Кочо Анѓушев навел имот од 28 милиони евра во анкетниот лист

by fokus

Имотот кој новиот потпретседател на владата, Кочо Анѓушев го навел во анкетниот лист  тежи помеѓу 27 и 28 милиони евра.

Анѓушев поседува една куќа и дури пет стана во Скопје, има куќа од 214м2 во Халкидики, Грција како и стан во Белград. Тој поседува и недвижнини и пријавил два деловни простори во Скопје со вкупна површина од 200 м2, златен накит од 6 милиони денари и моторен чамец марка Регал.

Тој поседува и повеќе луксузни автомобили како порше каен, масерати и мини катримен. Пријавил и четири рачни часовници дури 2,5 милиони денари, како и 20 уметнички слики и скулптури од македонски автори чија вредност е проценета на 109 илјади евра.

Неговиот удел во групацијата „Фероинвест“ каде тој е содружник со 80% од акциите има најголема вредност во анкетниот лист и изнесува над 21 милион евра.

Анѓушев на брифинг со новинарите изјави дека тој се гордеел со неговиот анкетен лист бидејќи се создал сам и за се платил данок.

Тој најави дека неговата плата од 81 илјада денари ќе ја донира бидејќи било срамота со таков анкетен лист да ја зема за себе.

„Затоа ќе работам про боно а парите секој месец ќе ги давам во хумани цели. Половина од платата ќе ја давам на сиромашни семејства а останатите за стипендирање на талентирани студенти од техничките науки“, рече Анѓушев.

Во анкетниот лист тој пријавил и заем од 82 милиони денари а има и заштеда од 1,2 милион евра и над 4,6 милиони денари во банките.

Поврзани новости