Како ДУИ стана газда на зграда во центар на Тетово?

Претходните сопственици на објектот со внатрешна површина од над 1.400 квадрати, кој десетина години седел вон употреба, може да се доведат во релација со партијата, но и со институции раководени од „интегративците“, покажуваат податоците што ги обезбеди Фокус.

by Фокус

Владејачката ДУИ на чело со Али Ахмети го зголемила партискиот недвижен имот со деловно-административна зграда лоцирана во центарот на Тетово, во кругот на „Телеком“, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Според податоците што ги обезбедивме, станува збор за објект со приземје и 3 ката, чиј габарит изнесува 452 квадратни метри, а внатрешната површина 1.423 квадратни метри.

Имено, ДУИ го поседува објектот на катастарска парцела 2061/3 преку имотен лист 38220, додека земјиштето се уште се води во сопственост на државата преку имотен лист 38219.

Како што ни изјави Бејтула Адеми, прв човек на финансискиот оддел на ДУИ, за да го купат овој објект подигнале банкарски кредит од околу 900.000 евра, со период на враќање од 7 години.

Во однос на прашањето за каква намена партијата планира да го користи објектот, на кој можеше да се види табла од младината на ДУИ и плакати од партискиот лидер, Адеми одговори дека тоа не спаѓа во делот на неговите обврски и надлежности.

Затоа, истото прашање го поставивме и до Артан Груби, шеф на кабинет на Ахмети, но досега не добивме никаков одговор.

Инаку, документацијата со која располагаме открива дека претходните сопственици на објектот може да се доведат во релација со партијата, но и со институции раководени од „интегративците“.

Поточно, ДУИ го купила објектот од компанијата „Инфинити-МГ“, неодамна преименувана во „Зега Груп“. Според Централниот регистар, сопственик на оваа компанија е менаџерката на познатата „Вилсон Школа“, Елита Зулбеари-Маша.

Таа не ја крие наклонетоста кон ДУИ, но знаела да испорача и критики. Впрочем, таа реагираше кога ДУИ во последната Влада не номинираше ниту една жена, порачувајќи дека би организирала протести во Мала Речица, доколку била на чело на партискиот Форум на жени.

Претходно, пак, објектот бил во сопственост на познатата тетовска градежна комапнија „АК-Инвест“ на бизнисменот Азби Ибрахими, чиј син Фитим Ибрахими своевремено го формираше друштвото за трговија со струја „У-Повер“, заедно со Аријанит Џафери, син на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери.

Како што е познато, „АК-Инвест“ изминативе години влезе во групата на најуспешни градежни компании во земјава, врз основа на приходите и добивката што ја оствариле. Покрај бројните приватно спонзорирани проекти, оваа тетовска компанија добивала и тендери.

Според Бирото за јавни набавки, фирмата склучила повеќе договори за јавна набавка со органи предводени од кадри на ДУИ, при што најголем е договорот со Министерството за екологија за изградба на фекална и атмосферска канализација во Гостивар, вреден 130 милиони денари.

Од компанијата ни одговорија дека зградата што денес е во сопственост на ДУИ ја купиле во 2011 година од „Албнор Компани“ за 650.000 евра и за исто толку пари и ја продале на „Инфинити-МГ“, односно на денешна „Зега Груп“, во 2020 година.

За цел овој период од 9 години, истакнуваат од компанијата, објектот ниту го користеле, ниту го издавале под закуп, туку, како што посочуваат, недвижноста цело време стоела „празна и осигурана“.

Иако долго време го поседувала, компанијата не се пресесила во овој објект од причина што, според нивното објаснување, тој немал доволно простор и услови за складирање на градежната механизација и опремата што ја поседувале.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости