СДСМ со завршен митинг во Скопје – демократијата е како кислород, кога ја има не ја забележуваме, кога ја нема се задушуваме

by fokus

Со порака да се здружат силите на патот кон Европската Унија, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија вечерва го одржа завршниот митинг во Скопје, непосредно пред изборите закажани за среда. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на присутните граѓани им порача дека двојните избори на 8-ми се последниот повик за Европа и од тоа нема да се откажат.

-Исто како што не се откажавме изминативе седум години кога се соочивме со многу предизвици. Кога се боревме со сите кризи, со пандемијата, со инфлацијата, со енергетските проблеми! Знаете и самите дека имавме многу подеми и многу падови. Но, во ниту еден момент, ниту се откажавме, ниту се предадовме, ниту се повлековме. Бевме рамо до рамо со граѓаните, изјави на митингот претседателот Ковачевски.

Ковачевски додаде дека во време на СДСМ платите се золемиле за 120% а пензиите за 55%, со антикризни мерки во висина од над 2,6 милијарди евра и 2,5 повеќе странски директни инвестиции со подобри платени работни места.

-И ова, не е мала работа. Многу поголеми и поразвиени земји од Македонија едвај излегуваа на крај со кризите, а ние единствени од цела Источна европа успеавме да го зголемиме животниот стандард на граѓаните. Тоа го потврди и реномиран виенски економски институт. И горди да бидете сите на тоа, затоа што сите вие дававте поддршка на тие политики кои ги водеше СДСМ, и коалиционите партнери од коалицијата за европска иднина. И бидете горди што покажавме на дело дека социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс“, посочи Ковачевски на вечерашниот митинг.

Тој ги наведе зачленувањето во Обединетите Нации, добивањето на кандидатски статус на Македонија за влез во Европската Унија и зачленувањето во НАТО како тешки, но исправни одлуки што се донесени во време кога СДСМ била на власт и порача дека исто така СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе земјата и во ЕУ.

Ковачевски нагласи дека СДСМ не бегаат од одговорност и свесни се за кадровските, политичките и коалициските грешки, за разлика од Мицкоски и Груевски.

-За направените грешки, ние ја добивме казната. Потполно сме свесни за тоа и ја примивме пораката со достоинство и со почит. И вие видовте и самите, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме. И затоа, сакам да ви порачам од тука, јасно и гласно: ако ја добиеме довербата од граѓаните, тоа повеќе нема да се случува. Тоа е моето ветување до вас, изјави претседателот Ковачевски.

-Демократијата е како кислород. Кога е тука, не ја забележуваме. Кога ќе ја снема, почнуваме да се чувствуваме задушено. Кога нема демократија, настапува смрт. Смрт за слободни медиуми, за слободна мисла, за слобода на изразување за слобода на протест. Едноставно шепотите, седите дома, се криете и немате каде да го кажете вашето мислење. Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО – ДПМНЕ и Груевски, им порача Ковачевски на скопјани.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски на вечерашниот завршен митинг истакна дека е сигурен дека на 8 мај, ќе се извојува двојна победа.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на државата да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи, како што рече, ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без политичко искуство да водат држава, град или општина.

– Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна, рече Пендаровски.

Тие, потенцира Пендаровски, немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

-Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е, меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен, земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на изјавите на неговата противкандидатка дека Рамковниот договор го надминал времето, Пендаровски истакна дека Македонија ќе опстои исклучиво како заедница на потполно рамноправни граѓани.

– Ако можел да функционира 23 години, не гледам причини зошто да одиме по овие забегани теории, заговори и личности кои тврдат дека имале подобри решенија, подвлече Пендаровски.

Ги повика граѓаните на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат, како што рече, дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.   – Да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на оние кои ја замислуваат Македонија како нивна, приватна држава дека нема да успеат, рече Пендаровски.

Поврзани новости