(Интервју) Кире Наумов: Ставрески се крие зад сукњата на Јанкуловска

by Фокус

arhivaИнтервјуто е објавено во неделникот Фокус, бр.984 од 15 август 2014 година.

Економскиот аналитичар Кире Наумов веќе една година го предводи економскиот совет на СДСМ. Во интервју за „Фокус“ ги „сецира“ економските политики на владата на Груевски. Смета дека Македонија се наоѓа во своевидно должничко ропство, а „тројката најодговорни премиерот, министерот за финансии и гувернерот се однесуваат како ништо да не се случува“. „Цената ќе ја платиме сите“, вели Наумов, додавајќи дека „медиумската прашина на владините труби нема да може да ја одржува таа ситуација долго време“.

Разговарал: Младен ЧАДИКОВСКИ

Фокус: Минатиов период жестоко ја критикувавте владата на Груевски, во светло на новите задолжувања, особено издавањето на еврообврзницата. Сметате ли дека Македонија нема сили да го издржи овој тренд на пораст на јавниот долг?

Наумов: Едноставно, треба само да го погледнете трендот и без поголеми економски познавања да дојдете до овој заклучок. Пресметката е многу едноставна. Од 2008 година, па до денес, заклучно со задолжувањето со еврообврзницата, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра. Тоа е зголемување на долгот во апсолутна вредност од 135 отсто. За да биде појасно, владата континуирано создава нов долг од 363 милиони евра секоја година. Ако истото го анализираме и од релативен аспект, односно како што постојано владата форсира дека е важен процентот на долгот од БДП, во 2008 година, тој изнесувал 20 отсто, а денес е 40 отсто од БДП. Владата за овој период успеала да го удвои долгот како процент од БДП.

Фокус: Зборуваме за долгот на централната влада?

Наумов: Зборуваме само за долгот на централната влада. Од безбројните манипулации на оваа владејачка гарнитура, најголемата манипулација е необјавувањето на јавниот долг, кој во себе ги содржи и долговите на општините и јавните претпријатија, без долгот на НБРМ. Владата со години манипулира, фалсификува, лаже, со тоа што долгот на централната влада го споредува со јавните долгови на државите во Европа и папагалски повторува дека сме четврта најмалку задолжена земја.

Фокус: Сакате да кажете дека резултатите од задолжувањата не се видливи?

Наумов: Ефектите од ваквото задолжување се катастрофални. За овие 5 години Македонија бележи просечен годишен раст на БДП од 1,4 отсто. За да биде уште појасно, од 2008 година до денес, македонската економија кумулативно пораснала за 7,4 отсто, а долгот на централната влада изразен во евра пораснал во истиот период за 135 отсто. И еве ја на крајот најјасната и наједноставна математика за секој што нема потреба ништо да знае во економијата. Во 2008 година, номиналниот БДП, она што вкупно го произведува целата економија во Македонија, изнесувал 6,7 милијарди евра. Оваа 2014 година ќе ја завршиме со БДП од 8,1 милијарда евра како што и сега прогнозира Ставрески, независно што до крајот на годината како и во претходните тој ќе се обиде да манипулира и ќе ја надува оваа бројка. Тоа покажува дека за 6 години номинално БДП би пораснал за 1,4 милијарди евра. Значи во 2014 ќе произведуваме 1,4 милијарди евра повеќе отколку во 2008 година. Во истиот период, само долгот на централната влада пораснал за речиси 2 милијарди евра (во 2008 бил 1,4 милијарди, а во 2014 3,4 милијарди евра. Внимавајте, владината политика на задолжување не успеала барем долгот да го вгради во растот на македонската економија. Ова значи дека ние сме држава која се ограбува самата себеси.

Фокус: Но, од Владата не мислат така…

Наумов: Тоа не го мислат ниту Груевски, Ставрески и Богов, но тие тројцата се директни креатори на оваа политика на внесување на државата во должничко ропство и нормално дека ќе се трудат со сите средства понесувањето на одговорноста да го одложат за што подоцна. Тоа ќе значи само понатамошно тонење на државата на економски план и ѓаволски тешка работа за тие што ќе се нафатат еден ден ова да го исправат. Секако, најголемата цена ќе ја платат граѓаните, а, пред сѐ, помладите генерации.01 Kire NaumovСТАВРЕСКИ СЕ КРИЕ ЗАД СУКЊАТА НА ЈАНКУЛОСКА

Фокус: Според проценките на ММФ, Македонија сега е на ниво на долг од 44 отсто од БДП, вие пресметавте дека ако на тоа се додадат новите 500 милиони евра за обврзницата, долгот на земјата надминува 51 отсто. Дали е толку страшно јавниот долг да биде над 50 отсто ако знаеме дека помоќни држави од Македонија имаат повисок долг?

Наумов: Безброј пати сме ја објаснувале оваа манипулација, која континуирано е наметната од страна на власта, режимските медиуми и од економисти кои се делохранители на Груевски и на Ставрески. Како што велите и во прашањето, помоќните држави можат да си дозволат повисок долг, како што тоа можат да си го дозволат и моќните компании и секако моќните семејства и фамилии како приватен долг. Македонија не е ниту едно од ова погоре.

Фокус: Што велат светските искуства?

Наумов: Земји како Македонија банкротирале и со долгови од под 50 отсто од БДП. Но, најголемиот проблем е тоа што јавниот долг онака како што го пресметаа ММФ, опозицијата и некои други економисти власта не го признава. Ние сме единствената земја во Европа каде што извршната власт и гувернерот на НБРМ демантираат дека јавниот долг е 51 отсто од БДП, ама не ја кажуваат неговата вредност.

Ние сме единствената земја која глуми парламентарна демократија во која не постои никаква независна контрола на јавните финансии. Во Србија, на пример, постои Фискален совет, кој катадневно алармира дека е неодржлив јавен долг од над 45 отсто од БДП. Помалку или повеќе, под притисок на овој Совет, но и на целата јавност таму, се најавуваат болни реформи. Кај нас сега немаме ни парламент во кој може да се врши притисок на власта за ова прашање. Но, и да го имаме, искуството од декември 2012 ни покажува дека во Македонија, прашањата од сферата на јавните финансии ги решава министерката Јанкулоска со припадниците на МВР, додека министерот за финансии се крие зад нејзината сукња.

Фокус: Вие велите дека 51 отсто од БДП долг е висок долг?

Наумов: За земја како Македонија, во која растот на долгот се реализирал во непродуктивни проекти, не креирал економска база за иден раст кој би го враќал долгот и во кој не постои независна контрола на јавните финансии, а гувернерот на НБРМ е обичен владин службеник, јавниот долг од 51 отсто од БДП е енормно висок и нѐ вовлекува во должничка криза.

Фокус: Како ја толкувате прилично разумната висина на каматата за еврообврзницата, како умешност на преговарачите или со условите на светскиот пазар?

Наумов: Како и за многу други работи, ние најверојатно сме единствената држава во светот која мислеше да организира државна прослава затоа што сме се задолжиле за пола милијарда евра. Но, како и за сите други порази кои оваа власт виртуелно им ги прикажува на луѓето како победи, и сега таа бараше аплаузи на јавна сцена. На почетокот дури се обидоа преку режимските медиуми да продаваат манипулација дека постои тепачка за инвестирање во Македонија, а не дека се работи за класично задолжување. Сите што малку ги познаваат работите на меѓународните финансиски пазари, знаат дека тука не помагаат никакви способности за преговарање, туку само финансиски математики.

Условите на пазарот се такви и она што го крие власта со своите спинови и нѐ споредува со други земји, е фактот дека пред неколку месеци Грција, земјата што сѐ уште не е излезена од состојбата на контролиран банкрот, издаде еврообврзница со принос од 4,25 отсто слично како Македонија.02 Kire NaumovЕВРООБВРЗНИЦАТА ЌЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ГОДИНЕШНИОВ ДЕФИЦИТ

Фокус: Тоа не го менува фактот дека станува збор за историски најниска камата за еврообврзница…

Наумов: Во економијата постои основно правило дека доколку владата се задолжува по стапка повисока од стапката на растот на БДП, долгот на земјата ќе расте. Владата на Груевски го има направено рекордот во оваа диспропорција кога се задолжуваше и на меѓународниот и на домашниот пазар со каматна стапка од 10 отсто, а економијата имаше раст од минус 1 отсто. Она што и вие го викате разумна стапка, е стапка повисока од стапката на раст на БДП за 2014. Воедно, тука постои и манипулација со рокот на обврзницата. Оваа еврообврзница има рок од 7 години, за разлика од онаа во 2005 година, која имаше рок 10 години. Сигурно дека доколку рокот беше подолг, приносот и на оваа обврзница, како и каматната стапка немаше да бидат историски најниски.

Фокус: Зошто се брзаше со издавањето на еврообврзницата, мислите ли дека парите нема да одат само за раздолжувања?

Наумов: Најважната манипулација е моментот на издавањето на обврзницата. Тука е сосема јасно дека владата не може да го покрие буџетскиот дефицит за оваа година и под тој притисок ја издала еврообврзницата. Тоа може да нѐ чини неколку десетици милиони евра.

Фокус: Дали ваша идна влада не би имала проблем да се задолжува со овие каматни стапки?

Наумов: Сѐ ќе зависи од состојбите на финансиските пазари. Ќе зависи и од тоа какви ќе бидат реалните дубиози во јавните финансии што ќе ги остави оваа власт. Но, едно е сигурно. По оваа расипничка власт, секоја идна влада ќе мора да се задолжува по каматни стапки пониски од реалната стапка на раст на БДП што ќе ги остварува. Во секој друг случај таа ќе мора да бара начин за консолидирање на јавните финансии, што секогаш е болен процес.

Фокус: Во економската наука е познато оти задолжувањата и не се така лоша работа доколку парите паметно се користат, па по два мандати, еве, најавена е и изградба на автопати, може ли да се оспори задолжување за градба на инфраструктурни објекти?

Наумов: Како што велите, по два мандата или за да биде појасно, дури по осум години, владата решила да се занимава со градба на инфраструктура. Нашите критики нема да беа такви во овој период ако целиот овој раст на долгот одеше во економска база, патна или енергетска инфраструктура, која денес ќе резултираше во услови економијата да расте со стапка од околу 7-8 проценти. Кога велевме дека тоа се вистинските инвестиции, владата и режимските трабанти велеа дека во нивната програма се проекти од типот на „Скопје 2014“, дека овој народ нема потреба од автопати и дека е фашистички што ние правиме упад во волјата на народот што гласал за таа програма. Денес овие неколку милијарди долгови не може да ги врати ниту Воинот на коњ, ниту панорамските тркала, ниту целиот барок на овој свет.03 Kire Naumov„АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“  Е КАКО ЕСЕНСКА ОРАНИЦА

Фокус: Мислите ли дека намерно се одбра таква стратегија?

Наумов: Оваа власт, во текот на 8 години, избра да вложува во проекти кои се најпогодни за корупција и кои популистички се најпогодни за манипулација со гласачите. Оваа власт свесно знаеше дека ефектите од инвестирање во инфраструктура доаѓаат многу подоцна, а нив им беа потребни само победи на избори, кои се организираа секоја година. Најстрашното е тоа што денес имаме признание дека, не само што не се градела нова инфраструктура, туку не се одржувала и постоечката. Денес она што некој така гордо го нарекол автопат „Александар Велики“, изгледа како ораница во есен. Затоа, мислам дека оваа влада многу бргу ќе се откаже од најавените проекти, посебно доколку опозицијата и јавноста продолжат да ги откриваат криминалните појави, како случајот „Актор“, и набргу ќе се врати на популистичкиот тип на непродуктивно, кичерајско инвестирање на народните пари.

Фокус: Опозицијата во континуитет најавуваше банкрот на државата, односно неможност за сервисирање на тековните обврски за плати, пензии и слично, но до такво нешто очигледно не се доаѓа бргу. Дали ситуацијата, сепак, не е толку драматична?

Наумов: Дали е драматична, покажуваат сите владини мерки во периодот по изборите. Сите овие мерки покажуваат дека буџетот и фондот за ПИОМ и здравство имаат дефицити кои веќе не можат да се одржуваат. Притоа, имајте секогаш предвид дека и Грција до последен ден, кога на виделина излегоа финансиските дубиози кои значеа специфичен банкрот, редовно исплаќаше 14 плати и пензии годишно, вработуваше огромен број луѓе во администрацијата и имаше вонредно лесни услови за одење во пензија. И едно утро сите се разбудија во суровата реалност. Истото се случувало и во сите земји кои влегле во банкрот. До последен ден секогаш состојбата изгледа розово, затоа што сите влади кои ги внесувале своите земји во должничко ропство, како што е и нашава, знаеле дека мораат на секој први најпрво да го подмират социјалниот мир со плати и пензии и мирно да продолжат со своето расипништво.

Фокус: Но, власта доби верификација на своите политики на избори…

Наумов: Некои граѓани во некои држави тоа го насетувале и порано ја менувале власта, а некои спокојно го чекале денот на горката вистина. Останува да видиме дали кај нас мнозинството ќе сфати дека денес вршиме огромна генерациска неправда. Платите и пензиите што ги исплаќа оваа влада, не се резултат на економската активност, туку се пари што доаѓаат однадвор.

Фокус: Но, Македонија е мала економија, а пари на меѓународните пазари има многу, тоа би значело дека во една ваква ситуација земјата може да издржи на подолг рок?

Наумов: Пари имало секогаш на меѓународните пазари, ама истовремено секогаш имало и банкроти на државите. Дали Македонија ќе наоѓа уште подолг период пари од комерцијални кредитори на финансиските пазари? Одговорот е да. Таквите инвеститори живеат и заработуваат милијарди од „пациенти“ како Македонија. Погледнете ја само нивната бескрупулозност, не навлегувајќи дали е таа оправдана или не, но во секој случај е легална, во односот со Аргентина деновиве. Таквите никогаш не простуваат долгови и не ги интересира во каква беда ќе живее народот, кој треба да ги враќа. Така да бидете сигурни, Македонија, под различни услови, со оваа влада секогаш ќе наоѓа кредитори и може да го зголеми долгот и до 100 отсто од БДП.04 Kire NaumovРАБОТНИЦИТЕ НАЈМНОГУ ЌЕ СТРАДААТ ОД НОВИТЕ МЕРКИ

Фокус: Мислите ли дека стопанството може да ги издржи новите мерки за плаќање на придонесите за хонорарците, намалување на прагот за регистрирање на ДДВ обврзници?

Наумов: Многу тешко. Стопанството живурка и до сега. Прво, не знам за кое стопанство ние воопшто зборуваме. Денес во Македонија постои една фамилијарно-кумовско поврзана олигархија, која веќе поседува над 50 отсто од различните компании што вредат нешто и носат висок профит. До крајот на оваа власт, сигурно ќе стигнат до 100 отсто сопственост врз сѐ што вреди како економски капацитет. Остатокот се ситни бизниси кои живуркаат на работ на егзистенција и имаме само уште неколку компании произлезени од првичната приватизација, чии сопственици по долги перипетии, платен рекет или откажување од дел од бизнисот, се обидуваат да ја задржат економската супстанца на тоа што им останало.

Фокус: Добро, тука се странските инвестиции…

Наумов: Странските инвестиции се приказна за себе, која нема никакво влијание врз економскиот раст. Зборуваме за лон производство за кои власта субвенционира огромни суми пари и каде што лежи огромна корупција, која ќе се види тогаш кога во јавноста ќе излезе барем еден договор со кој било странски инвеститор, имајќи предвид дека сите досега се тајна.

Фокус: Имплицирате дека од мерките најмногу ќе настрадаат работниците?

Наумов: Ако се вратиме конкретно на првата мерка, укинувањето на плаќањето само на персонален данок од 10 отсто  за хонорарните договори и зголемување на давачките до 40 отсто е, всушност, почеток на напуштање на концептот на рамен данок. Но, тоа не е лошата страна на оваа мерка. Она што е загрижувачки е што ова укинување ќе го осетат по својот џеб граѓаните што имаат просечни или примања нешто над просекот во Македонија. Односно слојот на граѓани што треба да биде столб на секоја здрава економија. Сопствениците на фирмите и понатаму добивката од своите фирми ќе можат да ја извлекуваат со пониски давачки кон државата (буџетот) преку други форми, како на пример дивиденди и слично. Но, сите други, кои, покрај својот редовен работен однос, имале и дополнителни примања заради одредени свои знаења или вештини, ќе бидат на еден начин казнети со оваа мерка на владата на Груевски. Со оваа мерка де факто се зголемува процентот на данокот, но само за одреден број граѓани. Најбогатите повторно нема да почувствуваат никакви реперкусии по својот џеб.

Фокус: Сепак, тешко дека пред работниците може да се брани тезата дека за нив не е добро да се плаќаат полните придонеси?

Наумов: Не, тоа е повторно манипулација. Ако ова и сите претходни биле добри мерки во корист на фирмите и работниците, зошто се чекало 8 години. Бидете сигурни дека и компаниите и луѓето што прифатиле да имаат авторски договор, се нашле по некоја економска логика. Работодавците биле подготвени да платат само персонален данок, а работниците биле среќни со својот нето-приход. Кога ќе настапи оваа мерка, работодавците во најголем дел нема да прифатат зголемување на својот трошок на име на придонеси и ќе им понудат на работниците иста сума која во нето-износ ќе биде помала од претходно. Поголем дел од работниците нема да прифатат и економската активност ќе се намали, а оние што ќе прифатат, ќе имаат помалку средства за лична потрошувачка. Резултатот ќе биде само мало привидно намалување на регистрираните невработени и негативна контрибуција во економскиот раст.05 Kire NaumovНЕМА ВРАЌАЊЕ НА МАНДАТИТЕ ДО ДОГОВОР ЗА ТЕХНИЧКА ВЛАДА

Фокус: Ве има на прес-конференциите на СДСМ, од каде ги критикувате владините економски политики, но знаејќи ја медиумската слика се чини дека гласот на опозицијата сѐ потешко допира до народот, гледате ли стратегија во СДСМ за да се премости овој недостиг од комуникација меѓу Вас и граѓаните?

Наумов: Самата формулација на прашањето е доказ за искривената слика што власта, со парите на сите граѓани и фирми, преку медиумските мегафони секојдневно ја наметнува. Дека за сѐ е виновна опозицијата, првата теза, и дека опозицијата нема стратегија, втората теза. Состојбата во Македонија не смее да биде грижа само на опозицијата, туку на сите што се обидуваме да опстанеме во нашата татковина, а, за жал, сме сѐ помалку. Видете, во услови кога на безмалку сите медиуми имате избор или да го гледате премиерот и владините министри или, пак, турски серии, основното прашање не е дали опозицијата има стратегија. Да, опозицијата во овој период мора и може да се адаптира на стратегијата на неприфаќање на мандатите до исполнувањето на условот за формирање техничка влада, која ќе организира избори, користење на она што веќе се нарекува осма сила, односно интернет-новинарството и пренесување на своите активности директно меѓу граѓаните, па макар тоа некои го викале водење политика сред село, пред кооперација, во киносали или на отворена сцена каде било.06 Kire Naumov

БОГОВ БЕСРАМНО ЈА ЛАЖЕШЕ ЈАВНОСТА

Фокус: Гувернерот Богов, исто така, имплицираше дека Македонија, согласно сите показатели нема да има проблем со долгот?

Наумов: Гувернерот на НБРМ, кој со закон има загарантирана независност, станува обичен владин службеник. Ако сте забележале, во последниот период немаме ниту еден збор критика кон власта за буџетските дефицити во последниот период, иако истиот тој Богов порано и за помали нарушувања знаел да реагира.

Секако, врв на овој полтронски однос на гувернерот е неговото последно нарачано интервју на МТВ. Дента кога и ММФ и опозицијата излегоа со бројките дека јавниот долг е 51 отсто од БДП, владата го намести гувернерот пред јавноста да се обиде да го демантира тоа. Богов, не знаејќи како да ја демантира оваа бројка, искажа скандалозна лага на отворена сцена, велејќи дека во овој долг е и долгот на НБРМ. И ММФ во својот извештај, а и ние од СДСМ, на својот прес кажавме дека пресметките се без долгот на НБРМ. Богов тоа го знаеше и бесрамно лажеше за да одработи за владата. Знаете, во вистински демократии, тука новинарката немаше блажено да се смее, туку ќе го прашаше зошто лаже. Јавниот сервис не собра доблест да го објави и демантот од СДСМ во чиј прилог стоеше извештајот на ММФ, каде што јавниот долг е пресметан без долгот на НБРМ.

ВЛАДАТА Е РАЗУЗДАНО ДРУШТВО

Фокус: Дали идните генерации ќе ги издржат овие сегашни задолжувања?

Наумов: Во принцип се однесуваме како она разуздано друштво од познатата бесплатна кафеана. Неколку безработници шетајќи налетале на една кафеана во која пишувало дека сѐ е бесплатно. Јадете и пијте колку сакате, а за вас ќе платат некогаш кога тука ќе дојдат вашите деца. Друштвото седнало и удрило на јадење и пиење цели три дена и три ноќи. Кога решиле да си одат, газдата донел огромна сметка и барал да му се плати. Веселото друштво кажало дека не мислат да плаќаат затоа што тоа некогаш ќе го сторат нивните деца, како што стоело на натписот на меаната. На тоа газдата одговорил дека ова и не е нивната сметка, туку е тоа сметката на нивните татковци, кои пред многу години пиеле и јаделе во истата кафеана.

Поврзани новости