Кривичен суд: Се даде приоритет на „Таргет и Тврдина“, а „Шпански скали“ почна од почеток

by fokus

Од Кривичниот суд денеска појаснуваат зошто случајот „Шпански скали“ почнал од почеток, односно се дозволило да поминат 90 дена меѓу две рочишта. Истакнуваат дека било донесена одлука да се даде приоритет на предметот „Таргет и Тврдина“ кој е во завршна фаза, а тоа било неопходно бидејќи во судечкиот совет и во двата предмета е судијата Владимир Туфегџиќ.

-Враќањето на почеток на судењето за случајот „Шпански скали”, односно протокот од 90 дена од последното одржано рочиште за овој предмет се надоврзува со одлуката на колегиумот на судии на Кривичен суд Скопје, да се даде приорите на расправата на предметот во јавноста познат како „Таргет –Тврдина“ каде судијата Владимир Туфегџиќ постапува како член на совет.

Со ваквата организациска поставеност и реализираниот интензитет на расправи, за краток период е завршена доказната постапка во предметот „Таргет-тврдина“ и насоречни се завршните зборови, а притоа доследно се испочитувани правата за судење во разумен рок на странките во двете постапки. Во тој правец, приоритет на насрочување во иднина ќе се даде на предметот „Шпански скали“. Воедно, на денешната расправа судот, со цел фер и правично судење како и непречен тек на постапката, ги обезбеди сите докази на Јавниот обвинител во електронска форма и заедно со образложението за истите им ги достави на странките, соопштија од судот.

Воедно, оттаму информираа дека покрај технички услови за аудио и видео снимање на расправата, на денешното судење заради целисходност на постапката, на странките им обезбеди користење на лап – топ компјутери заради поголема прегледност при изведување и презентација на доказите на јавниот обвинител. Следната расправа за случајот „Шпански скали” e закажано да се одржи на 23 февруари.

Поврзани новости