели денови да кукаат – вели уредник на порталот, засега непознат на јавноста.

Тој изрази огромна благодарност за градот Париз кој експресно изгради Триумфална слична на скопската во знак на добредојде за курирци. Слично постапи и француската влада која реши дел од парите за реклами за подобро здравство во Франција, како и оние против абортусот, да ги пренасочи во “Курир”, како чин на гостопримство.

Според информациите од “Курир”, чинот на селидбата нема да го загрози инфпрмирањето на публиката, зашто тоа и така не зависи од нив. Додека се селат, администрирањето ќе оди директно од Илинденска бб со сесрдна техничка поддршка од братските портали.

Поврзани новости