Kiss Freedom Goodbye!

by lali 11:39
11:39

Утрово го дочекувам со висока волтажа во ушите. Се спуштам по вртоглавиот ролеркостер на рокенрол историјата. Почнувам со Stranglers и незаборавната No More Heroes. Следат уште стари добри и незаборавни ствари од Sex Pistols, Clash, RamonesAnarchy in the UK, Know Your Rights, Blitzkrieg Bop

Еден мој пријател, Шиљо, на времето имаше емисија под наслов Сурово будење на Лајф радио. Тоа беше вистинско уживање за високооктанските души на градот. По толку години, споменот на оваа емисија ми измами насмевка, додека скролав по рафтот со цедеа. По цел час слушање панк, се префрлив на нешто „поново и понежно“ – Marylin Manson, Antichrist Superstar. Yeah!

- Advertising -
"

Одамна не сум пишувал во нотес. Обично сум комплетно дигитализиран. Денеска сум нешто старомоден. Но, само за кратко, додека трае мојата жестока музичка екскурзија. Потоа, знам, ќе читам вести онлајн, социјални мрежи, па подготовка за уште еден работен ден, иако е недела.

Работниот ден ќе ми почне со учество на панел-дискусијата Улогата на граѓанскиот сектор и медиумите во општествените и политички процеси на Школата за активно граѓанство на организацијата Форум.

ПРЕКРАСНОТО ГРДО ЛИЦЕ НА ВИСТИНАТА

Додека ја слушам Arma-Goddam-Motherfuckin-Geddon од Менсон, како и секогаш, решавам да не бидам пригоден. Решавам да не влевам оптимизам или да наоѓам и предлагам решенија за спречување на брзото пропаѓање на граѓанското општество во Македонија. Обично ја исплукувам вистината. Без шминка, без вињетки. Грдото лице на вистината. Или: прекрасното грдо лице на вистината.

Што ќе кажам за улогата на граѓанскиот сектор? Дали дека тој игра некаква улога во општеството? Да, секако дека игра и тоа голема.

Деновиве, повторно копам по историјата на фашизмот и национал-социјализмот. Секако, тоа не е ни оддалеку случајно. Како што тоа го направив и минатиот пат на ова место, кога повлеков паралела меѓу денешните вести и однесувањето на власта со говорите на министерот за пропаганда, Гебелс, така и во оваа тема (ми се чини неминовно) треба да навлезам со таква споредба.

Граѓанското општество, во песната за Баба Зумбула опишано и како невладини фолиранти, немаше кога ни да се развие, а веќе беше кооптирано од власта. Тоа го направи и национал-социјализмот (нацизмот). Тој го присвои граѓанското општество за свои цели. Или, како што тоа го формулира Фред Пауел: „Тие [нацистите] ги заменуваат етичките принципи и го претвораат граѓанското општество во агенција на комунитарен тоталитаризам“. Нацизмот воспоставува „контрола на граѓанското општество како инструмент на комуникативната моќ и средство за обезбедување на нивната идеологија како триумфална“ – пишува Пауел (The politics of civil society: big society and small government).

Воедно, нацизмот го сведува граѓанското општество на пригодно дејствување во заедницата. Можеби неочекувано за вообичаеното сфаќање на нацизмот како маскулинистички, но милосрдието, односно хуманитарните активности, не само што беа толерирани, туку беа и охрабрувани. Нацистите ја разбраа потребата на луѓето да ја задоволат својата потреба од солидарност и ја замениле со евтино и манипулативно милосрдие.

Хуманитарниот аспект на граѓанското општество и сентименталноста е силен мобилизатор на заедницата, па затоа нацистите ги кооптирале помалите хуманитарни организации и групите за самоподдршка на слепите, глувонемите и слични групи и ги инкорпорирале во Националсоцијалистичката асоцијација за помош (NSV – National-sozialistische Volkswohlfahrt). За тоа време, во германскиот Црвен крст на главни позиции се назначуваат нацисти, а организацијата го прифаќа наци-поздравот и песните на партијата како дел од новиот имиџ.

Подоцна, по автобусите и трамваите гледаме постери од типот „Јас сум член на NSV. А ти?“.

СРЦЕПАРАТЕЛНАТА ХУМАНОСТ НА ВЛАСТА

Вести на партиската ТВ станица… Речиси нема поинакви, нели? А зошто и би имало кога партијата на власт е толку добра, па мора и – објективно – постојано да се воспева.

Како втора вест, веднаш по онаа во која премиерот држи една земјоделско-градежничка алатка попозната под називот лопата, го гледате министерот за здравство. Тој возбудено ги пробува новите душеци кои владата (кој друг?) ги донирала на некоја болница, како дел од фантастичните постигнувања во здравството. По таа вест, следат неколку други кои говорат за низа постигнувања на партијата на власт, па низа дипломатски и внатрешно-политички триумфи.

Потоа, на екраните гледате телоп и фотографија од која навистина се кине срцето. Во прилогот, оваа, партискава, ТВ станица бара хуманите луѓе да соберат помош за скапа операција во странство за едно мало дете на сиромашни родители, но и дека екстра хуманите естрадни ѕвезди ќе приредат хуманитарен концерт по тој повод. Да, тоа се оние ѕвезди што ги гледаме на партиските приредби и на оние во кои се воспеваат воени злосторници – повратници од меѓународен затвор.

Што треба да заклучи просечно уплашениот гледач? Дека партијата/власта е добра, предобра, срцепарателно хумана и дека е наша должност да му помогнеме на тоа дете. Власта донира, од кои ли само пари? Власта му донира на овој народ стотици споменици во мермер и во бронза, а нема пари да купи апарати и минимално да го испочитува личното и професионално достоинство на докторите, па и соодветно да ги плати!

Па, не може власта сѐ да постигне! Мора нешто и ние да направиме! Ете ви душеци! Ги проба министерот лично!А детето за кое треба да обезбедиме парична помош можеби ќе го оперира токму наш доктор во странство. Некој од оние што заминале во горчливата потрага по достоинство и пристоен живот.

НАЦИФИКАЦИЈА НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Да се вратам кај темата за нацификација на граѓанското општество.

Нацистите во Германија, како и фашистите во Италија биле мајстори на замена на тези и претопување на вредностите. Притоа, волонтерската работа и хуманитарната помош се претвориле во задолжителни активности кои, ако ги одбиете или приговорите против нив, можеле да ве чинат слобода, па и живот.

Нацистите биле особено среќни како членови на својата партија. Од нив се барало многу, но тие биле и наградувани со работа во државната администрација, им биле обезбедувани живеалишта и низа други поволности. Освен тоа, нацистите имале можност да ја практикуваат својата моќ, неказнивост и недопирливост над своите соседи и сограѓан(к)и.

Но, животот и за обичните граѓани под нацистичкиот режим бил пристоен. Владата обезбедувала многу програми за вработување, но и за општонародна „разбибрига“, како и многу слободни денови за да се празнуваат новите празници. Така програмата Сила низ радост (Kraft durchFreude) им носела многу веселби, а била комплементарна со движењето организирано од владата, се разбира, под назив Убавината на работата (SdA – Schönheit der Arbeit). Тоа движење им давало на луѓето чувство на достоинство поради тоа што го работеле и го јакнело срдечниот однос меѓу наци-владата и народот.

Церемониите и прославите, многу забава, весела музика – биле секојдневие на просечниот човек под наци-власт. Тажна музика и молски композиции, како и станувањето и солирањето при изведбата на музички дела се коселе со оптимистичкиот и патриотски дух на нацизмот и се противеле на духот на заедништвото. Таквата музика и изведбите биле „јудејско-црнечки“, а како такви и строго забранети. За тоа можете повеќе да прочитате во извонредниот роман Бас саксофон од Јозеф Шкворецки (Bassaxofon, Josef Škvorecký, 1967).

HITLER JUGEND&GESTAPO

Нацистите им дале надеж на луѓето. Сѐ што правеле во својата пропаганда, било поврзано со надежта. Вербата во Хитлер им давала на луѓето чувство на сигурност. Недовербата значела губење работа и многу често конц-логор (Konzentrationslager).

Но, со надежта дошла и контролата. Само членови на наци-партијата можеле да бидат вработени во театрите и другите културни установи во државата. Само книги одобрени од наци-министерството за култура биле поддржани и печатени, а сите останати биле забранети и запалени како непријателски и предавнички.

Нацистите длабоко ги почитувале жените. Според Законот за охрабрување на бракот, секоја млада брачна двојка добивала државен заем од 1.000 марки, а за секое дете родено во тој брак, брачната двојка имала право да задржи по 250 марки. Ако имале четири деца, не морале да вратат ништо. Жените со осум деца добивале златен медал и други државни признанија. За друго нешто, освен за приплод, всушност, и не биле почитувани.

Не сум сретнал во литературата досега, но нема да се изненадам ако некогаш налетам на податок дека младите брачни двојки добивале вино и ракија за своите свадби.

Нацистите биле ориентирани кон грижа за подмладокот. Младите биле во фокусот на нивните програми. Така, припадниците на Хитлеровата младина (Hitler Jugend) уживале во возбудливи содржини и биле третирани со голема почит. Но, во суштина, децата и младите биле одличен извор на информации за Гестапо. Родителите се плашеле да зборуваат за политика дома, за нивните деца да не ги поткажат на училиште каде што наставниот кадар, исто така, бил нацификуван.

Тоа е само дел од животот на граѓанското општество кое минало низ блицкригот на нацификацијата. Тоа станало алатка за пропаганда и контрола. И народот верувал во својот лидер, во неговата партија, како што верувал и во граѓанското општество. Сето тоа станало еден голем организам кој се стремел кон возвишување на нацијата. Медиумите верно и во чекор ги следеле сите овие трендови.

Малкуте преостанати елементи на независна или критичка мисла биле ставени во концентрациони логори или биле обесени бидејќи биле прогласени за народни непријатели и предавници.

Тие што живееле или живеат со вакво граѓанско општество, кооптирано од структурите на моќ, можат да се збогуваат со слободата на подолго време. Kiss freedom goodbye!

Сега ја слушам Collapsing New Peopleод Fad Gadget. Yeah!

Поврзани новости