Кога Илон Маск го исмеваше кинескиот производител на автомобили BYD како потенцијален конкурент во 2011 година, тешко можеше да предвиди дека компанијата ќе го престигне во продажба 14 години подоцна. Кинескиот автомобилски гигант официјално го престигна „Тесла“ и стана најголем продавач на електрични возила во светот, според бројките за продажба за 2025 година објавени од двете компании оваа недела, објави Си-Ен-Ен.
BYD соопшти дека продал 2,26 милиони електрични возила во 2025 година, што е зголемување од речиси 28 проценти во однос на 2024 година. „Тесла“, од друга страна, објави втора година по ред на пад на продажбата. Нејзините испораки се намалија за 8,6 проценти на 1,6 милиони возила, што е најголем годишен пад во историјата на компанијата.
Овој развој е уште позначаен со оглед на тоа што електричните возила на BYD не се достапни на американскиот пазар, додека Кина е втор по големина пазар на „Тесла“. Во последниот квартал од 2025 година, продажбата на „Тесла“ се намали за 15,6 проценти во споредба со истиот период од претходната година.
„Тесла“ со години бележи раст на продажбата од речиси 50 проценти годишно, но го забележа својот прв пад во 2024 година. Ситуацијата дополнително се влоши во првата половина од 2025 година поради зголемената конкуренција, не само од BYD, туку и од традиционалните производители на автомобили. Според анализата на Си-Ен-Ен, продажбата беше оштетена и од негативните реакции на некои клиенти на политичките изјави на Елон Маск, особено во САД и Европа.