Kомпозиторот Мирковски се сеќава на земјотресот: Виолета Томовска седум часа со голи раце копаше под урнатините за да не спаси

by Fokus

На вчерашниот ден се одбележаа 57 години откако силен земјотрес го сруши Скопје, во пет часот и 17 минути. Со јачина од 6,1 степен според Рихтер, разорниот земјотрес остави зад себе 1.070 жртви, над 4.000 повредени, десетици куќи и станови во урнатини, а над 200.000 лица останаа без покрив над главата.

Деновиве, додека им се оддава почит на жртвите и Македонија се сеќава на катастрофата, но и на солидарноста која произлезе од неа, се раскажуваат и многу приказни за преживеаните.

Една од нив е приказната за музичката дива Виолета Томовска и нејзиниот братучед, композиторот, диригент и инструменталист Љупчо Мирковски. Малкумина знаат дека токму Томовска го спасила Мирковски, кој во тој период, далечната 1963 година имал околу пет години.

За ,,Фокус” по повод годишнината од трагедијата, тој се присети на настанот, за кој вели дека секогаш му предизвикува морничави чувства.

-Со семејството живеевме во зграда наспроти стариот театар, кај дрвениот мост. Отсекогаш многу ја сакав мојата постара братучеда Виолета, и многу се радував кога ќе ни дојдеше на гости. Таа учеше средно училиште во Скопје, и попладнето на 25-ти јули дојде кај нас, од Битола. Вечерта, бидејќи Виолета ми беше како постара сестра, радосен што ни дојде, запнав да спијам со неа, наместо во мојот кревет. Бев упорно дете, ми дозволија и среќен заспав. Рано утрината се случи катастрофата. Нашата зграда се сруши цела, имаше многу затрупани луѓе, имаше жртви – се сеќава композиторот.

Вели дека помеѓу загинатите била неговата вујна, но и вујко му, оперскиот пејач Благој Петров Караѓуле. Тој и Виолета останале затрупани во урнатините, не сфаќајќи што се случува.

-Цели седумипол часа со Виолета бевме затрупани. Таа почна со голи раце да копа по урнатините, да бара зрак, за да може да викне некого на помош. Тоа се мигови кои никогаш не се забораваат… Конечно, здогледавме светлост, Виолета почна уште поупорно да копа и да расчистува. Викавме гласно, за да можат да не слушнат и да не спасат. За среќа, луѓето не слушнаа, направија дупка и не извадија од урнатините – се сеќава Мирковски.

Додава дека не бил повреден, но гласот му бил зарипнат од викање. И Виолета поминала без тешки повреди. Блиските, кога ги виделе живи и здрави, биле пресреќни, но истовремено и потресени поради смртта на неговите вујна и вујко.

-Беше тоа семејна трагедија, но во исто време и среќа и олеснување што јас и Виолета преживеавме. Од мојот кревет не остана ништо, се беше затрупано, така да, ако не бев упорен да спијам кај братучеда ми, веројатно немаше да преживеам – вели музичарот. Раскажува дека со Томовска секоја година на 26-ти јули се слушаат или ако можат се гледаат, и си честитаат втор роденден.

-Да се биде затрупан седумипол часа под урнатини, тоа е сеќавање кое секогаш прави да ми поминат морници. Жал ми е што немам фотографии од тоа време, сликовито да посведочат за она што се случи, но сите тие слики вечно ни останаа во мислите на сите нас – ни раскажа Мирковски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости