Како политичките партии ги трошат буџетските пари и го стекнале атрактивниот имот?

„Фокус“ изврши проверки на последните ревизорски извештаи за редовните, но и изборните сметки на политичките партии, каде, меѓу другото, може да се најдат наводи за замрзнат и нерегулиран имот, како и за противзаконско финансирање.

by vlatko 18:23
18:23

Текстот е објавен на 18 септември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.563.

Откако Мицкоски, на собраниска говорница читаше протечен записник поврзан со купувањето на партиското седиште на Левица во центарот на Скопје за околу 300 илјади евра и притоа обелодени какви трансакции се префрлале од партиската на личната сметка на Апасиев, тој му возврати дека ВМРО-ДПМНЕ има милионски конфискуван имот, а воедно спомена вили, станови и фирми во странство. Со оглед дека и двајцата во поткрепа на своите тези и тврдења се повикаа или побараа реакција на државниот ревизор, „Фокус“ изврши проверки на последните ревизорски извештаи за редовните, но и изборните сметки на политичките партии. Меѓу другото, во нив може да се најдат наводи за замрзнат и нерегулиран имот, за противзаконско финансирање итн.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во време кога јавното мислење беше целосно преокупирано со случајот за „обработка“ на политичари и новинари од страна на безбедносните служби, како и со серијата пожари што избија во депонии и фабрики, предизвикувајќи стравување кај граѓаните за штетни последици по колективното здравје, во Собранието се реактуализираше една веќе подзоборавена тема.

Станува збор за начинот на кој политичките партии се финансиираат, односно начинот на кој ги прибираат и трошат парите, како и начинот на кој го стекнале, помалку или повеќе, атрактивниот имот.

Кога на последната седница за пратенички прашања, лидерот на Левица Димитар Апасиев побара одговорност од премиерот Христијан Мицкоски поради големата трагедија во кочанската дискотека „Пулс“ пред половина година, бидејќи досегашната истрага сомничи и функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски реагираше со презентација на одредени информации поврзани со начинот на кој Левица ги троши партиските пари и го стекнала партиското седиште.

Но, не остане должен ниту Апасиев, кој почна да споменува вили, станови и фирми во странство, доведувајќи ги во контекст со Мицкоски…

ИМОТ ЗА ЏАБАРЛАК

Всушност, прво Апасиев говореше за агенцијата за обезбедување „Рубикон“, чиј вистински сопственик се испостави дека е Александар Нацев.

Имено, тој на говорницата извади фотографии на кои Нацев е со врвни вмровски личности, вклучително и со Мицкоски, прашувајќи го премиерот дали ќе остане на зборот дека ќе поднесе оставка ако се докаже поврзаноста на агенцијата на Нацев со ВМРО-ДПМНЕ?

Квалификувајќи ги зборовите на Апасиев како лаги, Мицкоски прочита извадок од записник во кој Апасиев информира партиски членови за купувањето на партиското седиште во центарот на Скопје.

– Фала ви на сите што дојдовте, стигнавме до ниво што можевме да го сонуваме, а тоа е да купиме недвижност. Најдовме таква недвижност што ни одговора во сите перформанси. Јас и Хактан во тимот за преговори, плус Зоки од центар за внатрепартиска безбедност, Марјан од финансии, Токарев од Правен и Даре од ИТ. Перманентно веќе 2-3 месеци наназад водиме преговори со Унибанка за имот на позната адвокатска улица, односно бивши хотел „Опера Хаус“.

Би ве замолил да не споделуваме додека не стане официјално. Недвижноста има 4 нивоа. Минус 2 нивото го планираме за Редкаст студио, па прес-центар, на минус еден конгресна сала, на приземје кафиќ, итн. Евтино џабарлак го зедовме, 900 евра по квадрат, вин-вин ситуација. Тамам излезе објектот, банката не сака да го објавува, мислејќи дека ќе им наштети на репутацијата, од 280.000 евра на 250.000 евра плус ДДВ итн.

А, демантиравте дека имавте врска со ова еднаш кога ја отворив оваа тема и тогаш велевте не е тоа така, ова е скромно местенце, толку квадрати итн… а овде гледам дека сте полн со себе. Треба да ѝ дадете одговор на јавноста кога бевте Димитар Апасиев, кој ја зборуваше вистината, тогаш или кога излезе овој записник пред вашите во ЦК – рече Мицкоски.

Потоа, тој додаде дека дека свиркач до нив доставил и список со стотици трансакции на пари префрлани од Левица на сметка на Апасиев, но и на пратеникот и кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ.

–Кога сме кај злоупотребите во Левица, свиркач донесе кај нас, погледајте, погледајте, список на трансакции. Неколку ќе прочитам – Димитар Апасиев на 09.12.2022 година 15.167 денари. Тука има стотици трансакции префрлувани од Левица на вашата трансакциска сметка. Да речеме, Димитар Апасиев на 14.04.2022 година 28.000 денари бруто, итн.

Еве ги сите трансакции како ја молзете и како ја цицате Левица, односно парите што граѓаните ги уплаќаат во Буџетот. Вие треба да одговорите дали е точно или не е. Но, она што повеќе ме загрижува, е вашиот кандидат за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ.

Еве на пример на 17.8.2022 година 31.909 денари, потоа 78.616 денари префрлени од Левица на негово име, потоа 136.667 денари и потоа вие зборувате за патни трошоци, за ова или она – рече Мицкоски.

ВИЛИ, СТАНОВИ И ФИРМИ ВО СТРАНСТВО

Во контрареакција, Апасиев рече дека Мицкоски е единствен премиер во Европа, кој, наместо да одговара прашања на пратеници, поставува прашања до нив.

–За жал, ве преценивме, бидејќи година и пол веќе не сфативте елементарно дека тука пратениците прашуваат и премиерот одговара, а премиерот не прашува. Вие можете таму во партија, во штаб, во влада да ги прашувате, но тука вие сте должни да одговарате.

И конечно, на оваа нашата Македонија ѝ треба лидер, кој има одговори, а не прашања. И толку не можете да сконате дека ова ви е промашена тема, тема во која заглибавте, како му викавте на Венко (Филипче) – сè подлабоко и подлабоко.

Значи, вие мене, со имот од Белата палата од 8 милиони евра, на криминалното здружение, кое ви е под конфискација, ми префрлате за имот од 300.000 евра под хипотека?! Да, Левица расте, се развива и има имот, еве јавно ве поканувам да испиеме едно кафе, бидејќи јас сум бил кај вас во вашата Бела палата…

Колку имотни листови имате? 102 имотни листа на ВМРО-ДПМНЕ. Најбогатата партија во Европа ѝ префрла на една партиичка, како викате вие, што земала пари. Па, немаме ние вили во Хрватска, на јадранско приморје да идеме. Немаме станови во Виена да си идеме на викенд, немаме фирми во Белград со Анѓушот заедно да ги делиме тендерите од хидроцентралите. Немаме маички од 700 евра, еве саати од 60.000 евра.

Толку имаме, еден имот сме стекнале. Дојдете да испиеме едно кафе, убаво го средивме, да не се секирате. Тоа минус 2 не го средивме, но чекаме еве од вас да ни пуштиме пари, па да го средиме – рече Апасиев.

Во однос на информациите за префрлање средства од партиската сметка на Левица, на личните сметки на Апасиев и Мециновиќ, Апасиев не се произнесе на собраниската седница, но подоцна даде кус коментар на Фејсбук.

„Премиерот Мицика вика дека со Амар сме краделе пари од партија. Ама ревизијата друго нешто вика“, напиша Апасиев.

Во пакет со тоа, тој објави исечок од ревизорски извештај, каде што стои дека ревизорите со извршената ревизија изразиле мислење „без резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“.

„КЕШ-ТРАНСАКЦИИ“ ОД ПАРТИСКА НА ЛИЧНА СМЕТКА

Во меѓувреме, оваа тема актуелна ја држеше ВМРО-ДПМНЕ преку Валентин Манасиевски, кој на неколку последователни прес-конференции обвини дека дуото Апасиев-Мециновиќ си „пикнало во џеб милиони од Левица“, додека ги „молеле граѓаните да донираат“.

–Апасиев е сè, самo не она што се претставува во јавност. Дека се грижи само за себе и за својот џеб, говори фактот што тој ја олеснил касата на партијата Левица, поточно зел пари, кои партијата ги добива од Буџетот.

Станува збор за околу 700.000 денари пари на Левица добиени од Буџетот, поточно народни пари. Колку за илустрација, во март 2023 година, од партиската каса зел 52.000 денари, април 2022 година, како и во јули и во септември истата година зел околу 80.000 денари.

И така, земајќи пари во неколку наврати, сумата што ја зел достигнала околу 700.000 денари. И да, тоа се пари од Буџетот, тоа се народни пари. Овие пари ги зел Апасиев, истиот оној што се претставува како чесен, како човек кој не зема патни трошоци, како човек што не зема ништо од граѓаните, како човек кој се бори против корупцијата, за правда и слично – рече Манасиевски.

Како што истакна тој, Мециновиќ само во оваа 2025 година од Левица зел над 200.000 денари.

Надоврзувајќи се на тоа, Мицкоски во едно ТВ-гостување рече дека Апасиев и Мециновиќ ги добивале овие средства по основа на материјални и патни трошоци.

–Ревизорот треба детално да се позанимава со овие кеш-трансакции од сметката на политичката партија Левица до одредени членови од највисокото раководство на партијата. Ние, политичките партии добиваме пари од буџетот и од одредени донации, членови, активисти итн. Така се финансирааат партиите. Парите од буџетот ги плаќаат граѓаните за водење јавни политики, не за плаќање материјални и патни трошоци.

Бидејќи вие како партија ги напаѓате вашите колеги и пратеници за тоа што добиваат патни трошоци во парламентот, тогаш се поставува прашањето зошто вие во вашата партија сте си исплаќале патни и материјални трошоци за тоа што сте го добивале од граѓаните, од буџетот. Така што онаа теза „ние сме неподмитливите“ паѓа во вода – рече тој.

ОДМРЗНУВАЊЕ ИЛИ КОНФИСКАЦИЈА?

Со оглед дека и Апасиев и Мицкоски ги споменуваат ревизорите, со таа разлика што првиот се повикува на ДЗР како поткрепа дека нема ништо спорно во финансиското работење на Левица, додека вториот го повикува Заводот да ги разгледа трансакциите од Левица кон партиски функционери, одлучивме да провериме што откриваат последните ревизорски извештаи за партиите.

Инаку, на фрагментот што го објави Апасиев може да се види дека е извлечен од нацрт-извештај на ДЗР на сметка за редовно работење на Левица за ланската 2024 година.

Но, на сајтот на Заводот не може да се најде конечниот ревизорски извештај, што значи дека тој сè уште не е готов и објавен.

Арно ама, во текот на оваа 2025 година година објавени се ревизорски извештаи на редовната сметка за 2023 година на неколку политички партии, вклучувајќи ја и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Што открива овој извештај?

Меѓу другото, во него се наведува дека клучна утврдена состојба е забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка во 2018 година, која влијае врз проценетата вредност на дел од недвижниот имот.

„Според нашето мислење, освен за изнесеното во точката 3.1. финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на ВМРО-ДПМНЕ на ден 31 декември 2023 година на сметката за редовно работење, како и резултатите од финансиските активности за годината што завршува со тој датум, во согласност со важечката законска регулатива“, стои во извештајот.

Во рамки на споменатата точка, се наведува дека овластениот државен ревизор, во конечните извештаи од извршените ревизии во минатите години континуирано известува за судска постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти со вредност од 1.455.766 илјади денари, да го става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган.

„Во текот на 2022 година донесена е пресуда од страна на надлежниот суд, по која е доставена жалба од страна на партијата. Забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведената постапка влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, согласно член 14 од Законот за сметководството на непрофитните организации. До денот на известување од извршената ревизија, постапката се уште не е завршена“, констатирале ревизорите.

Во таа насока, вреди да се напомене дека веќе 6 години трае судењето за случајот „Талир 2“, отворен уште во времето на СЈО. Така, остана уште една година да се види дали владејачката партија ќе си го врати замрзнатиот партиски имот, вреден вкупно 17,5 милиони евра.

Понатаму, во извештајот обелоденети се состојби што се однесуваат на неизмирени обврски кон набавувачите што потекнуваат од минатите години, како, на пример, за набавени уметнички слики за кои не е извршено плаќање.

Конкретно, се работи за 271 уметничка слика во вкупен износ од 19.065 илјади денари, кои се набавени врз основа на склучен договор со странско лице.

Сепак, за нив не биле доставени фактури од авторот на сликите, иако, согласно склучениот договор, обврзувачко било истите да се достават заклучно до 30.06.2017 година, врз основа на кои и би се извршило плаќањето.

СРЕДСТВА НАД ЗАКОНСКИОТ ЛИМИТ

Освен за ВМРО-ДПМНЕ, годинава се објавени ревизорски извештаи и за други поголеми партии.

Една од нив е СДСМ, за која ревизорите, исто така, истакнуваат одредени забелешки во поглед на партискиот имот.

„За дел од објектите што ги користи партијата, а ги има наследено од правен субјект нејзин претходник, партијата нема обезбедено имотни листови за регулирање на правото на сопственост и се преземаат активности за уредување на правото на сопственост над овие објекти. Ангажиран е адвокат, кој презема дејствија за вештачење на вешти лица од областа на градежништвото и геодезија и по добивање на вештите наоди и мислења ќе биде поднесена тужба за утврдување на право на сопственост.

И покрај преземањето активности, сè уште не се обезбедени документи за сопственост, поради што не е извршено нивно запишување во  Агенцијата за катастар на недвижности, не е проценета нивната вредност и не се евидентирани во деловните книги, согласно одредбите на Законот за сметководство на непрофитните организации и Законот за сопственост и други стварни права, што влијае врз искажаната вредност“, стои во ревизорскиот извештај за СДСМ.

Што се однесува до ДУИ, пак, ревизорите утврдиле дека во 2023 година уплатени биле средства за членарина над законски дозволениот лимит, поради што биле дадена препорака да се преиспита законската одредба во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка, како и да се регулира на начинот на  плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање.

„Во ДУИ, висината и начинот на плаќање на членарината се уредени со одлука, согласно која се регулира начинот на месечно плаќање на носителите на функции на централно и локално ниво на политичката партија.

Со увид во Годишниот извештај за членарина и донации утврдивме дека состојбата не е променета, односно и во 2023 година се уплатени членарини од 16 лица во повисок износ од законски дозволениот во вкупен износ од 124 илјади денари, што не е во согласност со членот 14 од Законот за финансирање на политичките партии“, стои во извештајот на ДЗР.

БУЏЕТОТ КАКО НАЈГОЛЕМ ИЗВОР НА ФИНАНСИРАЊЕ

Покрај тоа, ревизорите ги чешлаа и изборните сметки, односно сметките на партиите за кампањата за ланските парламентарни избори, при што, меѓу другото, констатирале дека државниот буџет е доминантен извор на финансисирање на партиските изборни кампањи.

„Вкупните приходи за изборната кампања на сите 17 ученици се во износ од 386.710 илјади денари и ги опфаќаат приходите остварени на трансакциските сметки „за изборната кампања“ (140.978 илјади денари), приходите од донациите во ствари (963 илјади денари) и приходите обезбедени од буџетот на државата за објавено платено политичко рекламирање (244.769 илјади денари), што укажува дека 63,3 отсто од вкупните приходи се обезбедени од Буџетот на РСМ и исплатени од ДИК, додека 26,7 отсто се средства обезбедени од други извори на финансирање“, соопшти ДЗР.

Плус, со извршената ревизија е утврдено дека сите учесници во изборната кампања не обезбедиле почитување на роковите за затворање на трансакциските сметки за изборна кампања.

Слични вести