СДСМ: Во екот на владината кампања за здрава храна, во народна кујна поделена е расипана храна

by Фокус

Во екот на кампањата на Владата за здрава храна, во народната кујна во Бутел, поделена е расипана храна, обвини денеска Мила Царовска, претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

– На 17-ти октомври низ сите народни кујни на територијата на Скопје дистрибуирана била расипана храна. Дел од корисниците на оваа народна кујна земале од храната и забележале дека е расипана. Се проширила паника и страв. Кога се прочул скандалот останатите граѓани не ја земале храната ниту за тој ден ниту за деновите што им следувала, за викендот. Голем број граѓани, на кои била неопходна храната, останале гладни цел викенд а Министерството за труд и социјална политика не превземало ништо. Владата на Груевски, има 456 илјади евра за кампања за здрава храна, а нема за вистинска храна на оние кои им е најнеопходна. Министерот за труд и социјална политика е должно да одговори зошто дозволило да се подели расипана храна во народните кујни? Зошто ништо не е превземено да им се обезбеди храна на граѓаните на кои им е најпотребна? – праша Царовска.

Таа исто така се прашува како е можно фирма со која е склучен договор за соработка на 13 октомври, за само четири дена, да достави расипана храна до корисниците.

– Потребни се промени. Пример, за едно четиричлено семејство кое зема храна од народна кујна се издвојуваат 302 денари дневно или 9.060 денари месечно. А социјалната помош за четиричлено семејство е 5.173 денари. Корисници на народна кујна се 3.957 лица, а корисниц социјална парична помош се околу 34.000 домаќинства. Еве решенија на СДСМ кои значително ќе ја подобрат состојбата на загрозените граѓани: Предлагаме загрозените семејствата да добиваат 9.000 денари како додаток за храна. На тој начин граѓаните би се чувствувале подостоинствено, нема да бидат приморени да одат и да чекаат во ред за храна – вели претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

Поврзани новости