Како „државна тајна“ се чуваат резултатите за смртта на Британецот, за кој се сомневаа дека е заразен од ебола

by Fokus 14:24
14:24

Здравствените власти како „државна тајна“ ги чуваат резултатите за смртта на британскиот бизнисмен Колин Џефри, кој за 24 часа ја потресе Македонија, дека се појавил прв сомнителен случај на ебола. По три недели, откако преставниците на ресорното министерство кренаа непотребна паника дека Британецот е заразен од овој смртоносен вирус, конечно се познати резултатите од обдукцијата што се правеa на Институтот за патологија.

Сепак, тие нема да бидат јавно соопштени. Засега болеста од кој починал Британецот останува мистерија, иако здравствените власти за само два дена предизвикаа хаос во земјава со информацијата дека заразната ебола се „доселила“ на македонско тло. Останува нејасно прашањето, зошто беше потребна толкава паника без да се провери која е причината за смртта на пациентот, а сега наеднаш се почитува заштитата на правата на пациентите и не се соопштуваат резултатите? Првичните информации кои излегоа во јавноста се дека од семејството на починатиот Британец побарале да не се открива болеста од која почина пациентот на Клиниката за инфективни болести.

Гордана Петрушевска, директорка на Институтот за патологија каде беше извршена обудкцијата во изјава за „Фокус“ вели дека засега нема да биде соопштена причината за смртта на пациентот.

- Advertising -

– Се уште се работи, иако ги имаме првичните резултати. Можам да кажам дека се работи за инфективен синдром. Во вакви случаи имаме ограничен обдукциски пристап, а тоа се бара од истражен судија и од семејството на починатиот. Сепак, се уште не е затворен целосно случајот. Јас не сум повикана да давам никакви информации на новинарите. Се што имаме информации, прво ќе ги испратиме кај министерот, па од таму можат да ги информираат новинарите. Не е работата само да се каже нешто. а со тоа да се направи поголема штета – тврди доктор Петрушевска.

Овој случај стана актуелен откако пред 20-тина дена, од министерството за здравство „фрлија бомба“ дека во Македонија се појавил прв случај на  ебола. Во рок од 24 часа, доктор Јованка Костова, раководител на Секторот за превентивна заштита одржа неколку прес-конференции, при што на првата ги искажа своите сомннежи, додека за неколку часа го смени мислењето дека се помали се шансите британецот Џефри да починал од смртоносниот вирус што го тресе светот.

По брза постапка, 25 луѓе беа ставени во карантин, скопската Инфектива клиника џела вечер беше под полициски надзор, се носеа скафадери и маски, а Македонија беше преплавена со новинари од сите страни на светот.

Од ебола во Светот досега починаа скоро 3.400 лица, а околу 6.000 се заразени. Првите симптоми на болеста се како и кај најобичната настинка, односно покачена телесна температура, малаксаност, намален апетит, главоболка и болки во грлото. Кога болеста ќе стане прогресивна, тогаш пациентте чувствуваат болка на целото тело, мачнини, повраќање, дијареа, грчеви. Истовремено ослабнува функцијата на црниот дроб и белите дробови, но и на останатите витални органи.

 

 

 

 

Поврзани новости