Казнет полицаец кој го пријавил командирот за кражба на дрва?!

by fokus

Полицаец од полициска станица во Прилеп неодамна се охрабрил и пријавил дека еден од командирите учествува во можна кражба на дрва, но на крајот, и тој се соочил со казна.

Настанот се случил на 6 октомври, кога полицајци од полициската станица село Ропотово, Прилеп, го известиле нивниот колега и претседател на независниот синдикат, Кронислав Мантароски, дека жител на селото, во присуство на командир од станицата товари дрва, кои биле во дворот на полицијата, откако претходно биле запленети.

Мантароски веднаш отишол во домот на лицето кое ги земало дрвата, споственик на пилана, а тие стоеле во неговиот двор. Селанецот, пак, се правдал дека ги земал со дозвола и знаење на командирот. Полицаецот, потоа, се вратил во станицата и го пријавил случајот, по што од полицискиот увид било утврдено дека е направена материјална штета од 6.000 денари.

Потврда на настанот побаравме од Министерството за внатрешни работи, од каде што не известија дека случајот е препратен до надлажното обвинителство, а не известија и дека по случајот постапува внатрешна контрола.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши увид во службената документација, обави разговор со инволвираните полициски службеници, при што по однос на констатирани неправилности против истите превземени се мерки солгасно Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи. Исто така ве известувам дека од страна на НККР Прилеп, СВР Битола за конкрентниот настан изготвен е службен материјал и истиот е доставен до ОЈО Прилеп за понатамошно постапување“, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.

Од Секторот за внатрешна контрола, слично известување му испратиле и на пријавувачот Мантароски, односно дека командирот постапувал спротивно на Законот за полиција и на Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, и се изјасниле дека ќе бидат превземени мерки согласно Колективниот договор, но дополниле дека и тој ќе биде казнет.

Внатрешна контрола утврдила дека пријавувачот, во случајот Мантароски, го прекршил членот 4 од Упатството за начинот на користење на социјалните мрежи од страна на припадниците на МВР, односно му забележале дека за настанот пишувал на фејсбук. Ваквото тврдење Мантароски го демантира, истакнувајќи дека за настанот тој не пишувал на социјалните мрежи, туку информација и фотографии објавил еден интернет портал, од каде што го контактирале и побарале детали, но тој ги упатил во МВР.

Мантароски смета една казната следува за заплашување, односно како предупредување за останатите колеги да не се осмелат и да пријават слично кривично дело.

В.В.

 

Поврзани новости