Курти се сврте против Таравари – секој глас за Силјановска е глас против Албанците

by fokus

Претседателот на косовскиот парламент и десна рака на премиерот на Косово, Глаук Коњуфца, е против евентуална поддршка на коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во вториот круг од изборите за државата.

Коњуфца ова денеска го изјави за порталот „Тетова сот“ прашан за коментар за средбата меѓу Арбен Таравари, еден од четворицата предводници на коалицијата „Вреди“, кој беше и нејзин кандидат за претседател на државата, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а пренесе 360 степени.

Во видеото со изјавата на спикерот на косовскиот парламент, објавена на Фејсбук, новинарот на „Тетова сот“ вели дека дошол во Приштина да го праша косовскиот премиер и лидер на Самоопределување, Албин Курти, како му изгледа денешната средба на Мицкоски и Таравари.

Наместо со Курти, новинарот вели дека се сретнал со Коњуфца, кој го повикува Таравари да не брза, додавајќи дека секоја поддршка за кандидатката за шеф на државата Гордана Силјановска-Давкова и секоја соработка со ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска.

-Не сум запознаен со оваа средба, но ви верувам во ова што го кажувате и го сметам за вистина. Со тоа што сум ги гледал политичките концепти што ги има Гордана Силјановска-Давкова, тие се доста антиалбански концепти. Постојат сомнежи за албанското население таму. Јас сум многу против овие концепти и јас би бил против поддршка на такви концепти од кој било Албанец. Внимателно сум го следел и тој концепт е антиалбански. Јас не би поддржал таква опција бидејќи е на штета на Албанците,вели Коњувца.

Инаку, партијата на косовскиот премиер Албин Курти – Самоопределување, даде поддршка на коалицијата на опозициските партии на Албанците во земјава „Вреди“ чии лидерите на крајот на јануари годинава имаа средба со Курти во Приштина.

Поврзани новости