Колку крв е малку крв?

by lali

Да! Максимално предавнички, сакам да ги држам очите отворени пред фактите и вистината, без оглед на тоа колку тие болат. Предавнички се моите постапки на претставување на реалноста таква каква што е, без оглед на тоа колку луѓе во гледалиштето се со затворени очи.

Неиздржливо предавничко е моето инсистирање на пронаоѓање на одговорноста таму каде што е, а никако на друго место. Јас сум суперпредавник и затоа што им се смеам в лице на тие што од толку многу лажење и лижење почнале да веруваат во тоа што го лажат и да уживаат во тоа што го лижат. Колку и да се валкани лагите и чизмите кои ропски снисходливо ги опслужуваат.

„КОНСТРУКТИВНИОТ“ МОЛК НА ДУИ!

Ги следам сигналите и пораките. И тие што доаѓаат од дипломатите и тие што доаѓаат од правливите улици. Го прочитав писмото на амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет и сфатив дека тоа е сигнал дека најдоцна наесен ќе има ерупција на етнички тензии. Во меѓувреме, ќе добиеме корпа од НАТО под вообичаените изговори. НАТО својот одговор ќе го дополни со неколку дипломатски белешки за влошувањето на состојбата со човековите права во земјата, дел кој ќе биде прескокнат или спинуван во одговорот на 25-годишното лавче.

Тогаш, другарчињата во Коалицијата ќе се скараат повторно. Едното другарче тогаш пак ќе стане опозиција на власт. Во меѓувреме, ги пуштија и пробните балони за уште едно сценарио – промена или отстапки во врска со името. Ни тоа нема да помине без тепачки и други алатки за дефокусирање – апсења, скандали, народни песни и ора…

ДУИ веќе најави дека нема зошто да остане во владата ако не се обезбеди НАТО членство. Тоа Ахмети го кажа десетици пати во изминатите години на удобно владеење покрај ВМРО-ДПМНЕ, додека „конструктивно“ молчеше. Тој молчеше и додека беше систематски понижуван и тој и неговата партија.

Додека молчеше и беше понижуван, беше и ревносен соучесник во газењето на човековите права и слободи, задушувањето на медиумските слободи, тепањето пратеници и новинари, спектакуларните операции во кои се апсеа и затвораа дисиденти, опозиционери и новинари. Секако, ДУИ „конструктивно“ учествуваше и во спроведувањето на тендерите и ја практикуваше власта на сличен начин како и газдата ДПМНЕ. Се разбира, далеку од тоа да беше рамноправен, туку толку колку што ќе му фрлеа во лименото чинивче пред него.

ВО СЛЕДНАТА ЕПИЗОДА: ВЛАДИНА КРИЗА СО МИРИС НА КРВ

Како и да е, пак ќе има владина криза и наместо делумни нерегуларни избори, може да добиеме целосни, подеднакво нерегуларни избори. На оваа точка ќе се спојат политичката криза со етничките тензии. Наместо на училиште, каде и онака нема што вредно да научат, децата ќе ги видиме на улица.

Црвено-црни, црвено-жолти и зелени знамиња ќе се веат, ќе се запалат уште дуќани, автомобили и автобуси, ќе се пролее и „малку крв“, како што велат. Црквите и џамиите ќе станат агитпроп-штабови, а владините медиумски кловнови ќе поведат гнасна битка на зборови.

Малку крв? Што е малку крв? Малку, како за кого. Ако детето настине или падне и се изгребе, тоа е причина за страдање на секој родител. Загуба на млади животи е малку крв за оној што е удобно заштитен со силата на парите и моќта. За сите други е неискажливо тешко.

Што ако состојбите во кои се наоѓа Македонија веќе многу години се такви што бараат пролевање на многу повеќе крв отколку што мислат наивните? Националистичката политика што ја замени болната имплементација на Охридскиот договор трае предолго за да нема разрешница, и тоа крвава.

Тоа, впрочем, најмногу и им одговара на политичките елити – ескалација на меѓуетничкото насилство. Бидејќи, ако граѓан(к)ите решат да му стават крај на мизерното битисување од ден за ден, нема да фрлат камен преку етничките тараби, туку преку полициските кордони кои ја штитат коалициската власт по која толку чезнее и изгладнетиот Тачи.

СДСМ и неколкуте партии во опозициското јато практично се бездомници од 24 декември 2012 година, без вистинска моќ во општеството. Затоа, вниманието ќе се пренасочи. Етничкиот пожар кој се насетува во воздухот и за кој има повеќе од доволно знаци и сигнали, ќе биде одговор на сите проблеми на власта соочена со прашањата зошто НАТО ни удира уште една корпа и зошто препораката за отпочнување на преговорите со ЕУ виси на најтенкиот конец досега.

Ах, да! Тука ќе бидат и предавниците познати и како шпиони, соросоиди, сдсмовски елементи, странски платеници со посебен акцент на грчки, педери, заговорници на Велика Албанија… Тие ќе бидат уште еднаш јавно распнати и обвинети дека ја кодошат нашата кутра влада кај странците.

ИЗОЛИРАНИ И ЖИГОСАНИ ВО СОПСТВЕНАТА ЗЕМЈА

Ајде, на крајот на оваа денешна средба да ви кажам една „тајна“.

Ако постои простор за влијание врз Европската комисија да ја обновува препораката за преговори со ЕУ пет години наназад, тоа влијание го вршат токму овие што властелинските мегафони ги етикетираат како предавници. Тие се борат за Македонија!

Тие аргументираат дека и покрај континуираниот пад на Македонија, препораката треба и мора да остане бидејќи лошо ни се пишува и нам и на регионот. На состаноци и конференции, овие храбри активисти и интелектуалци, со загрижувачките факти во едната и аргументите за останување на патот кон ЕУ во другата рака, стојат како бедем против потполната изолација на земјата и тоталната мизерија, хаос и насилство.

Изолирани и жигосани во сопствената земја, малкуте преостанати активисти и интелектуалци, веројатно нема да бидат доволен аргумент за Европската комисија да ја обнови препораката оваа есен. Тогаш, Македонија ќе биде оставена на милост и немилост.

Тогаш, не е исклучено ни леење крв без декларирана војна или, како што тоа милуваат да го дефинираат експертите, долготрајна безбедносна криза со низок интензитет. Ако и ова писание е придонес кон опстанокот на Македонија на патот кон ЕУ во кој било форма, нека биде така. Секоја друга опција може да биде крвава.

Не сакам ничија крв да се пролее, никаде и никогаш. А ножевите се острат и ѕвечкаат сабјите.

Слободарска веб-страница на неделата

Во оваа рубрика што ја отворивме од минатиот број, препорачувам веб-страница која, според моето скромно мислење, минатата недела дала посебен придонес кон слободата на изразување.

Слободарска веб-страница на неделата е www.radiomof.mk

– за одличното покривање на третото издание на конференцијата ENGAGE на Младински образовен форум и многу други содржини поврзани со младите, образованието и младинските политики.

Поврзани новости