Ќулaфкова, Ристова-Астеруд и уште 25 професори ја поддржаа Силјановска за претседател на државата

by Fokus

Дваесет и седум професори упатија повик до јавноста да ја поддржат кандидатурата на универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова за претседателка на Македонија. Според нив, сега не е време за нормален политички натпревар и како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад личност, зад кандидат кој со сиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет, се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети.

Според професорите, таква надпартиска личност е Гордана Силјановска-Давкова, професорката на Правниот факултет во Скопје.

„Како никогаш порано, во најтешките моменти на поновата национална и политичка историја, на Македонија ѝ е итно потребен здружен опозициски блок, кој ќе ги обедини сите граѓански и интелектуални капацитети. Со оглед на состојбата, ова ќе биде работа на повеќе генерации, но првиот предизвик со кој треба да се соочиме на политички план се претседателските избори. Станува збор за навидум помалку важна институција во парламентарен систем, но историскиот миг ја прави повеќе од значајна. Во услови на нарушени контролни механизми, дерогација на поделбата на власта и на системот на „кочници и рамнотежа“, во ситуација кога ставот на граѓаните изразен на референдум беше безобразно заобиколен, институцијата Претседател на Републиката е последниот, или поточно првиот, браник на уставните вредности – се наведува во повикот.

Тие уште додаваат дека се свесни дека учеството во политички натпревар во вакви околности бара голема саможртва, особено при окториран устав и изменето име.

„Се надеваме овој апел ќе стаса и до најголемата опозициска партија во Собранието, со цел да создаде поширока општествена синергија и да застане зад нашиот предлог. Во овој момент ни е потребен претседател кој нема да спроведува нечија партиска политика, туку ќе биде гласот на разумот, правото, Уставот и совест на граѓаните. За првпат во политичката историја на Македонија имате можност да поддржите личност, на која ќе ѝ верувате дека ќе биде гласен коректор и морален авторитет во петгодишен период на тешки искушенија за земјата и дома и на меѓународен план. Веруваме дека проф. Силјановска-Давкова може да внесе разум, знаење и морал на политичката сцена, и дека ќе ги обедини македонските граѓани на кои суштествено им е потребен заеднички глас во полза на владеење на правото и здравиот разум, пишуваат универзитетските професори“, се вели во повикот на професорите.

Потписници се повикот се:

1. Катица Ќулафкова, академик
2. Наде Проева, професор
3. Каролина Ристовска-Астеруд, професор
4. Фредерика Поповска-Павловска, професор
5. Билјана Ванковска, професор
6. Жидас Даскаловски, професор
7. Елка Јачева Улчар, професор
8. Михајло Миноски, професор
9. Никола Павловски, професор
10. Богдан Богданов, професор
11. Снежана Филипова, професор
12. Костадин Тренчевски, професор
13. Ивица Милевски, професор
14. Јован Донев, професор
15. Велика Стојкова Серафимовска, професор
16. Валериј Софрониевски, професор
17. Јани Бојаџи, режисер
18. Ружица Манојловиќ, професор
19. Игор Улчар, професор
20. Константин Миноски, професор
21. Марија Ристевска, доцент
22. Драги Митревски, професор
23. Тихомир Стојановски, професор
24. Благоја Јанаков, професор
25. Петре Георгиевски, професор
26. Јане Богданов, професор
27. Виктор Ѓамовски, професор

Поврзани новости