Кој е виновен за хаваријата во РЕК Битола – менаџментот или дождот?

by Фокус

Опозицијата обвини дека прекинот на транспортот на јаглен од рудникот Суводол до РЕК Битола не е поради дождовите, туку хаваријата се случила како резултат на неодговорно и нестручно работење на власта.

„Јавноста треба да знае дека поради немање на доволни количини на јаглен уште од 18 јули 2020 година РЕК Битола работи само со еден блок, а според плановите од 15 јули требаше да работат сите три блока. Најголемиот багер за ископ на јаглен повеќе од еден месец е надвор од функција бидејќи е потопен и заглавен во кал, уште пред да се случат вчерашните поројни дождови. За сето ова ВМРО-ДПМНЕ неколку пати ја известуваше јавноста во месец април, мај и јуни – рече Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, квалитет на јагленот е лош и затоа се трошеле огромни количини на мазут, со што се зголемувале и трошоците за производство на електрична енергија. Во услови на елементарна непогода во рудниците, велат од РЕК Битола, неетички и нечовечно е да се зборува за неспособност на комбинатот.

„Во истиот момент кога РЕК Битола и вработените покажуваат највисока пожртвуваност за санирање на состојбата во услови на огромни дотеци на вода и поплави на откопните полиња на јаглен, опозициската партија пласира лажни вести дека непотребно се трошат пари за вода од страна на РЕК Битола. Водата која во моментот се набавува е за вработените во РЕК Битола, особено за вработените во рудниците каде нема водовод и снабдување со вода за пиење“, реагираат од РЕК.

Од таму вчера соопштија дека поради обилните врнежи од дожд на јагленовите откопни полиња во рудникот Суводол на РЕК Битола ископот и транспортот на јаглен во моментот се во прекин, но, како што уверија, производството на струја не е доведено во прашање.

Поврзани новости