Кавадарчани ја „открија” челичарата во Босна, заминуваат на работа за плата од неколку илјади евра

by Fokus

Од месец јануари годинава до почетокот на март од Основен суд Кавадарци биле издадени 25 уверенија за неосудуваност на кавадарчани, кои се подготвувале да заминат на работа во Босна и Херцеговина, во познатата челичара во Зеница.

Бројот на заинтересирани за работа во челичарата растел, и се очекува стотици граѓани од земјава да се упатат таму, во потрага по добра заработувачка.

Станува збор за „Арцелормитал”, која започнала со работа во далечната 1892 година и била основана од група на индустријалци од Австрија. Важи за еден од најголемите производители на челик на Балканот, и од своите почетоци и се случи престанок на производството поради војната во деведесеттите години на минатиот век, но и повторно пуштање во функција и модернизација.

Според информациите објавени на страницата на челичарата, моментално има 2.300 директно вработени лица, 12.000 индиректно вработени и над 600 локални добавувачи.

Кавадарчани кои се подготвуваат да заминат на работа во Босна, велат дека на почеток и самите не верувале дека земјата може да биде дестинација за добра заработка, со оглед на тамошниот животен стандард, кој е сличен на нашиот.

Но, откако добро се информирале за работата на челичарата, која беше синоним за масивно производство уште во времето на Југославија, сфатиле дека им се нуди одлична можност за добро платена работа.

-Не е многу далеку, а платите се движат од илјада евра, па нагоре. Заминуваме на неколку месеци, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Она што е приоритет, кога станува збор за работа во странство, е што доколку заминеме во некоја развиена европска земја, таму и животните трошоци се многу поголеми, додека пак во Босна, цените се слични како кај нас. Значи, може да се заштеди на секојдневните потреби, а и да се заработи добро – раскажуваат.

Вчера „Фокус” објави дека периодов над 1.000 лица од Тиквешијата ќе заминат како сезонски работници во странство. Секојдневно од основните судови во Кавадарци и Неготино се издавале уверенија за неосудуваност, со цел да се стекнат со право за работна дозвола во друга земја.

Претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата и професор, Лазар Нанев ни изјави дека се издадени потврди за работа во Хрватска, Австрија, Словенија, Словачка, Америка, Германија, Босна, Франција, Италија, па дури и Мексико.

Вики Клинчарова

Поврзани новости