КОГА ЌЕ УТВРДАТ, ЗОШТО САШО МИЈАЛКОВ КИСНЕЛ НА РЕЛАЦИЈАТА СКОПЈЕ – ПРАГА?

by Фокус 11:18
11:18

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен во неделен Фокус бр 837 0д 15 јули 2011 година.

Најголемата опозициска партија пред изборите покажа документација, која, според нив, претставува збир на фактури, кои МВР ги платило за престојот на Сашо Мијаков во ВИП-Салонот на скопскиот аеродром. Документите имплицираат, дека шефот на УБК бил во Прага дури 16 пати за неполни две години. Од тогаш до денес, јавноста прашува, дали тие патувања имаат врска со неговите приватни трансакции во Чешка?

- Advertising -

Пишувал

Владо АПОСТОЛОВ

Бошкоски бара Мијалков кривично да се гони. Антикорупциска ќе отвори случај за Мијалков. Колку е богат Мијалков? Документи од фирма на Мијалков пред Антикорупциска. Тоа се само дел од насловите на прилози од А1 телевизија, во ноември и декември минатата година, во периодот кога власта упадна во медиумот, а подоцна го уапси и сопственикот на А1 Велија Рамковски за ,злосторничко здружување,. Токму дента, кога полицијата му ги врза рацете на Рамковски, ланскиот 24 декември, А1 телевизија известуваше за можеби најжестоките обвинувања на Љубе Бошкоски кон шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, сега веќе глобално познатиот прв братучед на премиерот Никола Груевски!

Огромни суми на пари со авиони на Чех Ерлајнс се изнесуваат од Македонија и завршуваат во една чешка банка, обвини тогаш лидерот на Обединети за Македонија. Шест месеци подоцна, како што милуваат да кажат фејсбук-симпатизерите на Груевски, Љубе му се придружи на Велија во ќелија!

Така, случајно или не, денес во притвор се и човекот кој најжестоко го обвинуваше Мијалков во месеците пред изборите, и газдата на телевизијата која одвои најголем простор за Бошкоски да ги искаже своите сомнежи. Разбира се, секој е осомничен за посебно дело, кое нема ама баш никаква врска со нивните конфронтации со власта!

ПРОВЕРКИТЕ НА ГОРДАНА

Не сакаме да кобиме, ама, сега за сега, сеуште на слобода е потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, кој за време на изборите ги презентираше документите кои имплицираа дека шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, во период од нешто помалку од две години дури 16 пати бил во Прага на државна сметка!

Георгиев покажа фактури за кои тврдеше дека се од аеродромот Александар Велики, кои биле адресирани до МВР, кое ги платило услугите на ВИП-Салонот, користен од Мијалков пред или после летовите од скопскиот аеродром.

Помина повеќе од 40 дена, откако опозицијата ги обзнани овие документи, па редно е да видиме, што од објавеното беше демантирано и на каков начин?

После пресот на СДСМ, експресно реагираше владејачката партија со соопштение во кое се вели дека тврдењата на опозицијата имаат цел лично да го дискредитираат Мијалков. Во краткиот текст, објавен на нивната веб-страница, уште ги употребуваат и фразите – ,манипулација, и ,излитени и стопати повторени инсинуации,!

Треба да се напомне дека, ако за прес-конференциите на СДСМ поврзани со имотот на Груевски властодршците веднаш најавија тужби, овој пат барем јавно немаше таква закана. Интересно е дека никој – ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту МВР, ниту пак некој од аеродромот, не излезе јавно да каже дека документите од опозицијата се фалсификат или некаква извртена полувистина. Или барем ние не чувме нешто такво. По обичај, недостасуваше соочување на аргументите или во најмала рака поуверлив демант, после кој и најверните вмровци ќе беа убедени дека целава приказна е само сдсмовско масло. Арно ама, на оганот од сомнежи, масло додаде никој друг туку министерката за внатрешни – Гордана Јанкулоска!

Евиденција за службените патувања води секторот за финансии во МВР, па, со оглед на тоа дека се работи за период од безмалку 24 месеци, за да дадеме издржан одговор, ние би требало да ги провериме архивираните патни налози. Отварањето на архивите постари од 12 месеци налага посебна процедура, меѓутоа можам да потврдам дека за сите службени патувања е изготвен налог, а се доставува извештај за целта на патувањето и за остварените резултати. Ако барате прецизни податоци, ќе мора да побарате официјално да ги отвориме архивите, изрецитира тогаш Јанкулоска на новинарско прашање.

Според полицискиот портпарол Иво Котевски до сега никој од колегите новинари не ја послушал министерката и не побарал МВР да ги отвори архивите, иако, најлегитимно е прашањето: Зошто полицијата до сега не го стори тоа самата, за да ги убие во корен сите сомнежи?

Котевски не беше баш расположен за да објасни, каква е процедурата според која ние официјално можеме да побараме отворање на архивите. Замислете, тоа требало ние да си го знаеме!? ×иниш, поднесувањето вакви барања е ежедневна работа, како пополнување на ливче во обложувалница!

Нејсе, социјалдемократите не поднеле никаква претставка до Антикорупциската комисија за овој случај. Нејзиниот, пак, претседател Војче Зафировски објасни дека Комисијата би отворила предмет доколку ги добие документите, па, ако се проверливи… Да, Антикорупциската имала многу ограничен капацитет за дејствување!

Зафировски вели дека Комисијата нема намера самата да отвора случај по принципот на ,допрен глас, или, како што вели тој – По ,рекла-кажала, муабети. Плус, додаде дека за да реагираат самите, потребно е Државниот ревизор да најде некакви неправилности!

Од друга страна, опозицијата ги достави документите до јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Го повика да провери, дали во овој случај постоела злоупотреба на службената должност, односно, дали со државни пари Мијалков шетал приватно?

До сега, колку што и’ е познато на јавноста, нема информации дека Шврговски постапил по барањата на СДСМ. Наше, пак, е да потсетиме на една изјава од обвинителот, која денес може да се најде на сајтот на Утрински весник. И денес може да се потсетиме на изјавата во која Шврговски вели дека дваесетгодишното познанство и дружењето со браќата Мијалкови, во гимназија и на факултет, не можело да му биде хипотека во работата. Нам не ни останува ништо друго, кога да се надеваме дека обвинителот бил искрен кога го кажувал ова!

ШТО ПРАВЕЛ МИЈАЛКОВ ВО ПРАГА?

СДСМ пред изборите обвини дека во една прилика заедно со Сашо Мијалков за Прага патувал и директорот на Бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски. И навистина, на еден од документите што имавме можност да ги видиме стои името и презимето на полицаецот којшто е познат во јавноста и по прекарот – Радникот!

Дополнително, тие обвинија дека во мај 2009-та, заедно со Мијалков од скопскиот аеродром за Прага полетала и мајката на премиерот Надежда Груевска, иако, рака на срце, во документите што ние ги видовме никаде не пишува кои се придружниците на Мијалков во честите патувања кон главниот град на Чешка!

Според документацијата на СДСМ, Мијалков во неколку наврати патувал за ×ешка со уште едно лице или со уште тројца. Опозицијата тогаш праша, дали ова патување на Груевска има врска со обвинувањата дека извесна Нада Груева купила стан во Прага нешто подоцна истата година?

Од овие листови може да се види дека Мијалков наводно патувал со летот ОК 847, кој, доколку проверите на сајтот ,Флајт мапер, ќе видите дека станува збор за дестинацијата меѓу Скопје и Прага на која лета чешката компанија ×ех ерлајнс, во Македонија присутна уште од 2005 година. Тогаш во медиумите се шпекулираше дека присуството на оваа авикомпанија во Македонија е знак дека ×есите се сериозно заинтересирани за купување на тогашното ЕСМ, кое отиде во рацете на Австријците од ЕВН!

На сите 16 документи пишува дека тие се фактури за плаќање на услугите на ВИП-просторот, каде важните гости и политичари може да користат телевизија, интернет или нешто да се напијат додека го чекаат летот или се одмараат од патувањето. Најголем дел од овие документи се фактурирани на 1.000 денари, но има и такви кои се фактурирани на нешто поголема сума. Ако се соберат сите пари за користење на овој салон, излегува дека се потрошени нешто повеќе од 900 евра за користење на посебните салони на аеродромот ,Александар Велики,!

Според фактурите што ги приложи опозцијата, ВИП-Салонот најчесто е користен во работни денови, иако има неколку фактури кои се датирани на сабота или недела. Токму затоа, од сево ова произлегуваат неколку прашања. Прво, дали ако навистина МВР платила за ВИП салонот, таа издвоила пари и за авиокартите чија најниска цена денес изнесува околу 270 евра? И, второ, дали патниците за овие службени патувања добиле дневници од Министерството за внатрешни работи?

Исто така, ако сето ова е вистина, би било интересно да се чуе, каква е таа соработка со чешката држава или тамошната полиција, која бара толку често присуство на шефот на тајната полиција во Прага? На интернет не можевме да најдеме вест во која се најавува некоја ваква посета, но, сепак, ископавме текст посветен на посетата на Јанкуловска на Прага од пред две и пол години. На владиниот сајт има информација за тоа, дека првата полицајка била во чешката престолнина на 15 јануари 2009 година на средба со тамошниот колега Иван Лангер. На средбата меѓу другото се зборувало за визната либерализација, но во фокусот на разговорите била и полициската соработка, односно соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи на сите нивоа и во сите сегменти на дејствување, што подразбира проекти и оперативна соработка на ниво на полиција, но, и проекти, оперативна соработка и размена на информации на ниво на безбедносни служби!

Сево ова звучи како причина за барем една средба на шефот на УБК со чешката полиција. Меѓутоа, на владиниот сајт нема информација дека на ова патување присуствувал и Мијалков, додека датумот на оваа официјална посета на МВР не се поклопува со ниту еден од датумите во документите што ги објави СДСМ!

МАКИ СО АНКЕТНИТЕ ЛИСТОВИ

Последното обвинување на СДСМ е во врска со фирмата на Мијалков во Прага. Според партијата, шефот на УБК на 2 и на 11 декември 2009 година два пати патувал во Прага. Според нив, тоа е периодот што точно се поклопува со продажбата на чешката фирма Сервис поинт, компанијата околу која се дигна прашина после обвинувањата на Љубе Бошкоски.

Имено, лидерот на ОМ во ноември минатата година обвини дека директорот на УБК, Сашо Мијалков, во анкетниот лист за имотната состојба на функционерите не пријавил дека има половина милион евра, кои ги заработил откако на крајот на минатата година продал акции од чешка фирма.

Според информациите со кои располагаат ОМ, Мијалков бил сопственик на фирмата Сервис поинт со седиште во Прага до декември 2009 година, кога ја продал за половина милион евра на босански државјанин. На официјалната веб-страница на Државната комисија за спречување корупција до денес не е евидентиран приходот од 500 илјади евра, обвини тогаш Бошкоски.

Овој случај го разгледа Антикорупциката комисија и утврди дека од изнесеното нема елементи за понатамошно постапување. Комисијата установила дека значително се намалиле уделите на Мијалков во странски фирми, ама, после консултациите со шефот на УБК дознале дека до јануари 2010-та тој бил сопственик на половина од акциите на Сервис поинт и ги продал на две лица!

Мијалков ги информирал дека тоа го пријавил, иако имотот не му се зголемил, туку само го претворил во пари. Затоа, во делот на анкетниот лист, каде се впишуваат другите приходи, пријавил 500.000 евра, а останатите половина милион евра ги запишал како побарување, бидејќи сеуште не му биле исплатени!

Ако се суди според анкетниот лист, излегува дека Мијалков сеуште не ги добил парите од вториот купувач на акциите на Сервис поинт, бидејќи во табелата сеуште стои дека тој има побарувања од половина милион евра!

Она што можеби е мана на интернет сервисот на Антикорупциската е што не може да се видат сите верзии на анкетните листови. Поради тоа, никој не може да провери како се менувала имотната состојба на некој функционер, туку може да се установи само моменталното богатство!

Но, ова не е прв пат Мијалков да биде обвинуван во врска со анкетниот лист. При крајот на 2007 година, СДСМ го обвини дека дури девет месеци по законскиот рок сеуште Антикорупциска не го објавила неговиот имот. Доколку може да му се верува на Утрински весник, Антикорупциската го објавила анкетниот лист на шефот на УБК дури во јануари 2008 или неколку недели по обвинувањата на СДСМ!

Да се вратиме, сепак, во деновите пред изборите, баш во периодот кога се појавија таканаречените ,кабли, од балканскиот партнер на Викиликс, бугарскиот сајт Бивол. Во еден од овие текстови, насловен како: Опасностите што лебдат, се спомнува и името на Сашо Мијалков.

,Лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер на ВМРО, Љубе Бошкоски, го повика Груевски да се повлече од власта поради неуспехот во евро-атлантските интеграции и во економијата. Нервозни министри од владата и инсајдери од ВМРО приватно ни најавија дека има несогласување во партијата поради овие прашања и поради наводите дека братучедот на Груевски, шефот на тајната полиција Мијалков, кој се поврзува во корупциски скандал околу купувањето на двокатните автобуси од Кина, напишала американската амбасада според сајтот Бивол!

ВИКИЛИКС ПОРАКИ

Интересно е дека токму ОМ, преку потпретседателот Ден Дончев, обвини дека бизнисмен близок до власта ќе ќари 23 милиони евра од тендерот за автобусите, но, ниту тој, ниту пак било кој друг го спомна Мијалков!

Текстовите на Бивол, провладините медиуми веднаш ги прогласија за пропаганда на СДСМ и на А1 телевизија, а слично реагираше и владеачката партија. Никој од нив подоцна не го објави соопштението на Викиликс, во кое тие велат дека Бивол е нивниот партнер на Балканот, кој до тој момент објавил 70 текстови за Бугарија, Србија и за Македонија, и оти ниту еден од нив не бил демантиран од Стејт департментот на САД. Нам, пак, не ни текнува дека американскиот амбасадор Рикер се појави некаде, за да демантира барем дел од она што беше објавено на овој сајт, а беа публикувани најмалку четири текста поврзани со Македонија. Во еден од нив, Мијалков дури е наведен како ,нашироко познат по својата корумпираност,!!!

,Политичкото влијание на Груевски врз судските и полициските органи не е тајна. Најновиот бран на јавни апсења, обвиненија и осудувања, претставуваат врв на таквите мешања и манипулации. Добиваме се поголем број жалби за ноќни “информативни разговори” со полицијата и закани од владата за можни “обвиненија за корупција”, кои можат да се покренат доколку луѓето и се спротивстават на владата или прозборат против неа. Во меѓувреме, нема никакви акции против најдоверливите луѓе на Груевски кои се нашироко познати по својата корумпираност, како шефот на службата за државна безбедност, Сашо Мијалков (исто така и братучед на Груевски) и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ќе цитира Викиликс дел од извештајот на американската амбасада во Скопје до централата во Вашингтон!

Ако сето она што го обелодени СДСМ е вистинито, а шефот на ДБК во сите овие 16 летови за ×ешка имал службени обврски, тогаш излегува дека Македонија како држава има посебни и интензивни односи со чешката тајна полиција. Доколку, пак, со истиот интензитет Мијалков патувал и во други европски земји, тогаш излегува дека безмалку не се свртел во Македонија. Тогаш можеме да кажеме дека шефот на дипломатијата Антонио Милошоски треба да му позавиди на својот сопартиец Сашо Мијалков за темпото на службените патувања. Заменикот на Милошоски, Зоран Петров, на ТВ Алфа неодамна обзнани дека на неговиот шеф му се смачило да легнува во еден хотел, а, како што велел, во друг хотел да се буди!

И, повторно, доколку се вистинити патувањата на шефот на УБК, тогаш се прашуваме, дали и на Мијалков му е смачено од авиони и хотели? Дали можеби и тој ќе си даде оставка? Оти, како што кажа Милошоски, што е многу – многу е. Опцијата за која СДСМ искажува сомнеж, дека првиот човек на ДБК со службени пари шетал за приватни потреби, воопшто не ја споменуваме, оти, за сега е ,рекла-кажала,. Според антикорупциските аршини, де!

Скапа била антикорупцијата

АНТИКОРУПЦИСКА СЕ ,ПОТРОШИЛА, ЗА ПРЕВОД НА ДОКУМЕНТИ ОД ЧЕШКИ!

Не знаеме дали Антикорупциската има навика постојано да објавува колку пари потрошила на документите со кои работи, но чудно ни е што тоа го направила во случајот кога Љубе Бошкоски ги достави документите на чешки јазик за кои тврдеше дека се докази за незаконитостите на Мијалков. Имено, на сајтот на Антикорупциска пишува дека тие потрошиле 10.030 денари (се до денар) за преведување на документите од чешки на македонски јазик!

На страна фактот, дека придавката македонски ја напишале со голема буква, што е прилично несмасна грешка за сите оние што малку повеќе го знаат нашиот јазик!

Поврзани новости