Ковачевски: Искусивме што значат меѓународна изолација и недемократска власт, мора да создаваме сојузници наместо непријатели

by Fokus

„Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка инклузија.  Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија по повод 8 Септември.

Тој додаде дека државата искуси и што значат меѓународна изолација и недемократска власт и видовме што носи меѓуетничката нетрпеливост, којашто што повлекува етноцентрични, популистички и со тоа крајно неодговорни и недржавнички политики.

„Оваа држава уште од Крушевската Република и АСНОМ е поставена на мултиетничноста, којашто е вградена и во Уставот на независна Македонија. Преку политичко и етничко заедништво е донесена и самата одлука за независноста на Републиката“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека предизвиците постоеле и ќе постојат, а најдобриот начин да се справиме со предизвиците е да се соочиме и да ги решиме.

„Предизвикот е шанса да се даде сè од себе.И таа неповторлива шанса за напредок, директно поврзана за нашата интеграција во Европската Унија, ја имаме токму сега. Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие нам“ рече Ковачевски.

Поврзани новости