Полицијата го расчисти петочното пукање во Кондово

by Фокус

Полицијата вчера поднела кривична пријава против три лица од скопското село Кондово, поради престрелката што се случи во петокот за која медиумите информираа дека е меѓу функционери на ДУИ, податок кој го демантираше партијата на Али Ахмети.

На престрелката, според МВР, претходело меѓусебно нетрпение помеѓу браќата од двете семејства, кое резултирало со меѓусебна престрелка, при што тешки телесни повреди се здобиле Јакупи, а браќата Незири се здобиле со телесни повреди.

– Во петокот околу 17 часот Кондово, поточно пред чајџилницата „Њу Лајф“, со возило пристигнале првоосомничените браќа Незири, влегле во чајџилницата, каде биле браќата со кои и претходно имале расправии, по што ги повикале надвор за да ги расчистат меѓусебните недоразбирања. Кога излегле надвор меѓу нив веднаш почнала вербална расправија, а во еден момент сите извадиле пиштоли, испукувајќи повеќе проектили едни кон други. Од испуканите проектили браќата Ј.Ј. и З.Ј. се здобиле со тешки телесни поведи и со приватно возило се пренесени во Градска болница, а браќата Ќ.Н. и Ќ.Н. се упатиле во непознат правец, додека еден вработен во чајџилницата, кој се обидувал да ги смири, се здобил со телесни повреди и истиот со приватно возило е пренесен во Градска болница – известува МВР.

Полицијата информира дека  Ј.Ј. и Ќ.Н. се припадници на АРМ, додека Ќ.Н. е вработен во МВР на РМ и сите поседуваат дозвола за оружје. Ќ.Н. во престрелката го употребил службениот пиштол, иако во моментот не извршувал службени должности и задолженија, за што е информиран и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди кој отвори истрага за случајот.

Поврзани новости