Која е Кали, девојката која влезе во игра да не претставува на Евросонг?

by Fokus

Калина Велковска – Кали е дел од шесте кандидати кои се избрани да учествуваат на домашниот избор на песна за Евровизија, од страна на стручното жири на МРТ. Таа ќе настапи со песната „Love and light“ за која музиката ја напиша Давор Јордановски, текстот е на Весна Малинова, а аранжманот на Никола Васков – Нино, Давор Јордановски и Петар Луќиќ.

Околу тоа која е Кали (37), која го привлече вниманието на јавноста во 2020 година, кога беше учесничка во бугарското музичко шоу ,,Гласот”, ,,Фокус” пишуваше уште пред две години. Како што ни раскажа Калина, со музика започнала да се занимава уште како дете. Имала мала пауза, во 2006 година пак и се вратила на музиката, а веќе од 2008 година започнала со настапи во локали. Девојката која ја воодушеви публиката во Бугарија, и која добиваше комплименти од целиот регион за својот талент и професионалност, тогаш ни раскажа дека и самата не знае како никој во Македонија не ја забележал пред да се појави во бугарското талент шоу, бидејќи за целото време таа и била пред нос на нашата публика.

-По настапот во Бугарија, кога луѓето ме прашуваат која сум, каде сум била цело време, знам да кажам дека сите овие години јас и бев пред нос на цела Македонија. Не знам зошто никој не ме виде, не ме забележа досега и зошто беше потребно да се појавам на бугарското талент шоу, па и Македонија да дознае за мене-раскажуваше таа.

Веќе има евровизиско искуство, бидејќи во 2016 година пеела придружен вокал на Калиопи, а била дел од настапите на Гуру Харе и многу култни ликови од музичката сцена. Покрај Кали, на домашниот избор на песна за Евровизија ќе настапат и Јон Ајдини – Yon Idy, Лара Иванова, Виктор Апостоловски, Андреа Коевска и Борис Цветановски – Ris Flower.

Нивните песни ќе и бидат презентирани на јавноста на 28.01.2022 (петок) во емисијата Стисни Плеј на МТВ, со почеток од 22 часот, кога ќе започне и онлајн гласањето. Платформата за гласање ќе биде отворена 7 дена, односно до 04.02.2022 година. Победникот ќе се добие по пат на онлајн гласање, како и според гласањето на меѓународното стручно жири во сооднос 50%:50%.

Вики Клинчарова

Поврзани новости