Кавадарци испраќа помош во Кочани

by Fokus

Теренска Лада Нива, џип со пумпа, Даф со 5.000 литри вода, Ивеко со 9.000 литри вода и седум пожарникари се дел од помошта која моментално тргна од Кавадарци кон Кочани. ТППЕ Кавадарци и ЈП Комуналец се упатија да помогнат со справувањето со силниот пожар кој беснее во Кочани. Пред малку и три екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје (15 пожарникари и три возила) се упатија да им помогнат на граѓаните на Кочани.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се објавуваат страшни сцени од пожарот кој стигна до самиот град, а граѓаните очајно бараат помош и апелираат да се испратат хеликоптери. Пред четири дена, за пожарот кој гореше над Осоговски планини над Кочани, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информираше дека не е локализиран, но бил под контрола. Тогаш тој изјави дека нема опасност за куќите.

-Од шумата до домовите има 800 метри бришан простор, така да не може да ги зафати куќите. Просторот е стрмен и затоа не може да се интервенира цело време со возилата – гласеше неговата изјава.

Но, денешниот пожар пак, поради силен ветер и сува вегетација бргу се раширил на западниот дел на градот. Според видеата кои ги објавуваат граѓаните, пожарот веќе зафатил и неколку куќи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости