Скопјанката Мартина Мартиновска преку објава на социјалните мрежи алармираше за сообраќајна несреќа во која нејзиниот син, средношколец, бил удрен од автомобил на пешачки премин во Тафталиџе, во близина на гимназијата „Георги Димитров“.
Според нејзините тврдења, жената што го ушравувала возилото не застанала веднаш по ударот, туку тоа го направила откако останатите ученици се стрчале по автомобилот. Наместо да му пружи помош на момчето, му понудила 300 евра за да не го пријави случајот во полиција.
„Дете ќе ти дадам 300 евра да НЕ пријавуваш во полиција“, тврди Мартиновска дека му рекла возачката на нејзиниот син.
На местото на несреќата пристигнале полициски службеници од ПС Карпош, кои, според мајката, не ги евидентирале учениците кои биле сведоци на инцидентот. Момчето било пренесено во Ургентниот центар од неговиот брат, а полицајците пристигнале по три часа за да земат изјава.
Мартиновска изнесува и сериозни обвинувања за постапувањето на полицијата, тврдејќи дека жената лично познавала еден од полициските службеници и дека по нивниот разговор случајот не бил соодветно евидентиран.
Таа обвинува дека за несреќата не бил известен ниту дежурниот јавен обвинител, посочувајќи дека жената не му пружила помош на повреденото момче.
„Се надевам овој пост ќе стигне и до Министерот“, пишува Мартиновска.
„Вчера син ми Олег кога излегол од школо (средно Ѓеорѓи Димитров) на 50-100 метри од школото на пешачки премин (биле група од 6 деца) го урила кола (он бил прв)… Притоа “госпоѓата” незастанала и децата се стрчале по колата. Тогаш застанала се вратила малку во рикверц и пред сите НАМЕСТО ДА МУ ПОМОГНЕ рекла: ” дете ќе ти дадам 300 евра да НЕ пријавуваш во полиција”. Нормално, пријавиле во полиција. Дошле од ПС Карпош, но само како обезбедување и не ги нотирале децата сведоци. Другиот син Филип веднаш го зема Олег и го однесе на Ургентен….по три часа дошле полицајците во ургентен да му земат изјава… и тогаш полицаецот Мартин ѝ свртел на жената да ѝ каже дека идат накај неа по изјава… Но жената пред моите деца му рекла: Мартин сине, зарем не се сеќаваш на баба Наде???? Се сетил, и рекол не се секирај ќе средиме… И средиле….Браво Македонијо, Браво МВР… Баба Наде, кое дете е следно?“, пишува Мартиновска во објавата.