Кафето за Јанкулоска беше поважно од отчетот за апсењето на Љубе Бошкоски!

by Фокус 13:25
13:25

arhivaТекстот е објавен на 11-ти ноември 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 854

Додека Тито Петковски се чудеше, зошто информацијата за следењето на Љубе Бошкоски е строго доверливa и на седницата ја нема ниту Јанкуловска, ниту претставник на МВР, министерката за внатрешни пиеше кафе во кафе барот „Ди Рома“, во друштво со министерот за финансии Зоран Ставревски. Собраниската комисија, незадоволна од одговорот на полицијата, ќе оди лично во МВР, да се увери од кога бил следен лидерот на Обединети за Македонија и по чиј налог. По реакциите во јавноста, безбедносни сертификати добија и пратениците од ДУИ и ДПА, кои немаа таква тапија за претходната седница!

- Advertising -

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Кој кого контролира или кој кого избира и назначува на политичката сцена во Македонија? Дали парламентот и пратениците ги избираат министрите, или обратно, министрите кажуваат кој, што и како ќе работи во Парламентот? Последниот случај со работата на комисијата за контрола и надзор на комуникациите во МВР и на Министерството за одбрана, покажуваат дека извршната власт и тоа како е доминантна над законодавците. I тоа до степен максимално да ги игнорира, или да се потсмева на нивните барања и комуникацијата да ја направи како квиз, во кој нема одговори, ама има контра прашања.

Собраниската комисија за надзор на следењето на комуникациите, незадоволна од одговорот што го добила од полицијата за следењето на комуникациите на Љубе Бошкоски во текот на изборната кампања, до неговото апсење на 6 јуни, ќе оди лично во МВР, за да ги види документите и така да се увери дали следењето е покриено со налог, кој ги издал налозите или наредбите и од кој датум се. На овој чекор се решија пратениците, откако МВР не само што не одговорило на нивните прашања, туку поставувало и контра прашања, а целата преписка ја класифицирало како „строго доверливо“!

РААТ КАФЕ, НАМЕСТО ОТЧЕТ ПРЕД ПРАТЕНИЦИ

– После ургенција и по скоро 40 дена доцнење, министерката за внатрешни работи одговара дека МВР не следело посебни комуникации кон Љубе Бошкоски преку мобилната телефонија, фиксната и сателитската телефонска мрежа, а во врска со барањето кога се наредени посебните истражни мерки, го наведува бројот на наредбите, но не и датумот кога се наредени – вели Тито Петковски, претседателот на комисијата.

Работната група, која треба да отиде во МВР, треба да добие детален увид дали тој бил непосредно следен или во електронска комуникација и по ова да направи извештај. Двајца членови на работната група треба да бидат од редот на опозицијата, а по еден од парламентарното мнозинство. Кој ќе биде персоналниот состав, ќе се договара деновиве.

Но, пратениците и така штурата информација на МВР мораа да ја разгледуваат сами и зад затворени врати. На овој чекор беа принудени, оти МВР писмениот одговор на нивните прашања го класифицирало како „строго доверливо“.

– Зошто е така класифицирана информацијата, навистина не знам. Затоа јас

барам да дојде лично министерката Гордана Јанкуловска, за да ни ја објасни класификацијата на информацијата за користење на посебните истражни мерки. Еден ден претходно ја поканивме, повторно преку нејзиниот шеф на кабинет, но немаме одговор зошто пред Комисијата не се појави Јанкуловска, ниту некого испрати од МВР – рече Петковски пред пратениците.

Тој им се извини на новинарите што ќе мора да ја напуштат салата, бидејќи законот го обврзува да продолжат да работат без нив, поради карактерот на информацијата. Но, додека пратениците останаа во Собранието да разгледуваат што им одговорило МВР на нивните прашања за следењето на Љубе Бошковски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше на кафе, во кафе барот „Ди Рома“ на улица Македонија, стотина метри подалеку од Собранието. Во кафе пиењето, друштво ѝ правеа министерот за финансии Зоран Ставревски и уште едно лице, кое не успеавме да го идентификуваме. Во кафе барот, околу 10 часот и 20 минути, прв пристигна министерот за финансии Ставревски, за неколку минути дојде уште едно лице, и околу 10.30 часот им се придружи Гордана Јанкуловска, токму во времето во кое пратениците расправаа за информацијата.

СТАВРЕВСКИ ЏЕНТЛМЕН – ПЛАЌА КАФЕ И ПО КАФУЛИЊА

Седеа до 11 часот и 30 минути. Пред заминување, сметката ја плати министерот за финансии Зоран Ставревски. Според она што го улови будното око на репортерот на Фокус, тој извади 1.000 денари од џеб, и го испрати обезбедувањето да ги плати кафето и другите пијалаци. Ако се суди по опуштениот кафе-муабет, иако разговараа и за одобрениот заем од германските банки и други потребни финансии, министрите беа седнати на релаксирачко кафе по седницата на Владата, која се одржала претходно. И воопшто не изгледаа загрижено што претходно презеле обврски, или некој ги викал да дадат отчет за нивната работа. Како во случајов, Јанкуловска, да објасни кој кога ги дал усните, а подоцна и писмените наредби за следење на Љубе Бошкоски и дали биле следени само неговите комуникации или и на секој политичар, со кого комуницирал лидерот на ОМ во тие денови, вклучувајќи го тука и заштитениот сведок, на кого Бошковски му се жали дека „ќе го уништат луѓето од власта, а не е способен сам да се одбрани“!

Фотографијата снимена од фоторепортерот на Фокус, во исто време додека работеше Комисијата за контрола на следење на комуникациите, покажува колку министерката е „загрижена“ што не дала отчет пред пратениците или што тие незадоволни од одговорот ќе одат да проверуваат сами, што докази има за случајот „Кампања“. Ова уште повеќе се покажува и со односот на Дирекцијата која ги издава безбедносните сертификати кон пратениците, бидејќи во отворениот дел на комисијата за следење на комуникациите, претседателот Петковски рече дека сега сите пратеници веќе имаат добиено безбедносни сертификати и може непречено да ги разгледуваат материјалите како овој за Бошкоски, кој е „строго доверлив“. Пратениците ги добиле сертификатите два дена откако беше одржана првата седница на комисијата, на која јавно беше кажано дека оваа комисија не може да работи, бидејќи пратениците од ДУИ и ДПА немале добиено сертификати.

– Значи, немало проблем со сертификатите штом ги добивме, не знам зошто претходно толку се чекаше – вели Тито Петковски.

Собраниската комисија бараше од МВР да одговори на прашањата: во кој период бил следен и прислушуван Љубе Бошкоски, дали следењето и прислушувањето продолжило и за време на предизборната кампања, дали МВР располага со налог од надлежен судски орган за примена на посебните истражни мерки и, ако има, од кој датум е тој?

МВР го уапси Бошкоски на 6 јуни, ден по одржување на изборите и го обвини за нелегално финансирање на изборната кампања. Во тек е судскиот процес, каде што како сведок беше предложено лице со заштитен идентитет, странски државјанин, кој дури нема да се појави да сведочи, туку ќе биде прочитан само неговиот исказ што го дал во истрага. За делата за кои е обвинет, на Бошкоски му се заканува казна затвор во траење од осум години!

Поврзани новости