Група граѓани, меѓу кои роднини и пријатели на Фатон Љури, денеска протестираа пред Основниот кривичен суд Скопје. Тие на мирниот протест го искажаа своето незадоволство и несогласување со затворската казна од 11 години што Кривичен му ја изрече на Љури за сообраќајката во која тој во јули со мотор, без возачка дозвола, на пешачка патека смртно го прегази 68-годишниот Југослав Николовски.
Протестот, групата граѓани, го започнаа од населбата Чаир, од каде носејќи транспарентни на кои пишуваше „Правда за Фатон Љури“, „Правда под притисок не е правда“ и извикувајќи „Сакаме правда“, пристигнаа пред зградата на скопскиот Основен кривичен суд.
Оттаму тие испратија пораки и до судијката и обвинителката, наведувајќи дека изречената казна е превисока.
„Денеска сме собрани тука за да кажеме дека сме револтирани од казната што му беше изречена на нашиот другар Фатон Љури. Зошто да се казни 24-годишен млад човек кога несреќата се случила не сакајќи. Тоа може да ни се случи на сите“, рече Фатмир Јашари, еден од присутните на протестот.
Тој додаде дека и претходно имало вакви случаи во кои обвинетите биле казнети со минимални казни, а како пример го наведе случајот со Бобан Илиќ кој во 2016 прегази четиригодишно дете во Куманово, по што беше осуден на шестгодишна затворска казна. Овој случај тогаш предизвика тензии и протести во Куманово, а на Илиќ му се судење два пати, првично за убиство, а потоа за тешки дела во сообраќајот.
„И порано имало вакви случаи во кои лицата беа казнети со минимални казни, како што беше случајот со Бобан Илиќ кој уби четиригодишно дете. До кога ќе биде оваа неправда од државата кон нас“, кажа Јашари.
Претходно денеска, во реакција на најавениот протест, од Основниот кривичен суд Скопје преку писмено соопштение наведоа дека го почитуваат уставно загарантираното правно на мирен собир, но, истовремено рекоа дека во конкретниот случај пресудата е донесена во транспарентна постапка, каде обвинетиот во присуство на својот бранител доброволно ја призна вината.